Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Што значи да се извртува вистината и да се сее омраза од премиерска позиција

Во трудот да замачка „татковска фигура“ за да не биде очигледно тиранска ваквата пирамидална структура, неопходни се фигури како маж – премиер со голема извршна власт, а Мицкоски дури и натфрла над олигархиските очекувања со немањето гајлиња да е контрадикторен во иста реченица, да лаже во кратки временски интервали, да сее омраза на стандардни линии – национални, но ете, се потруди и на полова основа, не еднаш. Навистина се труди ЕУ да ја отпише Северна Македонија и така да се избори за патронското место во неопатримонијалната структура околу него

Емилија ЦЕЛАКОСКА

Не дека во траг следам вести или баш премиерот, но некако во 2-3 случаи врз сетилата ми слетаа десетина-секундни примероци од негови искажувања. Овде нив ќе ги третирам како брис под микроскоп, во смисла дека не е толку концентрацијата на нив како faux pas на премиерот, туку од нив да извлечеме информација за тоа која бактерија го тормози општественото тело (македонското, но и други) и да бидеме љубопитни дали ЕУ има антибиограм или барем работи на тоа.

Значи, еве, слабо би било да се каже дека прераскажувањето на личноста Мицкоски околу „размената на реченици“ меѓу колегите премиери на Северна Македонија и Бугарија – е дезинформација. Суштински, тој одговор на новинарско прашање, извршен од премиерска позиција беше антимакедонска и анти-ЕУ измама и, исто така, говор со намена за маркетинг на личноста Мицкоски, специјално на тема – каква жртва е тој, лично. Но не за нацијата, како што би сакал да е сфатен, туку против неа. Самото пренесување на таа „размена“ со колегата бугарски премиер е специјална валкана бомба, дури и ако на буквалистичко ниво пренесувањето е вистинито, затоа што, барем до моментот на одговарање пред микрофон требало веќе да претпостави дека не е папагал или некаков мемориски чип со звучник, па дословно да ни прераскаже што се случило „од нога“ меѓу двајцата колеги премиери. Имено, можно е дека колегата од Бугарија, претпоставувал дека овој нашиов со голема веројатност ќе му ја заврши валканата работа со саморекламерски плачки пред микрофон, па лично му дал чист гол за да поплаче пред камери. Дури и неважна е моменталната лична самоодбрана, која и така отсуствувала (како инаку би ги мразеле тие што биле „против нас“ во расказот пред новинарите). Со тоа, бугарскиот премиер, земајќи си ги под контрола марионетските конци што суетата на нашиов му ги овозможила, направи македонската страна да си забие автогол во дипломатскиот авторитет преку разгласната кутија Мицкоски.

Односно, можеби бугарскиот колега работливо си проучил дека заради личната суета, Мицкоски е во континуирана несвесност за државничко однесување во, навидум, неформални ситуации, па пробал (и успеал, не во свое, туку во име на бугарската страна) да капитализира на тоа. Несвеста за својата нација при неформалности, кај Мицкоски беше евидентна на пример, при несмасното самопонижување „има мало и код нас у Македонији“ на самозадоволниот пецкачки хумор на Вучиќ за убавите жени, во кој Мицкоски суетно си се наоѓа на страна на понижувач на женскиот дел од македонската нација. Но, можеби и покрај евидентната национална несвест, можеби не е така наивен целиот самоприказ на неспособност што се маскира во измачена патриотска жртва. Можеби има уште еден слој во кој бугарскиот премиер има улога на пријател, само, како волк кој е сит додека овците се на број. Меѓутоа, овој слој станува видлив затоа што само некои од овците му се на број.

Зошто овој, но и други примери се валкана бомби за македонските граѓани? Да се потсетиме дека дефиницијата на валкана бомба е „уред за радиолошка дисперзија“. Целта на бомбата е да ја контаминира областа со радиоактивен материјал, служејќи првенствено како уред за одбивање на цивили. Евидентни се аналозите во (мис)информативнава валкана бомба. Лагата си е лага, неснаоѓањето си е неснаоѓање, суетата и други карактерни дефицити си се само тоа, но од премиерска, репрезентациона и воедно институционална позиција, добиваат димензија на намера, затоа што никој не претпоставува дека постои можност идиот да биде на таква извршна позиција. Но, каква е таа намера, тогаш, на очиглед на сите европски претставници и колеги од другите земји на слична извршна позиција, да се рекламираш себеси (евентуално и партијата), а воедно да ја ослабнуваш позицијата на сопствената држава?

