Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Почна ли да напукнува владината монолитност? Мицкоски заборави дека „каменот од блиску доаѓа“

Лидерите не Вреди: Африм Гаши, Изет Меџити, Арбен Таравари, Билал Касами, Беким Ќоку
Лидерите не Вреди: Африм Гаши, Изет Меџити, Арбен Таравари, Билал Касами, Беким Ќоку

Мицкоски едноставно не ја научи лекцијата од неговиот претходник Никола Груевски кој во последните денови, кога веќе беше урнат од власта изјави дека вината за тоа ја гледа во фактот што многу ножиња имаше забиено во неговиот грб.

Љубиша НИКОЛОВСКИ

ВМРО ДПМНЕ за некој месец ќе направи една година како е на власт, а се однесува како да е во предизборна кампања и вината за сите неуспеси или погрешни политики ги бара во опозицијата.

Од друга страна пак се обидуваат коалицијата што ја формираа да ја прикажат како монолитна, во која сè функционира беспрекорно.

Но, фактите говорат дка за кусо време, речиси наеднаш, се „изнедрија“ неколку настани што најавуваат дека некој почнува да фалшира во наводниот хармониум што сака да го прикаже Владата.

Последен во низата беше професорот Трајко Славески кој во одредени „политички“ ситуации не знае да се воздржи и настапува чисто – професорски. Од стручно економски аспект за него бојкотот што неговиот лидер Мицкоски, Владата и партијата го подржуваат, е „фоклор“ што нема да даде резултати.

Тој смета дека само пазарната логика може да влијае на цените во маркетите, наместо административните мерки како Законот за нефер трговски практики, намалување на трговската маржа или пак замрзнување на цените. Свесно или несвесно Славески ја бојкотираше Владата и нејзините политики, која за да не го навлече бесот на граѓаните врз себе за промашената полтика на цените и кошничките, го подржа бојкотот на граѓаните. Ако за Славески не се, за Мицкоски граѓаите секогаш се на прво место, нели.

Таа изјава на Славески можеби е и најбезболниот „испад“ во политиките на Владата.

За разлика од него, вистинска бура предизвика „уважениот гостин“ Милорад Додик кој како слон во стаклена градина влезе на сцената и ја упоропасти целата Светосавка прослава.

Мораше премиерот Мицкоски да се извинува за нешто што му го смести еден од неговите вицепремиери и најблиски соработници, Иван Стоиљковиќ. Имено за Додик велат дека секогаш секаде говори исто: против геноцидот во Сребреница, за мајка Русија и за великиот Путин, против САД и Бајден, и секако не за ЕУ.

Ако е така тогаш зошто воопшто НЕКОЈ го викнал на гости?

Па веројатно за да го каже токму тоа што домаќинот сакал да се слушне од тука, од Македонија!

Од тука натаму како да почна да „напукнува“ цврстата градба на ВМРО ДПМНЕ и коалициската Влада на Северна Македонија, алијас Republika e Maqedonisë së Veriut.

Прв на Стоиљковиќ му се „сипа“, Билал Касами, првиот човек на Беса и член на Влен, кој го критикуваше потегот на заменик премиерот и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоиљковиќ поради приемот на Милорад Додик,

– Кога сме во јавни функции, не може да изразуваме наши лични желби и лични позиции. Не може во министерство да се прима еден човек кој е во црната листа на САД и да се каже „Тој е мој личен став и тоа е лична желба“. Македонија е мултиетничка и во позицијата која ја носи дотичниот министер, треба да биде свесен дека треба да ги претстави сите заедници во Македонија, Македонците, Албанците, Турците, Ромите, сигурно и Србите. Затоа се надевам дека ова ќе биде последна изјава и последни јавно изнесени ставови на министерот во оваа насока, рече Касами.

За иронијата да биде поголема истиот тој Касами сега се подготвува да промени имиња на стотина улици во Тетово каде е градоначалник.  

