Драган ТЕВДОВСКИ*
Дали треба да се прилагодиме на новите ветришта во глобалната економија? Економските парадигми на коишто навикнавме, започнаа да го губат приматот. Во глобалната економија сè помалку се зборува за слободната трговија и извозна експанзија, а сè повеќе слушаме за протекционизам во трговијата и безбедност во снабдувањето со храна и енергија. Ние можеме да имаме став за овие прашања. На пример, дека слободната трговија ја подобрува ефикасноста на производството и ги намалува трошоците. Или дека на македонската економија, како мала и отворена, многу повеќе би одговарало доколку доминантната развојна стратегија е извозна експанзија, отколку увозна супституција. Но, сепак, ние не ги поставуваме трендовите, туку тоа го прават големите играчи во глобалната економија. А, за нас треба да биде клучно да не замижеме пред новиот свет којшто се создава пред нас.
Притоа, можеби, новиот свет и не е толку непознат како што мислиме. Некои парчиња од него се добро познати. Така, на пример, извозната експанзија не беше доминантна развојна стратегија во светот отсекогаш. Таа се појави во 80-тите години од минатиот век заедно со неолиберализмот во економијата. Пред неа, доминантна развојна стратегија беше увозната супституција, која доминираше во светот во периодот од по Втората светска војна, до ерата на Тачер и Буш.
Енергетската безбедност треба да биде во сржта на енергетските политики
Интересно е дека и енергетската безбедност посебно доби на значење со нафтените шокови во 80. години на минатиот век кога развиените земји ја ставија во сржта на енергетските политики (Cohen et al, 2011). И таа секогаш добиваше на видливост при глобални кризи. Така, на пример, во годината веднаш после Глобалната финансиска криза (2007-2009), Сенатот на САД има донесено повеќе од 200 акти коишто во насловот содржат енергетска безбедност. Безбедноста во снабдувањето со храна сè поголемо значење добива денес, поради актуелната геополитичка фрагментација во светот и војната во Украина. Во прилог на важноста на ова во однос на понудата на храна во светот, вреди да се истакне дека пред војната во 2021 година, Украина и Русија заедно правеа: 34 % од вкупниот извоз на пченица во светот; 17 % од вкупниот извоз на пченка во светот; 27 % од вкупниот извоз на јачмен во светот, и слично (European Parliament, 2022).
За промената на начинот на економското размислување и нашиот став кон него, една од најдобрите мисли е на големиот економист Кејнз: „Токму сега страдаме од лош напад на економски песимизам. Вообичаено е да се слушне како луѓето велат дека епохата на огромен економски напредок што го карактеризираше минатиот век е завршена; дека брзото подобрување на стандардот на животот сега ќе се забави – и дека е многу поверојатно дека ќе дојде до економски пад, отколку до просперитет во децениите што се пред нас. Но, јас верувам дека ова е многу погрешно толкување на она што ни се случува. Ние не страдаме од ревматична старост, туку од растење – болки од пребрзи промени, од болното приспособување помеѓу еден и друг економски период.” (Keynes, 1930).
И, да, иако ова е напишано пред повеќе од 90 години, целосно одговара и за денес. Затоа е важно да бидеме подготвени за предизвиците што ги носи новото време. Еден од нив е економската безбедност, која содржи поголем број димензии. Во оваа прилика се дискутирани следните три: систем на јавни финансии што може да одговори на кризи; социјален систем што ќе обезбеди заштита на граѓаните, но и ќе го подобрува човечкиот капитал; намалување на зависноста од увоз на енергија и храна.
Систем на јавни финансии што може да одговори на кризи
Фискалниот простор е клучен за да може државата да одговори на криза. Тој го претставува просторот во државниот буџет којшто може да се користи за да се направат даночни намалувања или одредени трошења за поддршка на економијата без да се загрози одржливоста на финансиската позиција или стабилноста на економијата. Државата може да креира фискален простор со: зголемување на даноците; обезбедување на надворешно финансирање или грантови; или кратење на трошењата кои имаат понизок приоритет. Но, клучно е да не се загрози капацитетот на сервисирање на долговите, како и макроекономската позиција на земјата.
