Оставката на српскиот премиер Милош Вучевиќ не ги смири протестите што веќе три месеци ја потресуваат Србија. Според анализата на „Дојче веле“ на српски, ова е најтешката политичка криза во земјата од 2000 година, а студентските демонстрации, кои започнаа како реакција на трагедијата во Нови Сад, се претворија во поширок бунт против владеењето на претседателот Александар Вучиќ.
Протестите беа иницирани по несреќата на 1 ноември 2024 година, кога надстрешницата на реконструираната железничка станица во Нови Сад се урна и усмрти 15 луѓе. Несреќата ги разгоре долгогодишните сомнежи за корупција и системска негрижа, па демонстрантите бараат одговорност од власта. Иако Вучевиќ поднесе оставка, германските медиуми укажуваат дека тој е само „жртвен јарец“, бидејќи функцијата ја извршуваше помалку од една година, додека вистинската моќ останува во рацете на Вучиќ.
Според „Шпигел“, протестите во Србија се дел од подлабоко незадоволство во општеството. Студентите, кои се главни организатори, добија широка поддршка од адвокати, професори, средношколци и земјоделци.
„Нивната борба не е само против поединечни политички фигури, туку за владеење на правото“, пишува германскиот весник „Зидојче цајтунг“.
Германската телевизија ZDF анализира дека ова е момент кога Вучиќ првпат се соочува со посериозен притисок. Претседателот на Србија повика на дијалог, но во исто време, според медиумите, им се закани на студентите дека „незадоволството во неговата партија расте“. Дополнително, Српската православна црква, која важи за сојузник на Вучиќ, ги осуди протестите, но ова предизвика силна реакција во јавноста – петнаесет теолози и професори јавно се спротивставија на црковното соопштение и застанаа во одбрана на студентите.
„Дојче веле“ пренесува дека оставката на Вучевиќ веројатно ќе доведе до вонредни парламентарни избори, но тоа нема да ги смири протестите, бидејќи демонстрантите не бараат само персонални промени, туку суштински реформи. Според аналитичарот Флоријан Бибер, Вучиќ ќе се обиде да постави нов премиер, но демонстрациите покажуваат дека неговата моќ повеќе не е толку стабилна како порано.
Блокадите на универзитетите и улиците во Белград продолжуваат, а демонстрантите велат дека нема да се повлечат додека не се обезбеди независна истрага за трагедијата во Нови Сад и не се направат промени во функционирањето на институциите.
Како што заклучува германскиот „Тагесшпигел“, Вучиќ се соочува со најсериозниот предизвик во неговата политичка кариера – „доминирањето во Србија станува сè потешко“.