Професорoт Зоран T. Поповски, македонски научник и професор на Факултетот за земјоделски науки и храна – Скопје, е избран за нов потпретседател на COST (European Cooperation in Science and Technology). За прв пат од Македонија, како земја надвор од ЕУ/ЕФТА, Поповски ќе ја извршува оваа функција, што е голем успех не само за него, туку и за научната заедница на нашата земја.
За своите научни почетоци, проф. Поповски се потсети на своите студентски денови кога како еден од најдобрите студенти во својата генерација, организирал истражувачки акции во текот на летниот период на кои учествувале над 300 млади (ученици и студенти) годишно во различни области под менторство на професори-ентузијасти од универзитетот. Таа пасија за вклучување на младите во науката и истражувањата трае и до денес, а за тоа најмногу зборува Креативниот центар Карпош чиј основач е токму проф. Поповски (kck.org.mk).
Своето професионално искуство, кое обединува истражувачка работа и административни позиции, проф. Поповски го посветил на биохемијата, молекуларната биологија, генетското инженерство и генетски модифицирани организми. Но, во интервјуто за Рацин.мк, тој истакнува дека се соочува со бројни предизвици во научниот свет, како што се намалените финансиски можности и доминацијата на вештачката интелигенција во истражувањата.
„За жал, интересот за STEM (Science, Technology, Engineering, and Mathematics) области опаѓа, не само кај нас, туку и во развиените земји. Финансирањето станува сè поретко, а вештачката интелигенција започнува да го заменува интелектуалниот труд на луѓето. Иако сум голем противник на ова, мојата работа во науката е директно поврзана со овие промени“, вели Поповски.
Природните науки, особено биохемијата и молекуларната биологија, се неговата страст, но тој исто така забележува дека постојат сериозни недостатоци во образовниот систем. На пример, повеќето наставници во нашите универзитети немаат формално образование за методика и дидактика. Професор Поповски го истакнува значењето на љубопитноста во науката, која, според него, е клучна за прогресот.
„Науката станала трома, рутинска. Погледнете кој се занимава со наука – аналитичари, експерти, но разочарувачки е што многу малку знаат што значи емпирија или екасперимент. Сега имаме наплив на рутински научници кои не го разбираат вистинскиот процес на истражување“, додава Поповски.
За него, професорската работа е како претстава. Тој секогаш се подготвува, а студентите ги гледа како актери кои треба да научат нешто ново, што го прави неговиот наставен пристап уникатен.
„Секој час за мене е претстава. Јас сум режисер, а студентите се актери. Тие треба да го научат она што го предавам на разбирлив и применлив начин“, посочува Поповски, нагласувајќи ја важноста на креативноста во наставата.
Тој се гордее со достигнувањата на својата лабораторија, која е опремена со средства обезбедени од меѓународни проекти. Лабораторијата е регионален центар за обука и истражување во областа на молекуларната биологија и генетското инженерство во земјоделските науки во Југоисточна Европа, но не успеала да ја комерцијализира својата работа поради високиот трошок на ГМО тестирањата.
„Државата сега опремува лаборатории, но многумина забораваат дека покрај опремата, потребни се потрошни материјали, реагенси и научен подмладок, а не само да се направат фотографии со новите апарати“, вели Поповски.
Според него тие трендови се страшно неповолни. Исто така е жално што многу малку студенти се запишуваат на наставни насоки и за десетина години ќе нема кој да ги предава природните науки во основните и средните училишта во Mакедонија.
-Сега кога би студирал, би студирал био-информатика бидејки во времето кога сум почнал да работам во МАНУ ни требале недели да дојдеме до една секвенца на ДНК од 300 нуклеотиди, а сега човечкиот геном го генерирате за 18 часа. Проблемот е како ќе се обработат тие 50 илјади гени за да се види каде има одредени промени, алелни варијанти кои се асоцирани со одредени состојби. Во таа смисла,за жал,сведоци сме на еклатантен пример кадешто еден факултет којшто нуди неквалитетни академски услуги, (ФИНКИ) бидејќи секоја академска година имаат 1000 нови запишани студенти во несоодветни просторни услови со релативно мал број наставници. Со тоа практично на таков начин хендикепираат голем број други факултети кадешто може сродно да се студира нешто врзано со примена на информатички технологии, појаснува тој.
