Во третата епизода на шорткастот на ИМА „Интеркултура” со Роберт Алаѓозовски, гостин е Фатмир Битиќи, пратеник во Собранието и поранешен вицепремиер за економски прашања. Во однос на длабоката поделеност на етничките заедници во општеството, Битиќи нагласува дека иако бевме очевидци на зближување во последните 7 години, сега повторно гледаме тенденција и повик за уште поголемо разединување.
Во разговорот, тој се осврнува и на предложените измени за законите во образованието, кои, според него, ја уништуваат инклузивноста не само на меѓуетнички план, посочувајќи го како пример повторното одвојување на децата со посебни потреби во специјални училишта.
„Пример за поделеното општество почнува од креаторите на политики. Сега во овој момент, на пример, ние гледаме еден обид на власта да протурка низа на закони во образование, во коишто буквално штетата ќе биде далекусежна и уште поголема, затоа што, целосно, инклузивноста во образовниот сектор ја уништуваат, ја разединуваат. Ако ние некогаш направивме реформи во коишто кажавме дека секое дете има право на образование, на соодветно образование, независно дали е дете со посебни потреби, или како што ги викаат деца вон редовниот наставен процес, сега они го враќаат моментот на поделба, во којашто децата со посебни потреби ги ставаат во специјалните училишта, затоа што сметаат дека го нарушуваат образовниот процес на другите. И, сметам дека ова е сржта на проблемот…Ако едно дете од мала возраст сфати дека треба да учи посебно, неинтегриран, кој ќе биде мотивот за да се чувствува дел од едно заедничко?“, прашува Битиќи.
Во однос на законските измени кои предвидуваат пеење на химната во училиштата и спротивставените ставови по ова прашање, Битиќи смета дека има друга побуда зошто процесот на општествена кохезија се води низ таков пат.
„Јас сум поборник на еден друг процес. Прво треба чувството на припадност и кохезија да го развиеш на друг начин, а луѓето, кога ќе се чувствуваат вклучени и во една заедница, ќе ја пеат и химната, и ќе веат исто знаме, затоа што се чувствуваат дел од тоа. Еве, класичен пример е македонската фудбалска репрезентација. До пред 8 години, тешко ќе видевте или ќе видевте еден – двајца надвор од македонската етничка заедница коишто играат. Денеска вие и на трибините ќе видите и Албанци и Турци и Македонци и Срби и било која етничка заедница. Сите буквално навиваат за тимот на репрезентацијата. А таму, пак, играат сите подеднакво, и даваат голови сите подеднакво, дури се гордеат со знамето коешто го носат. И нема никаков проблем затоа што е создадена одредена кохезија“, посочува Битиќи.
Алаѓозовски и Битиќи разговараат и за „балансерот“, етноцентричниот пристап на дел од политичките фактори во земјата, како и за борбата против корупцијата и организираниот криминал.
Погледајте и слушнете повеќе за овие теми во видео шорткастот „Интеркултура”.