Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Среде дипломатскиот притисок, Финска го моли Киев: „Не смеете да го прифатите моделот на договор од 1948 година!“

Инвазијата на Финска од страна на советскиот диктатор Јосиф Висарионович Сталин во 1939 година често се споредува со агресијата на Владимир Путин во Украина поради прашањето, дали договорот што следеше по т.н. Зимска војна, во која Финците и нанесоа огромни загуби на Црвената армија, функционираше како нацрт-план за овој конфликт што се случи осум и пол децении подоцна.

Сепак, Хелсинки јасно го предупреди Киев дека не смее даго го следи водството на договорот кој уследи после војната која ја започна советскиот диктатор, бидејќи ја воспостави рамката за она што е познато како „финландизација“.

Финско-советскиот договор од 1948 година и дозволи на Финска – која после руската инвазија на Украина, (се откажа од повеќедецениската воена неутралност, и во април 2023 година по сеопфатната руска инвазија на Украина влезе во НАТО), да ја задржи својата независност, но по цена да стане демилитаризирана, неутрална земја и да ги усогласи своите надворешнополитички одлуки со Москва. Еден фински експерт за „Њузвик“ изјави дека таков модел  на договор за Украина е „за во корпата за отпадоци“ бидејќи ќе служи само за интересите на Путин.

Но, руската војна против Украина на 24 февруари, ќе влезе во својата четврта година. Тоа е само еден месец откако новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп се враќа во Белата куќа со ветување дека брзо ќе ги прекине воените дејствија, но сè уште не открива детали, како ќе го постигне тоа. Во јавноста се шпекулра дека моделот за договорот би можел да биде истиот оној склучен меѓу Финска и Москва по Втората светска војна.

На руските инвазии на Финска на 30 ноември 1939 година и на Украина во 2022 година им претходеа неуспешни преговори, и во двата случаи Москва поседуваше огромна предност во опремата и се очекуваше лесно да победи.

Жесток фински отпор и „бела смрт“ за Украинците

„Сталин, како Путин, мислеше дека војната ќе заврши за само неколку дена“, изјави за Newsweek, Пека Калиониеми, постдоктор на Универзитетот во Тампере во Финска и основач на платформата „Ватник супа“ на „Х“, која ги анализира руските дезинформации и пропаганда.

„Планот беше да се заврши војната за околу три недели, за да може Финска да му биде предадена на Сталин како „роденденски подарок“ на 21 декември“, вели Калиониеми за конфликтот што започна на 30 ноември 1939 година.

Москва бараше од Хелсинки, кој беше дел од Империјална Русија до 1917 година, да отстапи гранични територии од безбедносни причини. Неколку децении подоцна, во 2022 година, Путин тврдеше дека „деназификацијата“ на Украина и нејзиното отфрлање на неутралноста е оправдување за неговата целосна инвазија.

„Сталин го обвини финското раководство, карактеризирајќи го како фашистичко, а идејата зад инвазијата беше да се создаде тампон зона меѓу Германија и СССР“, вели Калиониеми. „Советите исто така оркестрираа неколку операции со лажни знамиња пред и за време на Зимската војна, а војната всушност започна откако Советите ги гранатираа сопствените сили во Мајнила (руско село на границата со Финска)“, рече тој, осврнувајќи се на инцидентот во Карелија извршен од озлогласената советска безбедносна служба НКВД.

„Советската армија имаше таканаречени политички комесари, кои внимаваа немотивираните војници да не побегнат“, додаде тој. „Слични стратегии, наводно, користела платеничката група Вагнер, бидејќи испраќала бранови на необучени војници во првите редови“.

Сепак, Финска ги одби советските напади и им нанесе огромни загуби на напаѓачите и на температури  до -40 °C. „Сталин испрати голем број украински војници да се борат против Финците само со најосновната опрема, а многумина од нив премрзнаа до смрт“, рече тој. „Фотографиите од една од најбруталните битки, битката кај Раате патот, личат на фотографии од првите месеци од војната во Украина“.