Прво, лесно се гледа и буквално секој може да ја види лагата дека продолжетокот на нашиот пат кон ЕУ зависи наводно од билатерален спор („рампата“ – кога Бугарија ќе ја кренела)! Еден европски дипломат нема да претпостави „каков идиот, господе боже“, туку ќе се запраша како ваквото јавно, а воедно очигледно лажење е во корист на државата која овој премиер ја претставува. Имено, секој знае дека муабетите за „рампа“ и слични претварања на преговарачката Рамка во билатерален спор со Бугарија денеска се лага, затоа што бугарскиот парламент со 170 гласа ја усвои Рамката и со тоа го крена ветото во јуни 2022 година. Но, лагата за билатералност се стреми да стане вистина, односно спор навистина да има, и тоа официјално, на хартија. Згора на тоа, не само да остане билатерален, туку да е спор со ЕУ, пропагирајќи дека ЕУ се поставува на страна што е билатерално против Македонија („сите се против вас“ беше наменето за возбудување). Сеење омраза кон Бугарија, но и кон ЕУ. И не застанува на фактички лаги, туку продолжува да бара ѕвезди и месечини, некаква резолуција за идентитет што никој друг ја нема. Зошто? Зарем не е на штета на неговата земја, Северна Македонија, да ги тормози односите меѓу ЕУ-членките? Зарем ЕУ не покажа еднаквост на македонскиот јазик и нација со другите европски јазици и нации?

Сериозен европски дипломат сеуште нема да претпостави „каков идиот, господе боже“, туку ќе разбере, тогаш, дека претставникот на Република Северна Македонија не е расположен за европските стандарди. Дека, некако, македонскиот премиер дошол во таа позиција да ја претставува државата, но со оглед на метриките (сериозни анкети) според кои македонскиот народ има аспирација за членство во ЕУ, неговите дејства се за одбивање на ЕУ од Северна Македонија, без оглед колку голите изјави дека државата му го заслужува членството во ЕУ се експлицитни. Бидејќи, многу јасно, таквата експлицитност се анулира самата кога се работи на спротивното, особено што ЕУ – стандардите се такви што секој би сакал да се пофали со нив како аспирација. Дури и автократите не ги спорат баш сите ЕУ-стандарди конкурирајќи им со затворени, но најмалку наративно, ако не и комплетно нивни аналози, што самото по себе е пофалба.

Тогаш, единствениот заклучок (секако, пречкртувајќи ја опцијата „идиот“), е дека постои структура која овој премиер ја претставува под маска дека ја претставува македонската нација, а на која европските стандарди не ѝ одговараат. Но, ЕУ не е од вчера – сите релации со авторитарноста во самата Европа (и пошироко) се олигархиски поткрепени, односно олигархијата има алатка да стимулира затварање какво што ѝ е локално потребно. Авторитарноста е алатка, не идеологија, за опонирање на секаква отвореност, особено онаква што е заснована на европски стандарди. Затвореноста на олигарсите им е потребна, јасно, заради одржување монопол, заради комотност од конкуренција на поголем пазар, ако може и до бесконечен неквалитет на стоката и услугите за мал пазар како Македонија. Затоа и се поврзуваат со партии кои тврдат „конзервативност“. Еден олигарх, за последиците од него и неговата олигархиска „култура“, како на пример сѐ подрастичната социјална не-благосостојба, па макар и до прекаријат на просјачки стап –  воопшто не е заинтересиран. 

Секој посветен европски дипломат досега има сфатено дека Мицкоски, заради отпорот кон европските стандарди, е поставен како (уште една) таква олигархиска алатка. ЕУ вака се наоѓа во пат-позиција кога ниту би било добро за ЕУ Северна Македонија брзопотезно и вонстандардно да се направи ЕУ-членка заради заразеноста со неопатримонијализмот – лукавата олигархиска политичка „култура“ која, многу јасно, не може да е изворно македонски изум, а од друга страна, еднакво лошо за ЕУ е да ја блокира, односно да постапи во насока која премиерот на Северна Македонија ѝ олеснува на ЕУ да ја „откачи“ благодарение на непристојното додевање, јавното лажење и измамништво против ЕУ, како и самоблокада со авто-вето на сопствената земја.

Се разбира дека ЕУ не може да биде ЕУ ако демократските институции во членките и аспирантите гнијат. За разлика од првичните појави во историјата кога патримонијализмот се појавува заради растуреноста на државата од надворешни причини, па кланови од роднини и нá-ти-дај-ми лојални „алтруисти“ (така ги вика Фукујама) преземаат пирамидално-хиерархиска власт со патрон на чело, на авторитарен начин без checks and balances (но, не тиранин туку со „неонска“ реклама на татковска фигура), денешниот неопатримонијализам има за цел внатрешно гниење на демократските институции, првенствено правосудните, со цел воспоставување на таква клановска + нá-ти-дај-ми култура на владеење. Во трудот да замачка „татковска фигура“ за да не биде очигледно тиранска ваквата пирамидална структура, неопходни се фигури како маж – премиер со голема извршна власт, а Мицкоски дури и натфрла над олигархиските очекувања со немањето гајлиња да е контрадикторен во иста реченица, да лаже во кратки временски интервали, да сее омраза на стандардни линии – национални, но ете, се потруди и на полова основа, не еднаш. Навистина се труди ЕУ да ја отпише Северна Македонија и така да се избори за патронското место во неопатримонијалната структура околу него, во која секој секому му е врска и секои двајца имаат нá-ти-дај-ми или се роднини од ист клан.