Сепак, тој има големи очекувања за иднината, особено за вклученоста на Македонија во меѓународни научни мрежи како COST, кои можат да донесат нови можности за развој на науката во нашата земја.
„Македонија е дел од COST од 2002 година, а нашите научници сега учествуваат во 87% од акциите/проектите, што е значајно достигнување, особено за земја како Македонија. Затоа е важно да продолжиме со поддршка на младите истражувачи и да обезбедиме финансиски средства за научниот развој. На тој начин ќе се подигне и нивото на одговорност на научната заедница бидејќи од неа ќе се бараат одговори на стратешки прашања за државата“, заклучува Професор Поповски.
Научни истражувања, ГМО тестирањата, генетски дефекти
Професорот Поповски го сподели своето долгогодишно искуство во научни истражувања и развој на нови методи, особено во молекуларната биологија. Како што објасни, неговата работа во лабораторијата вклучува развој на нови техники за откривање на генетски модификации (ГМО) и примена на молекуларни маркери во селекцијата на животни.
“Молекулата на ДНК е универзална, без оглед на тоа од каде е изолирана. Техниките за изолација, амплификација и секвенционирање се исти, без разлика дали работиме со микробиолочки, животински или растителни примероци”, рече тој, објаснувајќи дека со примената на овие методи, лабораторијата успешно ја развива способноста да открива ГМО во промет и да ги оптимизира генетските карактеристики на домашните животни.
Тој исто така сподели примери од својата кариера, како што е истражувањето на генетски дефекти во свињарството, каде биле идентификувани генетски мутации кои можат да доведат до лош квалитет на месото и други проблеми. Потоа продолжил со работа на молекуларни маркери во производството на млеко и брзорастечки гени во рибарството, што претставува значајен напор за унапредување на земјоделските и сточарските пракси.
Во текот на својата кариера, професорот Поповски развивал и техники за рано откривање на генетски модификации и работел на бројни иновации во полето на молекуларната биологија.
-Со примена на ДНК методите, можеме значително да ја подобриме ефикасноста на тестирањата, како што беше случај со откривањето на вируси и други заболувања, како и за развивање процедури за производство на рекомбинантни вакцини и ензими, рече професорот.
Професорот објасни дека во процесот на тестирања и сертифицирање на производи, правилниот пристап и соработка помеѓу сите инволвирани институции е од клучно значење.
-Важно е да се поднесат нарачки преку релевантните институции, како што е Агенцијата за храна и ветеринарство, но понекогаш и самите компании бараат да се извршат тестови, особено кога сакаат да добијат сертификат дека нивниот производ е без генетски модификации (GMO free)”, посочи тој.
Професорот исто така нагласи дека иако примената на молекуларни маркери за подобрување на производството на млеко и селекција на домашни животни е клучна за напредокот на земјоделството, многу фармери не се заинтересирани за генетски подобрувања.
-Кога ќе му кажете на фармерот дека може да користи генетски маркери за подобрување на своето сточарско производството, многумина ќе изберат да инвестираат во купување нови животни, наместо да вложат во генетски истражувања и подобрувања, додаде професорот.
Во контекст на субвенциите за земјоделците и сточарите, професорот нагласи дека е важно дел од средствата што се одделуваат за субвенции да бидат наменети за истражувачки цели. Меѓутоа, како што посочи, тоа не се случува во доволна мера.
-Фармерите ја примаат субвенцијата, но повеќе ја користат за други потреби, а на крај се жалат дека немаат доволно средства за напредок на производството”, истакна тој. Според него, треба да се најде начин да се обезбедат финансиски средства кои ќе бидат насочени директно кон истражување и иновации во земјоделството.