„Филандизација? Тоа е модел кој треба да заврши во корпата за отпадоци“ 

Финска храбро се бореше за својот суверенитет, но Сталин со својата бројно и воено супериорна војска на крајот сепак ги постигна територијалните цели. Ова искуство послужи како предупредување на Хелсинки до Киев во модерното време да не се согласи со какви било барања за одложување на неговите аспирации за членство во НАТО.

Финската министерка за надворешни работи Елина Валтонен рече дека принудувањето на Украина да остане неутрална нема да доведе до мирно решение и дека на Русија не може да и се верува дека ќе го почитува секој договор што ќе го потпише. „Да бидеме искрени, Украина беше неутрална пред да биде нападната од Русија“, изјави Валтонен за Ројтерс.

„Филандизацијата е модел – ѓубре“,  вели Сари Архо Хаврен, визитинг научник на Универзитетот во Хелсинки и соработник во лондонскиот одбранбен тинк-тенк Royal United Services Institute (RUSI). „Предлагањето на таков модел за Украина им служи на Русија и Путин пред сè“, изјави тој за Newsweek.

 „Живееме во сосема поинакво време, а околностите се сосема различни. „Со предлагање на финската историја како одржлив модел за Украина, не се обидува само да се трансформира „финландизацијата“ во посакувана и постојана форма на управување“, предупреди таа.

По една деценија неутралност, поттикната од инвазијата на Кремљ врз Украина, Финска се приклучи на НАТО, но Архо Хаврен истакнува дека секој т.н. договорот за финландизација „ја камуфлира идејата дека Украина не може да добие членство во НАТО“, иако Украина се стреми кон евроатлантска интеграција во последните две децении.

Трамп како Черчил

„Проблемот со финизацијата на Украина не е Украина – тоа е Русија“, истакнува Константин Сонин, професор со руско потекло на Факултетот за јавна политика Харис на Универзитетот во Чикаго и жесток критичар на Путин. „Финландизацијата на Украина е токму она што во извесна смисла се обидовме меѓу 1991 и 2014 година“, додава тој. „До 2022 година, Русија имаше огромно влијание врз Украина – можеби повеќе отколку што имаше Советскиот Сојуз врз Финска“, вели Сонин. 

„Ако Украинците беа прашани „дали можеме да се вратиме во 2020 година и некако да имаме гаранција дека Русија нема да го направи она што го направи во 2022 година?“, хипотетички тие би можеле да се согласат на тоа“, додаде тој.

Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров изјави дека нема да има разговори со Украина доколку Киев не се откаже од границите од 1991 година. Лавров рече дека Москва „не е задоволна“ од ставот на Трамп за замрзнување на непријателствата и „префрлање на понатамошната одговорност за справување со Русија на Европејците“.

Естонскиот министер за надворешни работи Маргус Цахна, сепак, изрази надеж дека новоизбраниот претседател може да направи разлика, велејќи за конзервативниот британски весник Телеграф дека Трамп може „да стане Черчил на нашето време“ со постигнување „долготраен“ прекин на огнот. Украинскиот претседател Володимир Зеленски исто така изрази оптимизам, велејќи на новогодишната ноќ дека „мирот нема да ни биде предаден како подарок“ и дека Трамп „сака и ќе може да донесе мир и да стави крај на агресијата на Путин“.

Додека Украина се соочуваше со тешкиот крај на 2024 година, во која руските сили го забрзаа својот напредок на источниот фронт, иако по висока цена на работна сила, Зеленски рече дека секое решение бара западни безбедносни гаранции и покана за членство во НАТО, што Русија го одбива.

„Мислам дека во овој момент луѓето се подготвени да ја предадат територијата, но ние не би ја предале територијата доколку нема сериозен безбедносен договор“, посочува Јуриј Бојечко, извршен директор и основач на добротворната организација „Надеж за Украина“. 

„Во секој случај, украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе мора да ѝ го претстави на земјата каков било предлог договор. Што и да каже Зеленски, секаков вид мировен договор ќе мора да излезе пред народот на референдум и народот ќе мора да одлучи бидејќи премногу крв , се пролеа пот и солзи“, заклучува Бојечко за Newsweek.

Зачлени се на нашиот е-билтен