Македонскиот народ, во своите аспирации да го изоди европскиот пат и да ги имплементира европските стандарди, всушност нема претставник.

Така, не е точна изреката за причините за спороста на администрацијата на ЕУ. Суштински, ЕУ го решава милениумскиот проблем: Моќните (олигарси) наспроти останатите. Стандардите на ЕУ се про-социјални и поддржуваат механизми на повеќестепена (моментално три-степена – законодавна, извршна и судска) взаемна контрола на секоја од тие власти и воедно контроли. Овој механизам само скратено го нарекуваме демократија и демократски институции. Заради ова и заради кореспондирачката ориентација кон социјалната благосостојба (social welfare), стандардите на ЕУ кореспондираат со социјал-демократските принципи. Ова значи дека радиоактивното дезинформативно, мисинформативно зрачење, полно со пизма кон претставниците на социјалдемократските организации (партии, невладини, граѓански, ЕУ екстензии, итн.), е индикатив за намерен процес на неопатримонијална деконституција на демократски воспоставената држава. Ако на законодавно двотретинско мнозинство кое доаѓа од не-социјалдемократска или дури и анти-социјалдемократска подлога, му пречи бројка од едвај седминка социјалдемократи во истиот дом и на таа пизмачка основа ги ангажира своите неопатримонијални филијали во медиумите, извршната власт и други политички тегови на тасот, тогаш јасно е дека борбата во земјата не е политичка, ниту, пак, идеолошка. Се работи за најстарата борба во еволуцијата на човековата цивилизација – борбата меѓу олигарсите сиромашните во која олигарсите ја горат средната класа, всушност истата која ЕУ веќе мора ја решава после спласнувањето на огновите од Втората светска војна. Македонците, како што им е пишано со геостратегијата на оваа територија, стојат насреде виорот во ова цивилизациско решавање. Личноста Мицкоски, и покрај масивноста на македонскиот про-социјален, про-либерален и про-егалитарен опус, особено антифашистичкиот од НОБ, тенко се постави на спротивната страна.

ЕУ веќе има искуство кога со Венецијанската комисија во случајот со Украина го сфати парадоксот на деолигархизацијата: Храброста на Украина да дефинира што е олигарх и така на поединечна основа да го прекине гнилежот на институциите, навистина е во спротивност со принципите на владеењето на правото, но самата Венецијанска комисија формулираше препорака со „ако-тогаш“ така што во „ако“-то претпостави независно правосудство. Сепак, ЕК не е од вчера, па да не знае дека олигархијата го таргетира судството и тоа не само поединечно, туку користејќи ги луѓето – алатки од извршната власт, а идеално – премиер и мнозинство во законодавниот дом, коишто правосудството го „решаваат“ сеопфатно (шупливо-легалистички), се разбира со автократски „мерки“. Што значи, доколку основната дефиниција на деолигархизацијата – независното судство – е сеопфатно нападната, тогаш јасно е дека не може да се направи прогрес кон решението со стриктна осуда на поединечноста во алгоритмот што Украина го примени во 2021 година, туку кон негова модификација, на начин да одговара на принципите на владеењето на правото. Да не се чудиме ако на крајот излезе дека нападот врз Украина беше токму заради украинскиот „Закон за превенција од заканите за националната безбедност поврзани со прекумерно влијание на лицата кои имаат значајна економска или политичка тежина во јавниот живот (Олигарси)“ од јуни 2021 година. Обемно име, но забележливо ја тангира националната безбедност, фактор кој во македонскиот случај уште веднаш беше нападнат со владино назначување на толку неспособен „кадар“, што дури и фалсификатите со кои се „докажува“ за способен му се тажен виц.

Македонскиот народ, во своите аспирации да го изоди европскиот пат и да ги имплементира европските стандарди, всушност нема претставник. Затоа сите анти-олигархиски проби на ЕК во потрага по сеопфатен алгоритам за деолигархизација можно е да се вршат прво врз Македонија. Тоа би се случило и во еден друг случај. Имено, и покрај тоа што апстрактниот европски дипломат во приказнава упорно одбива едно можно објаснување, приказнава е во форма на Gendanken опит, па ако го вклучиме и тоа објаснување, пак Македонија нема свој претставник. И, со тоа ги исцрпуваме сите одговори на насловот.

Зачлени се на нашиот е-билтен