На денешната седница на Уставниот суд, на која треба да е најде Законот за употреба на јазиците, објавени се документи во кои пишува, да не се поведе постапка за Законот за јазиците во целина бидејки употребата на јазикот што го зборуваат етничките заедници над 20 отсто е уставна категорија и не треба да сопре неговата примена. Ова стои во документ објавен од 360 степени како наводен реферат на уставниот судија што работел на предметот за Законот за јазиците.
Сепак, судијата известител препорачува поведување на постапка за оценка на уставноста на некои од членовите од Законот. Според документите спорно е водењето на судските постапки на албански јазик, но и двојазичните пари, како и употреба на албанскиот јазик во т.н. други институции без да се прецизира кои.
Во иницијативите, подносителите го оспоруваат постапувањето на Собранието на Република Северна Македонија во однос на донесувањето на Законот и сметаат дека претседателот на Собранието, иако бил должен, не го вратил предлогот на Законот и не побарал од предлагачот да го усогласи воведот на предлогот на Законот со Деловникот на Собранието, туку го доставил до пратениците со што сторил повреда на Деловникот на Собранието.
„Пред да се одржи општ претрес на седница на Собранието, предлогот на Законот не бил разгледан од матичните работни тела: Комисија за финансирање и буџет, Комисија за политички систем и Комитетот за односи меѓу заедниците, Законодавно-правна комисија со што била сторена повреда на Деловникот на Собранието на Републиката и на Амандман XII точка 1 ставови 4, 5 и 6 на Уставот. Исто така, во иницијативите се наведува дека е противуставно тоа што Законот не бил донесен со двојно мнозинство односно двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници и со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници кои припаѓаат на заедниците што не се мнозинство во Републиката. Воедно, подносителите сметаат дека претседателот на Републиката имал право на суспензивно вето, а објавувањето на Указот на Законот без потпис на претседателот на Републиката е неуставно дотолку повеќе што претседателот на Републиката немал уставно утврден рок, ниту санкција доколку не го потпише указот за прогласување на законот“, пишува во иницијативите.
На веб страницата на Уставниот суд, во ставката „материјални аспекти на оспорување“, пишува:
„Подносителите ја оспоруваат целината на Законот од аспект на Амандманот V од Уставот бидејќи ја проширувал уставната рамка дадена во овој амандман во врска со употребата на јазиците на немнозинските заедници и определувал еднаквост на друг јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните, со македонскиот јазик и неговото кирилско писмо како службен јазик на целата територија во Републиката и во нејзините меѓународни односи, наместо тој друг јазик и писмо да се користат како што е определено со Амандман V точка 1 ставови 3, 4, 5 и 6 од Уставот“.
Во иницијативите се наведува и дека „Називот на Законот“ бил непрецизен и создавал правна забуна, дека се однесува на македонскиот јазик, на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните на територијата на Републиката, како и на јазиците што го зборуваат припадниците на немнозинските заедници кои се под 20% од граѓаните во Републиката, што е спротивно на Амандман V точка 1 ставови 2, 3, 4, 5 и 6 на Уставот, како и на член 51 од Уставот.
Со иницијативите се оспоруваат и посебно секој од 25-те члена од Законот. Членот 1 од Законот е оспорен во делот: „(албански јазик)“ и делот: „согласно овој закон“ и сметаат дека се користат термини што не се содржани во Уставот во кој се наведува „20% од граѓаните“ што било спротивно на Амандман V став 2, 3, 4, 5 и 6 и на член 8 став 1 алинеја 3, член 9 и член 51 став 1 од Уставот.
Во наводите се наведува дека членот 2 од Законот пропишувал употреба на било кој од службените јазици во судските, управните, …и постапките пред …јавното обвинителство, како и во постапки пред сите други органи, тела и други институции, како и во областа на образованието, науката, здравството, културата, нотаријатот, извршувањето и во други ненабројани области, службени јазици да се македонскиот јазик и јазикот кој го зборуваат 20% од граѓаните што било спротивно на Амандман V точка 1 став 5 од Уставот, на член 8 став 1 алинеја 3, член 60, член 77 и Амандман XI, член 98 односно Амандман XXV, член 106 односно Амандман XXX, член 108, член 114 и Амандман XVI и член 122 од Уставот.
Членот 9 од Законот определувал дека во судските, управните, кривичните, парнични, вонпарнични, како и во другите постапки пред јавните обвинителства и сите други органи, тела и институции, се применуваат македонскиот јазик и писмо и јазикот и писмото што го користат најмалку 20% од граѓаните, сите постапки да се водат на македонски јазик и неговото писмо како и на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Републиката и неговото писмо. Доколку судија, јавен обвинител, странка или друг учесник во постапката е лице кое зборува јазик кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и необезбедувањето на превод за време на целиот тек на постапката претставува суштинска повреда на судската постапка што е спротивно на Амандман V и на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.
Предмет на оспорување се и членовите 12, 13 и 14 од Законот коишто се однесуваат на матичната евиденција, на личните документи и на патните исправи, при што тие акти припадниците на помалите етнички заедници не ги добивале по службена должност, со што биле ставени во нееднаква положба и е спротивно на Амандманите V и VIII и на член 54 став 3 од Уставот.
Оспорени се и членовите 18, 19 и 20 од Законот кои се однесуваат на основање на посебно правно лице – Агенција за примена на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Републиката заради примена и заштита само на тој јазик и писмо, а не и на примена и заштита и на другите јазици и писма на немнозинските заедници во Републиката со што се повредува начелото на еднаквост од член 9 од Уставот.
Со иницијативите се оспорува и член 23 од Законот, којшто, меѓу другото предвидува дека органите се должни да ги применуваат одредбите од овој закон во случај на нивната неусогласеност со јазичните одредби од друг закон без да биде прецизно определено кои се тие одредби, што се однесува и на законите донесени со двотретинско мнозинство што е спротивно на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.