За време на Ковид-19 пандемијата, недвосмислено се виде дека земјите во светот се разликуваат по фискалниот простор. И затоа тие беа во различна позиција да обезбедат дискрециона фискална поддршка за бизнисите и ранливите граѓани. Од почетокот на пандемијата, до септември 2021 година, дискреционите фискални трошења во светот изнесуваа 9,7 % од глобалниот БДП, но тие беа многу пониски во земјите во развој, а значајно повисоки во развиените земји (International Monetary Fund, 2021). Фискалните трошења беа највисоки во: САД (25,4 % од БДП), Австралија (18,4 % од БДП) и Јапонија (16,5 % од БДП). Република Северна Македонија оствари дискрециони фискални трошења од 4,3 % од БДП.
Кај нас постои можност фискалниот капацитет да се зголеми со подобрување на приходите на државата. Сликата 1 покажува дека РС Македонија има значајно пониски приходи не само од просекот на земјите-членки на Европската Унија, туку и од просекот на постранзициските земји од Европа, како и од просекот на земјите од Западен Балкан. Попрецизно, вкупните расходи на општата влада во просек изнесуваат нешто над 45 % од БДП во земјите-членки на Европската Унија, а околу 35 % од БДП во постранзициските земји од Европа и во земјите од Западен Балкан. Во Северна Македонија тие се под 30 % од БДП, односно многу пониски од просеците на сите набљудувани групи. Клучната насока за подобрување на приходите на државата, поради рамните и ниски директни даноци кај нас, треба да биде воведување на прогресивност кај директните даноци. Во спротивно, зголемувањето на стапките на даноците на потрошувачката само ќе ја зголемат регресивноста на системот. Од причина што граѓаните со понизок доход скоро целиот свој доход го употребуваат во потрошувачка и затоа тие имаат многу повисоко учество на данокот (ДДВ) во однос на нивната потрошувачка во споредба со оние со повисок доход, кои, пак, дел од доходот го штедат.
Слика 1: Вкупните расходи на општата влада на Северна Македонија како % од БДП
Извор: International Monetary Fund (2022).
Слика 2: Каматни плаќања на долгот на Северна Македонија како процент од приходите
Извор: World Bank (2022)
Вториот елемент на којшто треба да биде ставен фокусот е намалување на јавниот долг. Во периодот по надворешните шокови предизвикани од пандемијата и војната во Украина, фискалната политика мора да се фокусира на намалувањето на јавниот долг. Тоа е важно затоа што ако не се стопира растот на каматните плаќања, тие сè повеќе ќе го зафаќаат просторот на основните потреби за финансирање на државата, како на пример: образование, здравство, социјала, и слично, и можноста за дополнителен фискален простор во услови на следни кризи ќе биде силно лимитиран. Слика 4 ги покажува каматните плаќања на долгот на земјава. Тие бележат континуиран раст во периодот од 2009, до 2017 година. Така, на пример, во 2009 година изнесуваат 1,9 % од буџетските приходи, за потоа да пораснат на 4,9 % од буџетските приходи во 2017 година. Потоа се намалуваат во 2018 и 2019 година, кога изнесуваат 4,1 % од буџетските приходи, а во 2020 година се зголемуваат, пред сè, заради падот на буџетските приходи заради пандемијата. Тековното влошување на условите за финансирање на глобалните пазари ќе влијае дополнително врз зголемување на нивото на каматните плаќања, дополнувајќи го ефектот на зголемениот долг за време на пандемијата.
Социјална заштита заедно со подобрувања на образованието и здравството
Економската безбедност најтесно дефинирана значи дека граѓаните имаат ниво на доход кој обезбедува пристојно ниво на животен стандард. А, тој зависи, пред сè, од вработеноста во економијата и распределбата на доходот во економијата.
Системот за социјална заштита е тој што треба да им помогне на граѓаните во ризик. Воведениот систем на минимален приход е во добра насока. Тој има за цел да ги извлече над линијата на сиромаштија најранливите граѓани. Но, социјалната заштита не е доволна. Подобрувања мораат да се прават и во системите на образованието и здравството. Квалитетот на образованието е клучен за знаењата и вештините на идната работна сила, што, пак, е клучниот фактор од што зависи дали македонската економија ќе ја намалувала разликата во доходот со развиените земји. Во оваа насока здравствениот систем е многу важен. Јавното здравство треба да обезбедува квалитетни услуги коишто ќе влијаат позитивно на човечкиот капитал на земјава.
Зошто е важно да се намали увозната зависност за храна и енергија?
