И американскиот претседател во заминување Џо Бајден и новоизбраниот претседател, Доналд Трамп, ја презедоа заслугата за решавање на воената криза во Појасот Газа. Мировниот пратеник на Трамп за Блискиот Исток, Стивен Виткоф, ја одигра клучната улога во тековните индиректни преговори меѓу Израел и Движењето на исламскиот отпор во Доха, Катар, откако тие со месеци беа одолговлекувани.
Трамп не губеше време, туку веднаш почна да тврди дека тој е иницијаторот на договорот. Бајден, пак, нагласи дека договорот е постигнат во „прецизните контури“ на планот што неговата влада го претстави кон крајот на мај.
„Овој епски договор за прекин на огнот може да се случи само како резултат на нашата историска победа во ноември, бидејќи му сигнализираше на целиот свет дека мојата администрација ќе бара мир и ќе преговара за договор за да се осигура безбедноста на сите Американци и нашите сојузници“, напиша Трамп на социјалната мрежа Икс „Воодушевен сум што американските и израелските заложници ќе се вратат дома за да се обединат со своите семејства и најблиски“, објави Асошиејтед прес.
Трамп додаде дека неговиот пратеник за Блискиот Исток, Стивен Виткоф, ќе продолжи „тесно да соработува со Израел и американските сојузници за да се осигура дека Газа никогаш повеќе нема да стане безбедно засолниште за терористите“.
Бајден, пак, од Белата куќа порача дека „неговата дипломатија никогаш не ги прекинала напорите да го постигне тоа“.
„Ова, не е само резултат на екстремниот притисок под кој беше Хамас, по примирјето во Либан и слабеењето на Иран, туку и на упорната и макотрпна американска дипломатија“, рече Бајден.
Натпреварот меѓу двајцата претседатели постои затоа што и Бајден и Трамп сакаат договорот на Блискиот Исток да си го препишат како наследство од нивните претседателства.
Во фокусот на администрацијата на Бајден со месеци беше воспоставувањето на мир преку преговори, кои беа фрустрирачки бидејќи секогаш пропаѓаа кога беа најблиску до успехот
Трамп пред еден месец ги изненади американските кругови и светот, кој ја следи кризата во Газа, со закана за „пекол“ за целиот Блиски Исток доколку затворениците не бидат ослободени пред неговата инаугурација на 20 јануари годинава, откако претходно вети дека ќе донесе „мир“ на Блискиот Исток. Така тој навести дека ќе стави крај на војната меѓу Израел и Хамас во Појасот Газа, но не спомена на кој начин.
Снимката од неговата изјава во која вели: „Нема да биде добро за Хамас, и искрено, за никого. Ќе биде апсолутен пекол. Не морам ништо повеќе да кажам, но така ќе биде“, во последните денови стана вирална на социјалните мрежи.
„Претседателот Трамп, неговата репутација и она што го рече се двигатели на овие преговори и се надеваме дека сè ќе испадне добро и дека ќе спасиме животи“, рече неговиот пратеник за Блискиот Исток Виткоф.