Finance Think препорачува мерките за ограничување на цените на храната да се применуваат исклучиво во случаи на висока инфлација, додека во останатите случаи треба да се заменат со структурни и пазарни мерки. Препораките вклучуваат доследна примена на Законот за нефер трговски практики, засилување на капацитетите на Комисијата за заштита на конкуренцијата, реформа на системот на земјоделски субвенции за поттикнување на домашното производство и таргетирана буџетска поддршка за најранливите групи.
Според анализата на Finance Think, мерките за ограничување на цените на храната имаат привремен ефект, со тоа што по нивното истекување цените повторно се зголемуваат. Истовремено, инфлацијата се враќа на претходната динамика, без значајно намалување на долгорочниот тренд.
„Наодите покажуваат дека мерките за ограничување на цените на храната имаат благ ефект на инфлацијата, но со времето овој ефект слабее“, велат од Finance Think. Во периодите кога мерките не биле применувани, просечната инфлација на храната била 0.5%, додека во периодите кога мерките биле активни, таа била негативна, достигнувајќи -1%.
Од 2021 до 2024, Македонија се соочила со значителен раст на инфлацијата поради нарушувања во синџирите на снабдување и геополитички настани, како инвазијата на Украина. До крајот на 2024, општото ниво на цените во земјата е повисоко за 35%, додека цените на храната пораснале за 46.8%.
Владата на Македонија презела неколку мерки за ублажување на инфлациските притисоци, вклучувајќи замрзнување на цените и ограничување на маржите на некои основни производи. До декември 2024 година, беа донесени девет основни одлуки, од кои три се однесуваат на ограничување на маржите, а останатите на ограничување на цените.