Цените на енергијата и храната се изразено волатилни. Главна причина за тоа е што понудата и побарувачката за нив се силно нееластични на краток рок. На пример, гледано од страната на понудата, намаленото производство на значаен производител на храна, поради суша или друг неповолен временски настан, не може веднаш да биде надоместено, и тоа прави цените да растат. Или од страната на побарувачката, кога цените растат, фабриките не можат брзо да го заменат користењето на еден вид на енергија со друг во производниот процес. Поради оваа волатилност на цените, вообичаено економистите секогаш сакаат да знаат колку инфлацијата (промените во просечното ниво на потрошувачките цени) е резултат само на промените во цените на храната и енергијата, а колкав на сите други добра и услуги. Затоа се користи еден индикатор кој се нарекува базична инфлација. Тој покажува колкава е промената во просечното ниво на цените на добрата и услугите, со исклучок на храната и енергијата. Сликата 3 покажува дека базичната инфлација била многу блиска до општата инфлација во македонската економија до третиот квартал на 2020 година. Во следниот период, општата инфлација остварува многу посилен пораст од базичната инфлација, што значи дека промените во цените на храната и енергијата имаат силен придонес во растот на општата инфлација.
Слика 3: Движење на инфлацијата во македонската економија
Извор: Народна банка на Република Северна Македонија (2022).
Слика 4: Движење на цените на енергијата и храната во светската економија
Извор: World Bank (2022).
Постојат повеќе причини за силниот растот на цените на храната и енергијата во глобалната (светската) економија. Како клучни се сметаат нарушувањата во понудата предизвикани од Ковид-19 пандемијата и руската инвазија на Украина. Слика 4 покажува дека
растот на цените на храната и енергијата во глобалната економија се слични на оние од нафтените шокови во 1973 и 1979-1980 година.
Силнорастечките цени на енергијата и храната предизвикуваат повеќе негативни ефекти. Прво, тие го намалуваат реалниот доход на домаќинствата, бидејќи храната и енергијата учествуваат значајно во нивната потрошувачка кошница. Второ, постојат сериозни импликации по дистрибуцијата на доходот помеѓу домаќинствата, бидејќи учеството на храната во потрошувачката кошница кај посиромашните домаќинства е многу повисока отколку кај домаќинствата со повисок доход. Така што намалувањето на реалниот доход е многу поизразито кај посиромашните домаќинства.
Постојат разлики и помеѓу земјите. Ефектите во дистрибуцијата на доходот се посилно изразени во земјите со понизок доход. Во просек, храната учествува со: 44 % во потрошувачката кошница во земјите со низок доход, 28 % во земјите со среден доход и 16 % во земјите со висок доход. Во Северна Македонија учеството на храната во потрошувачката кошница е значајно и изнесува 40 %. Трето, поради тоа што енергијата е еден од клучните инпути на производството, брзиот раст на цените на енергијата влијае на намалување на конкурентноста на фирмите, што може да води до пад на економската активност. Четврто, зголемените цени на храна и енергија доведуваат до зголемување на дефицитот на билансот на плаќања во земјите кои увезуваат значаен дел од храната и енергијата. А, токму таква земја е Северна Македонија, мала, но силно отворена економија (140 % од БДП).
За нас, како мала и отворена економија, безбедноста во снабдувањето со храна и енергија треба да се гледа од два аспекта: внатрешен и надворешен. Внатрешниот во основа значи да се стимулира домашното производство на енергија и храна со цел да се намали увозната зависност, што би придонело економијата да биде помалку ранлива од надворешни шокови и нарушувања во понудата. Притоа, ова не смее да се прави само со субвенции и квоти, туку приоритет треба да биде ефикасноста на производството, бидејќи економијата нема да биде во подобра позиција ако само се создадат производни капацитети со повисоки цени на добрата од тие што можат да се обезбедат од надвор. Вториот аспект на безбедноста во снабдувањето со храна и енергија треба да се грижи за: диверзификација на надворешните извори за снабдување, нивната далечина и доверливост. А, поголемо значење треба да им се даде на изворите кои потекнуваат од стратешките партнери на земјава, ЕУ и САД.
*Драган Тевдовски е професор на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, на Катедрата за математика и статистика. Во периодот 2017-2019 беше министер за финансии во Владата на РС Македонија, кога беа спроведени серија реформи за одговорно владеење. Од 2020 до 2022 година има работено како советник на извршниот директор во Меѓународниот монетарен фонд.
Анализата е преземена од најновиот број на списанието „Предизвици“ на Фондацијата Фрдрих Еберт