Дали е можно да се формира една супер земја Обединети балкански држави (ОБД) и како би изгледала една таква федерација? Дали една ваква супер држава би ја сменила играта?
Ајде да видиме. Балканскиот регион опфаќа 11 земји: Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија, Романија, Бугарија, Северна Македонија, Косово, Албанија, Црна Гора и Грција.
Иако Словенија и Грција не се сметаат себеси за балкански земји, доколку би се обединиле во една, овие 11 држави би формирале нова земја со население од повеќе од 72 милиони жители.
Од аспект на број на население таа држава би била поголема од Шпанија или од Италија и ќе се најде на 20-тото место како најгусто населена земја веднаш пред Тајланд или зад Германија.
Вкупната површина на Обединетите балкански држави би ознесувала импресивни 831.687 квадратни километри ќе се простира меѓу Јадранското и Црното Море.
Како таква ОБД би била една од најразноличните држави која што би ги поврзала романскиот, бугарскиот, српскиот, албанскиот, македонскиот, словенечкиот, бошњачкиот, црногорскиот и хрватскиот јазик и грчкиот јазик.
Главен град… веројатно некој од поголемите градови како Атина, Белград, Софија, Букурешт…
Од економски аспект, една таква федарација би имала ГДП вреден повеќе од 500 милијарди долари, со што ќе стане земја ривал на повеќето европски земји.
Обединетите балкански држави би имале армија од 333.000 војници, 2446 тенкови, 1881 авиони и 18 подморници што ќе ја направи 16-та најголема воена сила во светот.
Обединетите балкански држави би имале армија од 333.000 војници, 2446 тенкови, 1881 авиони и 18 подморници што ќе ја направи 16-та најголема воена сила во светот. Со земји кои се веќе членки на НАТО, би била една од најмоќните сојузнички држави во Алијансата.
Случајно или не, оваа идеја која деновиве се појави на социјалните мрежи, се совпадна со слична на Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Северна Македонија, кој на социјалните мрежи објави дека за него „Балканот отсекогаш претставувал предизвик“.
„Толкава убавина на толку мал простор нема никаде“, напиша Азески.
Тој потсетува дека околу Балканот има 5 мориња: Црно, Мраморно, Егејско, Јонско и Јадранско море. Има огромни низини, планини, реки, езера…
„Нема само едно“, посочува Азески и вели „нема ум кој ќе успее да ги поврзе сите тие предности инфраструктурно“.
Тогаш ќе можеш да појадуваш во Дубровник, да ручаш во Солун, а да вечераш во Истанбул. Или, да појадуваш во Букурешт, да ручаш во Приштина, да вечераш во Драч“.
Овие варијации можат да бидат безброј и секој да си прави свои комбинации според сопствените преференци, желби или вкусови.
Куса историја на идеите за обединет Балкан
Долгодишното економско искуство и регионално присуство ги прави овие зборови на Азески прилично убедливи, но историското искуство на сите народи на овој простор ја прави оваа визија прилично утопистичка.
Некои од тие идеи биле реализирани, ако не со сите балкански земји. Последниот поголем сојуз бил оној на шесте републики Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија и Македонија обединети во Социјалистичка федеративна република Југославија. СФРЈ се распадна во војна, а нејзе и претходеше Југославија, односно Кралството на Србите Хрватите и Слобенците (СХС), а после неа југословенската идеја се „тенчеше“ во Сојузна Сојузна Република Југославија (СРЈ) од 1992 до 2003 на територијата на Србија (вклучувајќи ги и автономните провинции Војводина и Косово) и Црна Гора. Во 2003, името Југославија официјално е укинато и земјата станува лабава унија наречена Србија и Црна Гора.
Од идеите за сојуз или федерација на балканските земји се паметат оние како Балканска федерација или Балканска конфедерација. Оваа идеја ја претставил во Европа и ја популаризирал Пол Аргиријадес (1869-1894), но таа „паднала“ на македонското прашање.
Имено, откако балканските земји во 19 век се ослободиле од турското ропство и кога се формирале националните држави во Србија, Бугарија и Грција, започнала да се шири идејата за Балканската федерација.
