Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Европа останува бастион на одбраната против дезинформациите

Откако МЕТА на Марк Цукерберг, зад која стојат социјалните мрежи Фејсбук, Инстаграм, Тредс и Ватсап, најави дека компанијата го укинува сервисот за проверка на факти во САД, се постави дилемата дали ова ќе се „прелее“ и во Европа и како тоа ќе го прифатат секоја од земјите што беше дел од мрежата на МЕТА која постави одредени стандарди во време кога дезинформациите се ширеа и се шират низ медиумскиот и низ просторот на социјалните мрежи.

Зоран БОЈАРОВСКИ

Откако МЕТА на Марк Цукерберг, зад која стојат социјалните мрежи Фејсбук, Инстаграм, Тредс и Ватсап, најави дека компанијата го укинува сервисот за проверка на факти во САД, се постави дилемата дали ова ќе се „прелее“ и во Европа и како тоа ќе го прифатат секоја од земјите што беше дел од мрежата на МЕТА која постави одредени стандарди во време кога дезинформациите се ширеа и се шират низ медиумскиот и низ просторот на социјалните мрежи.

За оваа дилема и за тоа како е уредено ова прашање на ниво на регулатива во Европската Унија и во Македонија, разговаравме со Д-р Снежана Трпевска, експерт за медиумска и комуникациска политика од Институт РЕСИС, со Владимир Петрески, Уредник на македонскиот Сервис за проверка на факти од медиумите во Метаморфозис  и со Младен Чадиковски, претседател на Здружението на новинарите на Македонија.

Владимир Петрески, Уредник на македонскиот Сервис за проверка на факти од медиумите во Метаморфозис, организација која што е партнер на МЕТА на Цукерберг во програмата за проверка на фактите во Македонија, за Рацин.ми информира дека Метаморфозис има договор со Фејсбук до крајот на оваа, 2025 година.

Сега засега, вели Петрески, во однос на програмата за проверка на факти на МЕТА во Европа, односно во Македонија, нема никакви информации. Дури и претставници на МЕТА на прашање на новинари кажуваат „ова се однесува за САД, ќе видиме што ќе се случи во Европа“, дополни уредникот на македонскиот сервис за проверка на факти.

Во секој случај, вели Владимир Петрески, придобивките од оваа програма се огромни и потенцира дека проверката на факти не е цензура.

Европската заедница на проверувачи на факти излезе со своја реакција и ние ги осудивме квалификациите што се употребени таму за (наводна) необјективност, за цензура и слично. Проверката на факти не е цензура зашто ние никогаш не бришеме ништо. Ние едноставно додаваме контекст и, се разбира, овозможуваме диксусијата да тече, да се повлечеме ако не сме биле во право. Во секој случај, што и да се случи, ние си ја работевме проверката на факти и пред тоа, пред МЕТА, Вистиномер започна со работа во 2011 година и ќе продолжиме и ако, евентуално, оваа програма се укине. Тоа е дел и од стратегијата на Метаморфозис. 

Д-р Снежана Трпевска, експерт за медиумска и комуникациска политика од Институт РЕСИС, во оваа анализа се осврна на состојбата во Европа, односно во ЕУ и нејзините земји членки во однос на регулативата и системскиот пристап кога станува збор за проверка на фактите во медиумските содржини и на социјалните мрежи.

Трпевска потсетува дека пред три години Европската комисија донесе пакет од регулативи токму со цел да се заштити и општеството во целина и ралични категории на корисници од бројни негативни последици од штетните содржини што се шират особено на големите платформи, како што е Фејсбук, Јутјуб и други. Прашање што најмногу загрижуваше беше ширењето на дезинформации, мисинформации, говор на омраза и други штетни содржини. За таа цел особено е релевантен Актот за дигитални услуги и регулативата, но исто така и Директивата за аудиовизуелну услуги со која се усогласи и Северна Македонија во јули во 2023 година.

За ова прашање регулативата за дигитални услуги наметнува сериозни обврски на големите платформи како што тие на МЕТА, односно на социјалните платформи кои имаат над 10% корисници од бројот на населението на една земја. Тие се предмет на таа регулатива.

