Во текот на 2024 година вкупно 39.615 лица поднеле барање за добивање „меѓународна заштита“ во Белгија, што е речиси за 12 отсто повеќе во споредба со претходната година.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, ваквите податоци укажуваат дека барањата за азил во Белгија се искачиле на највисоко ниво од времето на бегалскиот бран во Европа во 2015 година.
Според белгиските власти, речиси 40 отсто од подносителите на барања за заштита во Белгија или 15.685 од нив, претходно веќе барале азил во некоја друга земја членка на Европската Унија, но биле одбиени.
Белгиската државна секретарка за азил и миграција во заминување Никол де Мур ја осуди ваквата „секундарната миграција“ во Европа и се заложи за преземање мерки за спречување поединци да поднесуваат барања за азил во повеќе земји на ЕУ.
-Мораме многу јасно да им ставиме до знаење на луѓето дека нема смисла повторно да се обидуваат во Белгија, откако ќе бидат одбиени во друга земја. Европскиот Пакт за миграција ќе ни даде повеќе можности за борба против овој вид секундарна миграција, оцени Де Мур.
Според неа, покрај ова мора да се преземат и мерки за „значително намалување на бројот на барања за азил во Белгија“.
Информациите за зголемување на бројот на баратели на азил во Белгија во 2024 година доаѓаат и покрај податоците на Европската агенција за гранична и крајбрежна стража – Фронтекс дека лани бројот на нелегални влезови во ЕУ бележи пад на годишно ниво и е на најнизок од 2021 година.
-Новите прелиминарни податоци покажуваат значителен пад од 38 отсто на нерегуларните гранични преминувања на ЕУ во 2024 година, достигнувајќи го најниското ниво од 2021 година, кога миграцијата се уште беше погодена од Ковид пандемијата, соопшти Фронтекс во вторникот.