Но, бидејќи македонските социјалисти се застапувале за создавање самостојна македонска република во федерација на балканските републики околу ова прашање не можело да се постигне согласност и идејата станала неостварлива.
Интересно е дека пред формирањето на СФРЈ во 1943 година, Велика Британија, една година претходно иницирала грчко-југословенски договор за формирање балканска федерација. За ова дури бил потпишан и договор на 15 јануари 1942 година во Минстерството за надворешни работи на Британија, а основниот принцип на договорот е „балканот на балканските народи“, меѓу кои, се разбира, воопшто не се спомнува македонскиот народ.
Само неколку часа подоцна, двата крала, кралот на Хелените Георги Втори, и кралот на Југославија, Петар Втори Караѓорѓевиќ, кои се наоѓаат во егзил во Каиро, одржуваат говори по повод потпишувањето на договорот. Во говорот, меѓу другото, изразуваат надеж дека федерацијата ќе обезбеди „среќа и просперитет на народите на Полуостровот“, дека федерацијата се формира во „интерес на најзините народи“ и дека со неа ќе се направат сосема невозможни „меѓусебните конфликти но ќе се формира и моќна одбранбена воена сила против каков било напад однадвор“.
Оваа идеја, како што потврди историјата, не се оствари затоа што со Комунистичката партија на Југославија со одлуките за формирање на СФРЈ донесени на 29 ноември на АВНОЈ, ја отфрли можноста да се врати кралот на Југославија, односно на СХС, и наместо монархија воспостави република со која раководеа комунистите.
Отворен и поврзан Балкан
Од поновите идеи за обединување на балканските држави се сеќаваме на онаа за Балканска унија во која би се нашле Македонија, Србија, Албанија, Црна Гора, Косово и БиХ, за која според тогашните информации, се тврдеше дека идејата дошла од Србија.
Се тврдеше дека српскиот претседател Вучиќ за овој концепт добил поддршка и од тогашниот американски претседател Доналд Трамп, кој, наводно, рекол дека е добро петте балкански земји да стапат во унија, која би функционирала според принципите на ЕУ.
Друга варијација на оваа тема дојде малку подоцна за формирање на АЛМАКОС (Албанија, Македонија и Косово), во кој првично беше замислена и Црна Гора.
Иако за овие идеи можеби некогаш некаде и во некои кругови се разговарало, за нив никогаш не беше потврдено дека за засноваат на сериозни разговори на релевантни фактори.
Како и да е, очигледно е дека тие се појавуваат одвреме навреме и секогаш се проследени со контроверзи и длабоко сомневање дека се остварливи, но бројките и статистиките што се пласираат во прилог на овие визии се навистина интригантни. И, многу веројатно, е дека ќе останат само тоа.
Со големи сомневања беше проследена и иницијативата Отворен Балкан која што беше поставена на идеите за економско поврзување според принципите на четирите слободи на Европската Унија.
Оваа платформа за соработка се темели на европска основа да создадеме солидарност преку градење на единствен регионален пазар базиран на слобода на движење на стоки, на луѓе, на услуги и на капитал; спроведување заеднички инвестиции кои ќе ни ја олеснат транзицијата кон дигитална и зелена економија, и заемна помош при справување со кризи и природни катастрофи.
Во периодот од промовирањето на иницијативата уште во 2019 година која почна како „Мини Шенген“ до нејзиното крштевање во Скопје во јули 2021 година како “Отворен Балкан“, до сега се завршени неколку „домашни задачи“ кои беа поставени како цели, а се однесуваат на олеснување на транспортот, како и движењето на производите и луѓето, го отворија пазарот на трудот, а донесоа и други опипливи придобивки за граѓаните, со што директно се влијае врз развојот на туризмот и економската соработка, како што се зелените ленти на границите за брз проток на транспортерите и воведувањето заеднички М-Таг на патарините.
Преку овие конкретни чекори за зближување, Отворен Балкан всушност ги зајакнува и унапредува добрососедските односи на замјите од регионот кои претендираат на членство во ЕУ.
Секако, обединувањето на балканските земји во ЕУ е сосема реална визија, но тоа е една сосема друга приказна.