Во контекст на истражувањата го прашавме професорот професорот Поповски зошто зеленчукот и овошјето немаат вкус како порано.
-Иако автентичните сорти се многу повкусни, нивната трајност е ограничена, што создава проблем во комерцијалното производство. Вкусот и квалитетот на овошјето и зеленчукот се многу важни за потрошувачите, но во исто време, важно е да се обезбеди што подолг период на издржливост на производите за да можат да се продаваат без да губат од квалитетот”, изјави професорот. За да се постигне ова, многу комерцијални производители користат сорти кои се поотпорни на брзо созревањење, иако тие не се толку вкусни како традиционалните сорти.
Што значи да се биде дел од COST?
Проф. д-р Поповски е признат македонски научник и професор по биохемија и генетско инженерство, со долгогодишно искуство во областите биохемијата, молекуларна биологија и генетски модифицирани организми (ГМО). Како раководител на Катедрата за биохемија и генетско инженерство при Институтот за анимална биотехнологија на Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје, неговото истражување и истражувачки трудови се широко признати во светот.
Од својата академска кариера, која започнува во 1992 година, Проф. Поповски има издадено значајни научни трудови и глобално ценети материјали. Тој предавал на бројни престижни универзитети, како што се Државниот универзитет Охајо, Универзитетот во Лунд, Case Western Reserve Универзитетот, Новосибирскиот универзите, универзитет Туша во Италија, Универзитетот во Сараево, а во Македонија е познат по својата улога како државен секретар во Министерството за образование и наука во периодот 2002-2006.
Во 2020 година, Проф. Поповски беше избран како првиот македонски научник за член на Европската академија (Academia Europea) со седиште во Лондон. Во 2024 година, неговата работа доби нова потврда кога беше избран како прв потпретседател на COST (European Cooperation in Science and Technology) и претеседател на Бордот на Директори на СОЅТ. што претставува најголемата мрежа за научна соработка во светот. Оваа функција му дава можност да влијае на научните истражувања и иновации не само во Европа, туку и во земји од Северна Африка, Израел, САД, Канада, Австралија, Јапонија и други земји.
-Голема е честа што во 2020 година станав прв член на европската академија со седиште во Лондон, од Македонија. Академијата во моментот брои над 3700 научници од кои 72 се нобеловци. Јас сум во делот за живи науки (life sciences) бидејки по професија сум биолог и од тогаш за среќа уште двајца наши научници станаа членови на Европската академија. Тоа значи дека во моментов имаме 3 научници од Македонија во Европската академија. Во рамки на акдемијата постојат таканаречени мостови меѓу научниците кадешто се организираат дебати, се договараме за апликации за заеднички проекти и т.н.. Така што членството првенствено е огромна чест, а оној кој сака да работи навистина има огромно поле затоа што има врвни научници од сродни области, но и од интердисциплинарни области, вели тој во разговор за Рацин.мк.
Инаку COST се финансира преку рамковните програми на ЕУ, со годишен буџет од околу 70-80 милиони евра, и во овој момент поддржува повеќе од 60.000 научници кои учествуваат во 254 СОЅТ акции/проекти.
Проф. Поповски истакнува дека COST е особено важен за Македонија, бидејќи обезбедува неповторлива можност за младите истражувачи од земјите со понизок научен развој, како што е Македонија, да се вклучат во европски научни проекти. За него, ова е резултат на неговото долгогодишно искуство во научното истражување и администрацијата, комбинирајќи ја научната и административната функција за напредок на македонската научна заедница.
На оваа нова позиција, Проф. Поповски ќе продолжи да работи за подобрување на научната соработка и развој на иновациите, со акцент на младите истражувачи и интердисциплинарноста во научните проекти.
Разговараше: Соња Танеска
Фотографија: Ангел Ангеловски