Се обврзаа со таканеречениот Кодекс за практики против ширењето дезинформации. Тој беше донесен пред регулативата (на ЕУ), но примената на овој кодекс беше слаба и затоа се узвоија овие нови регулативи за кои зборувам. Актон за дигитални услуги ќе мора да се примени и кај нас. Тие овластени, кредибилни означувачи, како што е Сервисот за проверка на факти, на пример, ќе треба да бидат сертифицитрани, да се независни, стручни да ја вршат таа работа. Со примената на актот за дигитални услуги кај нас, ќе треба да се избере кај нас така наречен дигитален координатор кој ќе даде некаков сертификат или некаков документ на тој сервис.

Една од обврските големите платформите како што е МЕТА во овој случај е да соработуваат со така наречените „овластени означувачи“, односно Трастед флегерс. Во Македонија тоа (беш)е Сервисот за проверка на фактите на Метаморфозис кој (беш)е во соработка со МЕТА. МЕТА, како и другите платофмри, се обврзаа да имаат сервиси за проверка на факти во разни земји и околу 130 држави имаат такви сервиси.

На прашањето за обврските на големите платформи, Владимир Петрески, Уредник на македонскиот Сервис за проверка на факти од медиумите во Метаморфозис, потенцира дека европските регулативи за ова прашање ја прават големата разлика во споредба со другите земји каде што тоа е „полабаво“ уредено.

Во Европа тоа не е така едноставно. Се разбира, да не бидам погрешно сфатен, МЕТА може да ја прекине соработката со проверувачите на факти и во Европа, арно ама во Европа има законска регулатива, законот за дигитални услуги, којшто ги обврзува големите онлајн платформи да преземаат активности за справување со дезинформации. И тоа не само откако ќе се појават, туку и пред тоа. Така што, ќе се види што ќе биде. Европските политичари, во контактите со европските фактчекери велат дека ако нешто слично се појави во ЕУ, во унијата, во Европа, тие ќе рагираат. Засега сметаат дека нема потреба од реагирање.

Прашањето на регулацијата на проверката на фактите во медиумските содржини на социјалните мрежи, како само еден аспект од заштитата и борбата со дезинформациите, е од важност и за медиумските професионалци.

Во таа насока Младен Чадиковски, претседател на здружението на новинарите на Македонија вели дека „новинарите сами по себе се проверувачи на факти. Новинарите, во основа, кога ќе добијат информација, главната цел на нивното истражување е да ги проверат фактите од таа информација. Од еден, два, три, четири или пет извори за да бидат сугурни дека таа е веродостојна и точна.

Ова не мора да значи никава катастрофична состојба, ниту за социјалните мрежи, ниту за новинарството, ниту за социјалниот дискурс, бидејќи новинарите, едноставно, треба да си ја преземат, или да си вратат улогата на проверка на сето она што го подготвуваат да биде пласирано во етерот на онлајн платформите или преку традиционалните медиуми. Во таа насока постои и Кодексот на новинарите на Македонија, ако зборуваме за Македонија, којшто наскоро ќе биде ревидиран и обновен. Ќе имаме едно градиво кое ќе може да има сериозен импакт врз одлуките на новинарите како да постапуваат понатаму кога ќе проверуваат информации, односно кога ќе ги пласираат своите стории.

Чадиковски уште вели дека станува очигледно дека борбата со дезинформациите е нешто што нема да престане и дека на нив и на На пропагандата можете да им се спротивставите само со вистина. „Новинарите ја имаат таа мисија да се спротивстават на пропагандата со вистина“, истакнува Чадиковски.

Претседателот на ЗНМ рече дека е во тек работата на унапредување и на усогласување на Кодексот на новинарите на Македонија, поттикнати токму од промените во медиумската сфер што се наметна со процесите што се случуваат со социјалните мрежи и со нивното се поголемо учество во јавниот дискурс и во работата на професионалните медиуми.

Зачлени се на нашиот е-билтен