„Од загадениот воздух допрва ќе ги гледаме последиците врз здравјето на идните генерации“, рече денеска копетседателката на ДОМ, д-р Ана Угрински.
“Во Македонија сега скоро излезе монструозен податок, од 10 деца што ќе ни починат, а се помали од една година, кај едно е причина аерозагадувањето. Мислам тоа е ужасен податок,така да навистина последиците врз здравјето на луѓето се огромни“, рече др. Угрински.
И најновиот извештај на УНИЦЕФ, поврзан со загадениот воздух се предупредува дека дека смртноста кај новороденчињата во Македонија е висока.
„Во Македонија, смртните случаи на новороденчиња кои се поврзани со загадениот воздух сочинуваат 11,6 отсто или 1 од 9 смртни случаи на деца на возраст до една година“, стои во извештајот.
Во меѓувреме во Буџетот за 2025 година кој владејачкото мнозинство го изгласа, парите за заштита на животната средина се намалени за цели 25%, парите за квалитет на воздух се намалени за 51% а парите за развој на енергетиката се намалени за 41%. Парите за гасификација речиси се преполовени, додека за енергетска трансформација, која е неопходна за намалување на загадувањето, нема ништо предвидено.
Според опозицискатка СДСМ, Вадата предводена од Мицкоски и ДПМНЕ не презема никакви конкретни чекори за намалување на загадувањето на воздухот, туку и го намалува буџетот за клучни области како животната средина, енергетиката и квалитетот на воздухот.
„Ниту најавената гасна конгенеративна централа и ветената инвестиција од 1 милијарда евра ја нема во предложениот буџет. За власта на Мицкоски поважно е луксузирањето, па затоа во Буџетот има повеќе пари за мебел, за возила, за стоки и услуги. Со ова, власта на ДПМНЕ покажува дека не само што нема стратегија за борба против загадувањето, туку и нема волја да го подобри квалитетот на воздухот“, велат во СДСМ.
Извештајот на УНИЦЕФ наслвоен како „Почетоци без здив: политики за заштита на децата од загадениот воздух во Европа и Централна Азија“ покажува дека во поголемите градови низ Европа и Централна Азија, загадувањето на воздухот редовно ги надминува безбедните нивоа според Светската здравствена организација (СЗО), и станува главен еколошки ризик по здравјето на децата од регионот.
Во Македонија, ризиците од загадениот воздух се особено високи. Скопје веќе редовно се појавува меѓу првите 10 најзагадени градови во светот, а просечните нивоа на ПМ10 или ПМ2,5 честички ги надминуваат дозволените граници повеќе од 100 дена во годината.
Според новите податоци, на УНИЦЕФ, освен што претставува сериозна причина за смрт кај новороденчињата загадениот воздухот ни одзема повеќе здрави години од животот во споредба со кој било друг поединечен еколошки фактор, како што се високите температури, нечистата вода и лошите санитарни услови.
„Бебињата и малите деца се најизложени на ризик од смрт и лошо здравје поради загадениот воздух. Раната и честа изложеност на загаден воздух – почнувајќи уште од матката – води кон смалување и реструктурирање на белите дробови и го зголемува ризикот од пневмонија, инфекции на горниот респираторен тракт, инфекции на увото, астма и алергии. Дишењето загаден воздух може да предизвика воспаление на мозокот, да го попречи растот и да влијае врз когнитивниот развој, како и на училишниот успех“, пишува во документот на УНИЦЕФ.