На тоа реагираа со писмото од Сојузот на борци кои му порачаа да не се менуваат имиња од антифашистичкото минато на македонскиот народ и народностите.

Касами глатко го одби писмото како рецидив на едно минато време и систем, а имињата на улиците како што рече „ќе рефлектираат согласно новиот демократски концепт“.

– Ние не можеме да бидеме заложници на едно време. Македонија до деведесеттите години беше под Југославија и со комунистички систем, каде имаше други херои кои ги славевме. Сега сме во демократска држава, имаме нов концепт со кој ги создаваме институциите и ја градиме државата и согласно тоа, сигурно ќе се рефлектира и во имињата на улиците во градот Тетово“.

Засега Стоиљковиќ не се изјаснил за оваа иницијатива на Касами иако е по функција задолжен за меѓуетничките односи.

Но повторно во небрано се најде премиерот Христијан Мицкоски.

Мораше да се вади, па рече дека  без консензус, тоа не може да се случи и доколку се случи, како што рече, како претседател на Владата нема да разгледува таква точка. Но Мицкоски потенцира дека „има коалициски договор“ во кој, како што рече, стои дека „тие улици кои веќе имаат име да не се менуваат.“

Договорените не, ама другите, може! Да не биде само многу бргу, веќе на локалните избори пак да ја враќа Македонија на Македонците!

Серијата внатре коалициски потреси продолжи со изјавата на министерот за здравство Арбен Таравари, инаку лидер на втората партија членка на Влен, Алијанса  за Албанците. Таравари во интервју за емисијата „Дејли клик“ на ТВ 21 рече дека премиерот Мицкоски ќе ги прифати уставните измени, исто како што тоа претходно го направил со Коридорот 8 и со Преспанскиот договор, на кои иако имал забелешки и бил против нив, сепак ги прифатил.

„Дали беше против Коридорот 8 или денес на Коридорот 8 се работи поенергично од кога било досега. Да ви кажам, Договорот од Преспа, и таму имаше противење, но денеска го прифати. Третата работа што треба да ја направи господинот Мицкоски, се надевам дека ќе ја направи…Така што, многу сум среќен и сигурен дека г. Мицкоски сака и е сигурен дека ние треба да ги почнеме преговорите, но и тој сака некакви гаранции“, рече Таравари.

Мицкоски и него потоа го правдаше дека не рекол така.

Како афтершокови по земјотрес на кои не им го знаеш бројот, „здрма“ и третиот член на Влен.

Изет Меџити од Демократското движење и прв вице премеир во интервју за канал 5 рече дека нема ништо лошо во тоа Македонија да го почека Косово на европскиот пат и така заедно да станат членки на ЕУ.

Тоа што Албанија отиде понапред и го отвори преговарачкиот пакет за Меџити не претставува проблем но призна дека „Албанците тука не се среќни што Албанците од Албанија чекорат кон Европската Унија, а ние заостануваме, но ова е еден вид притиок и фактор и ние поцврсто да нагазиме на овој процес и некаде по пат да се сретнеме со Албанија“.

На ироничната за белешка на уредникот дали можеби треба и Косово да го почекаме, Меџити одговори:

„Па зошто да не. Можеби не да ги почекаме, но јас тоа го гледам како позитивен натпревар и на крајот да бидеме дел од ЕУ заедно“.

Мицкоски едноставно не ја научи лекцијата од неговиот претходник Никола Груевски кој во последните денови, кога веќе беше урнат од власта изјави дека вината за тоа ја гледа во фактот што многу ножиња имаше забиено во неговиот грб. При тоа сигурно не мислеше на својот политички противник Зоран Заев, зашто „многу“ ножиња во „грбот“ не удира фронталниот противник, туку  некои играчи од внатре.

Што би рекол братучедот му Саше: „каменот од блиску доаѓа“!

Зачлени се на нашиот е-билтен