Правото на здрава животна средина е загарантирано со Уставот на Република Северна Македонија во членот 43 „Секој човек има право на здрава животна средина. Секој е должен да ја унапредува и штити животната средина и природата. Републиката обезбедува услови за остварување на правото на граѓаните на здрава животна средина“. Во Законот за Град Скопје е запишано дека градот е должен да заштити и да преземе мерки за спречување од загадување воздухот.
Зоран БОЈАРОВСКИ
Во октомври минатата година, Врховниот суд на општа седница утврди начелен став дека „државата е должна да обезбеди здрава животна средина, меѓу кои и правото на чист воздух, како поединечно право на граѓаните“, по поднесена Иницијатива од страна на Адвокатското друштво „Гоџо, Кичеец и Новаковски“, за утврдување начелен став и правно мислење, за тоа колку државата обезбедува услови за остварување на правото на граѓаните на здрава животна средина, согласно законски утврдените должности и надлежности во областа на животната средина.
Врховниот суд ја покрена оваа расправа откако откако Управниот суд ги одби тужбите на двајца граѓани кои од судот побараа заштита на слободите и правата, поради, како што било наведено во нивните тужби, дишат енормно загаден воздух и бараат од државата да донесе стратешки акционен план за заштита.
Откако Управен суд се прогласи за ненадлежен, Врховниот суд, како највисок судски орган, првично укажува дека всушност Управниот е надлежен. Следуваше повторно отфрлање на тужбите од страна на Управниот суд со образложение дека не може поединец да суди за колективно добро. Врховниот суд повторно го вратил предметот до Управен, но таму е донесена иста одлука од други причини, по што со третата одлука, Врховниот суд го прифатил ставот на Управен.
Сепак, по поднесената иницијатива од страна на Адвокатското друштво „Гоџо, Кичеец и Новаковски“, за утврдување начелен став и правно мислење, за тоа колку државата обезбедува услови за остварување на правото на граѓаните на здрава животна средина, согласно законски утврдените должности и надлежности во областа на животната средина, Врховниот суд на 8 октомври 2024 година одржа јавна расправа за оваа иницијатива.
Со оглед на тоа темата е од висок јавен интерес, на предлог на претседателката на Врховен, Беса Адеми, на расправата, како експерт во областа беше повикан професорот Борче Давитковски, кој во своето излагање нагласи дека секој може да бара заштита и Судот треба да носи одлуки со кои ќе ги натера надлежните органи да постапуваат согласно Законот за амбиентален воздух.
– Уставот којшто вели „секој“ граѓанин, значи секој може. Ова не е „Actio popularis“, знаете кај нас наводно е забрането „actio popularis“, ова не е јавна тужба, ова е тужба за заштита на своето право. Не дај Боже ако на некој му е повредено правото и почине, после кој ќе го брани, фамилијата ли ќе го брани? Значи секој може да бара заштита и Судот треба тоа да го земе предвид, доколку јавните органи не ги презеле своите надлежности, согласно Законот за амбиенталниот воздух, треба Судот да носи пресуди со цел да им укажува на носителите дека судската власт е голем коректив на извршната власт. На овој начин судот ако влезе во спор, бидејќи се работи за јавен интерес, Судот и превентивно ќе дејствува со цел да ги натера надлежните органи, Градот Скопје, општините дека некој води грижа за граѓаните на оваа земја и дека треба да ги стават на столбот на срамот јавните органи коишто не постапиле согласни надлежностите, нагласи Давитковски.
Давитковски на расправата посочи на податоците на Институтот за јавно здравје, според кои во земјата секоја година умираат од 4.500 до 5.000 граѓани од последици предизвикани од загаден воздух.
– Институтот за јавно здравје излезе со податоци дека во Македонија секоја година умираат од 4.500 до 5.000 граѓани. Ако ги земете изминативе 32 години од кога постоиме, тоа значи дека ние сме изгубиле една десетина од населението само од загаден воздух и никој не одговара и никој не реагира. Сега имаме адвокати кои реагираат и веднаш Управниот суд се огласува дека немало поединечен акт, немало поединечен случај и тн. Втора информација која излезе деновиве е дека од 10 родени деца, едно починува поради загаден воздух во државата, посочи Давитковски.
Претходно судијата известител Џемали Саити укажа дека со тужбите биле засегнати повеќе државни органи за непостапување, бидејќи во нив се наведува дека државата со непреземање на дејствија ги оштетила правата на граѓаните за здрава животна средина, и затоа, во начелниот став кој денеска го утврди Врховен се вели „право на здрава животна средина на засегнатите физички и правни лица се однесува за дејствија на преземање или непреземање, од страна на овластено лице како претставник на државната власт или службено лице што работи во органите на државната управа, од аспект на одговорност за преземање на дејствија во рамките на своите надлежности, co кои спротивно на законот, непосредно се ограничува остварување на слобода или некое право загарантирано со Уставот, законите и меѓународните акти“.
Ставот на Врховен е дека „во остварувањето на правото на здрава животна средина се применуваат одредбите од Законот за управните спорови, кои обезбедуваат судска заштита од незаконски акти и дејствија (или непреземени дествија) со кои се повредуваат уставно загарантираните права и слободи на човекот или граѓанинот, кога таа конкретна судска заштита не е предвидена со Уставот и другите закони“, и како што појаснија, под дејствие на службено лице се смета „секое дејствие, активност или акт на сторување или несторување во извршувањето на законските обврски во рамките на своите надлежности предвидени со Уставот, законите и меѓународните документи ратификувани од страна на Република Северна Македонија“.
Правото на здрава животна средина е загарантирано со Уставот на Република Северна Македонија во членот 43 „Секој човек има право на здрава животна средина. Секој е должен да ја унапредува и штити животната средина и природата. Републиката обезбедува услови за остварување на правото на граѓаните на здрава животна средина“.
И во Законот за Град Скопје е утвтрдено правото на граѓаните на чист воздух. Прво во Членот 10, во став 2 „Заштита на животната средина и природата“ во кој се наведува дека градот е должен да заштити, да преземе мерки за спречување од загадување на водата, воздухот, земјиштето, заштита на природата, заштита од бучава и нејонизирачкото зрачење на подрачјето на градот Скопје.
Истата обврска ја имаат и општините кои се дел од Град Скопје во делот на нивните надлежност за заштита на животната средина и природата каде што во Член 15 стои дека се должни да покренуваат иницијативи и да преземаат мерки за заштита и спречување од загадување на водата,
воздухот, земјиштето, заштита на природата, заштита од бучава и од нејонизирачко зрачење.
З.Б.