Шесте еколошки автобуси, донација од Европската унија за Град Скопје, кои пристигнаа во ноември минатата година и требаше да бидат пуштени во сообраќај по само една недела, продолжуваат да стојат во гаража и не се користат. Возилата, кои беа наменети за подобрување на јавниот превоз во Скопје, веќе два месеци се во гаражата на Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) – Скопје.
Автобусите, произведени во Турција, пристигнаа во земјава и беа ставени во складиште на Царината пред да се префрлат во гаражите на ЈСП Скопје во Автокоманда. Иако во ноември минатата година беа официјално промовирани во присуство на директорот на ЈСП, градоначалничката на Скопје, министерот за животна средина и делегацијата на ЕУ во Македонија, тие се уште не се ставени во употреба.
Одговорот на прашањето што е тоа што ги спречува властите да ги пуштат во употреба новите еко-автобуси најпрво беше згрешена шасија, а сега е проблеми со процедурата за каско осигурување.
„Се чека да заврши процедурата за каско осигурување. Наредната недела треба да бидат пуштени во употреба. Документите што требаше да се преведат од турски, се средени. Беше згрешен и бројот на шасија, па и тоа малку ги одолговлече работите“, рекоа од ЈСП .
Кон средината на декември, како што пишуваше Мета.мк од ЈСП тврдеа оти еден од автобусите бил заведен со погрешен број на шасија па затоа се доцни. Грешката наводно била утврдена откако ЈСП ги презело автобусите. Втората причина за доцнењето беше и блокираната сметка на претпријатието, што го одложило плаќањето на осигурувањето за новите возила.
„Ни беше замрзната сметката поради долг кон „Пуцко петрол“ и затоа не можевме да го платиме осигурувањето за автобусите. Моравме да ја одблокираме. Освен тоа требаше да се допреведат уште некои документи од турски јазик за хомологација. Сега само чекаме да заврши постапката за каско осигурувањето“, информираа тогаш од кабинетот на директорот на ЈСП Скопје. Тогаш најавија дека на седницата на Советот на град Скопје треба да помине нова Одлука за прием на автобусите, овој пат со точниот број на шасија, што и се случи. Но, и покрај тоа, автобусите не се ставени во употреба.
Донираните еко-автобуси се произведени во Турција. За нив има гаранција две години, а одговорните тврдат дека кај нас има фирма во која би се вршел сервис и која би обезбедила резервни делови ако за тоа има потреба. Автобусите возат на метан и имаат автоматски менувач. Од ЈСП велат дека на возачите нема да им биде потребна обука околу управувањето со нив.