Важно е со титулата Европска престолнина на културата за 2028 година да се врати сјајот и идентитетот на Скопје. Веќе стигнуваат интересни иницијативи во однос на програмите, иако загубивме година дена без помош од градот Скопје, порача министерот за култура и туризам Зоран Љутков на брифингот со новинарите.
Тој на денешниот брифинг со новинарите посочи дека е во комуникација со сите амбасадори и ја бара поддршката од Европските комисии, за да не се изгуби овој проект, но сепак немаше информации кои чекори ќе бидат преземени со оглед на тоа дека носител на проектот е Универзална сала, а Град Скопје треба да формира тело за оваа намена.
-Се обидувам колку е можно да одржиме некоја нормална комуникација со градот да ја задржиме таа титула. Се појавуваат некакви иницијативи и стравови дека можеме да ја загубиме титулата, тоа би било погубно, бидејќи никогаш не се случило во историјата на Европа да се одземе оваа титула од одреден град, рече Љутков.
Тој додаде дека е важно со титулата Европска престолнина да се врати сјајот и идентитетот на Скопје, а за овој проект најзначајни ќе бидат Поштата, Универзлната сала и Скопското Кале, кои треба да бидат места за одржување на културните манифестации во 20238 година.
Најави дека ќе има многу програми, многу културни политики, туристички политики, а како што посочи, веќе стигнуваат многу интересни иницијативи во однос на програмите, но сепак освен дека во следните две години треба да се завршат првите два објекта, Љутков беше прецизен само за Калето кое до почетокот на летото би требало да биде официјално отворено за посетители.
– Вчера го имав првиот состанок со Советот за културно наследство, со кој го видовме и извештајот кој што беше направен од работната група формирана од Управата за заштита на културното наследство и во наредниот период ќе преземеме конкретни чекори бидејќи имаме буџет во 2025 година за таа намена. Се надеваме дека до почеток на летото веќе ќе можеме да го отвориме Калето официјално за посетители. Освен Калето и содржините што ги имаме внатре, во Калето, а тоа се музеите, рече министерот Љутков на новинарско прашање по промоцијата на софтвер за водење на заштитните евиденции и Националниот регистар на културното наследство.
Во однос на истражувањето на археолошкиот локалитет во струшко, тој кажа дека ископувањето е завршено и затворено. Конзервација на пронајдените предмети прави Заводот и Музеј од Охрид и тие предмети ќе бидат изложени таму.
– Тој проект е капитална инвестиција за Македонија и се надевам дека ќе продолжи проектот од 25-та година натаму, вели Љутков.
На локалитет во селото Корошишта во струшко, откриени се стотина артефакти од непроценливо значење. Станува збор за монументална гробница, односно два гроба на маж и жена за кои се претпоставува дека потекнуваат од елитата, со оглед на богатите подароци пронајдени во гробот.