Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за јавните набавки е повлечен, ќе оди во редовна постапка

Комисијата за финансирање и буџет на чиј дневен ред беше, Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за јавните набавки, по скратена постапка, го повлече материјалот и ќе оди во редовна постапка.

Повлекувањето на материјалот со измените, по скратена постапка, од страна на Комисјата за финансирање и буџет доаѓа по силните реакции од јавноста, граѓанските здруженија и опозициската СДСМ, дека владејачката ВМРО-ДПМНЕ прави упад во јавните набавки. Тие се едногласни дека јавните набавки мора да бидат подложни на најстроги контроли и целосна транспарентност и побараа јавна расправа.

Социјалдемократите предупредија дека со предложените измени на Законот за јавни набавки, ВМРО-ДПМНЕ се обидува да ги отвори вратите за неограничени злоупотреби на јавните средства, укинувајќи ја единствената заштита што го штити буџетот на граѓаните – управната контрола на Бирото за јавни набавки.

Пратеничката на СДСМ Јованка Тренчева, рече дека ова е и директен удар врз транспарентноста и борбата против корупцијата и уништување на Законот од 2019 година. Ова е отворање на пат кон масовна корупција и враќање на системот во времето на неказнети тендерски злоупотреби.

„Со овие измени, ВМРО-ДПМНЕ сака целосно да ги отстрани сите контролни механизми, претворајќи го Законот за јавни набавки во алатка за нивни лични интереси. Укинувањето на управната контрола создава идеални услови за коруптивни зделки, непотизам и злоупотреба на парите на граѓаните. Ова значи дека јавните набавки повеќе нема да бидат под никаква контрола, а јавните пари ќе завршуваат во џебовите на привилегираните фирми блиски до врвот на ВМРО-ДПМНЕ“, рече Тренчевска.

Опозицијата смета дека со ваквата измена, ВМРО-ДПМНЕ го враќа времето кога ‘тендерите беа само формалност, а договорите однапред се договараа во партиски канцеларии’.

„Ова е враќање на режимското владеење кое ги ограби граѓаните и ја зароби државата во мрежа на корупција и клиентелизам. Граѓаните мора да бидат будни, ова не е само техничка измена на закон – ова е опасен обид за целосна узурпација на јавните средства. Ги повикуваме граѓаните да се спротивстават на оваа манипулација и да го заштитат буџетот кој е нивни, а не партиски. Јавните набавки мора да бидат подложни на најстроги контроли и целосна транспарентност“, рече Тренчевска.

Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата побара веднаш да се стопира иницијативата за измена и дополнување на Законот за јавните набавки, поднесен во Собранието по скратена постапка на 5 декември 2024 година, од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ.

„Предложените законски измени со кои се укинува управната контрола на јавните набавки што ја спроведува Бирото за јавни набавки претставуваат сериозно уназадување на заштитата од корупција во услови кога според оценките на сите релевантни меѓународни и домашни чинители корупцијата во јавните набавки е широко распространета. . Наместо, според препораките, да се зајакнува управната контрола и да се проширува опфатот на тендери кои ќе бидат контролирани врз основа на постојните „црвени знаменца“ за ризици од корупција, оваа контрола се укинува без каков и да е аргумент. Воведувањето на т.н. административна проверка наликува на стариот механизам кој веќе се применуваше и беше предмет на многу контроверзи и критики од сите релевантни институции“, пишува во соопштението на граѓанските здруженија за борба против корупцијата.

Тие уште предупредија дека со новите измени, повторно се предвидува престанок на мандатите на претседателот и на членовите на Државната комисија за жалби по јавни набавки, без да бидат исполнети услови за разрешување и без какви и да се јавни консултации.

„Ваквиот упад во работата на институциите кои по својот модел треба да бидат независни од централната власт, претставува опасен преседан и води кон дополнителна партизација на институциите. Особено загрижува моментот кога се предлагаат овие и низа други измени во Законот, односно при историски највисок буџет, нови задолжувања и секојдневни индиции за злоупотреба на јавните пари, со што ваквите измени се чекор назад во градење на систем кој може да ја спречува  и ефективно да ја санкционира корупцијата,“ пишува во соопштението.

Тие бараат при какви било намери за измени на законската регулатива од доменот на јавните набавки, да се организира консултативен процес во кој ќе учествуваат сите  надлежни институции како Бирото за јавни набавки, Државната комисија за жалби по јавни набавки, Министерството за финансии, Државната комисија за спречување на корупцијата и граѓанските организации кои работат на антикорупциска проблематика.

Според нив практиката на донесување законски измени во скратена постапка, без консултативен процес, особено за решенија кои може да влијаат негативно врз борбата против корупцијата, е неприфатлива и спротивна на европските заложби за демократско, инклузивно и стручно креирање на јавните политики. 

Зачлени се на нашиот е-билтен