Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Лекции од мирот во Северна Ирска

Пишува: ТОНИ БЛЕР / PROJECT SYNDICATE

ЛОНДОН – Пред 25 години, јас, заедно со ирскиот премиер Берти Ахерн, американскиот претседател Бил Клинтон и лидерите на четирите главни политички партии на Северна Ирска, го претставивме тоа што стана познато како Договорот на Велики Петок. Тој договор реши конфликт што предизвикувал илјадници човечки жртви и неискажана тага и уништување со децении, а веројатно и со векови.

Мирот, како и политичките институции кои ги покрена Договорот на Велики Петок, беше несовршен и кревок, а таков и останува. Но, споредете ја Северна Ирска денес со тоа каква беше пред четвртина век и, со право, постигнатото можете да го наречете трансформација. Мирот е сочуван, економијата двојно се зголеми во обем, а Белфаст, град кој порано беше начичкан со бодликави жици и покриен со воени патроли, сега е просперитетен европски град со растечки технолошки сектор и раздвижен ноќен живот.

Значи, имаме основа за претпазливо славење на оваа годишнина. Тешко може да се замисли друг навистина успешен мировен процес во поновата историја.

Често сум запрашан дали има лекции од Договорот на Велики Петок за решавање на конфликти на други места во светот. Реалноста е дека секој конфликт е уникатен и се разликува од секој друг конфликт според причината, времетраењето, надворешната поддршка и многу други фактори. Меѓутоа, некои лекции се јасни и вреди да се забележат.

Прво, мирот не може да се вкорени без договорена рамка која што двете страна ја гледаат како концептуално правична. Во случајот на Северна Ирска, суштинскиот дел на Договорот на Велики Петок беше таканареченото начело на согласност: оние кои сакаат обединета Ирска мора да прифатат дека Северот треба да остане дел од Обединетото Кралство, сé додека мнозинството таму тоа го посакува. Ова беше голема отстапка за унионистите на Северна Ирска.

За возврат, унионистите го прифатија начелото на еднаков и правичен третман за националистичката, претежно римокатоличка заедница, поддржана со нови институции во области како полицијата и правдата, со признавањето, преку соработка со Република Ирска, на националистичките аспирации за единство на Ирска.

Но израелско-палестинскиот мировен процес во изумирање, заснован на таканареченото решение за две држави, покажува дека не е доволно да се има само рамка. Второ, оттука, еден мировен процес има потреба од постојано внимание од страна на оние кои се инволвирани. Договорената рамка претставува само почеток. Тоа е патоказ, а не дестинацијата.

Постигнувањето на мир бара време, трпение, креативност и упорна, непрестајна одлучност. Мировните договори се токму тоа: процес, не настан. Значи, поминавме долги години – вкупно девет – на имплементација, со многу кризи, неуспеси и препреки попатно. Секој од нив можеше да го затвори процесот, доколку не се држевме до него.

Трето, преговарачите не треба да се плашат да побараат надворешна помош. „Никој вистински не го разбира нашиот спор како ние“, велат тие. Тоа е точно, но понекогаш да не се разбира спорот како што тие го разбираат, е клучот за неговото решавање. Интервенциите од страна на Клинтон и американскиот сенатор Џорџ Мичел и последователната посета на Северна Ирска и поддршката за процесот од страна на претседателот Џорџ В. Буш, дојдоа во моменти кои беа од помош за обезбедување структури на финансиска и политичка поддршка. Европската унија, исто така, секогаш бараше начини да помогне, а флексибилноста на ЕУ наспроти неодамнешните превирања во Северна Ирска поврзани со Брегзит, претставуваат уште еден класичен пример за надворешна помош за надминување на внатрешните тензии. Значи, не се плашете од надворешни лица, користете ги.

Тоа секако бара четврта компонента: примерно лидерство. Мирот во Северна Ирска никогаш немаше да се случи без тоа. Лидерите мораа да бидат подготвени да им кажат непријатни вистини на своите поддржувачи, да ги прифатат критиките и да ги поднесат извиците за предавство. Многу пати во текот на процесот, имаше моменти кога најлесното нешто да се стори е спротивставување на правилното. За среќа, имавме лидери кои беа подготвени – често по голема лична цена – да тргнат по вистинскиот пат, а не по најлесниот.

Петто, поверојатно е процесот да биде успешен ако, оние кои се ангажирани во него, имаат доверба еден во друг. Секогаш им велам на студентите дека политиката е лична, тоа е работа со луѓе. Бидејќи има толку многу заплеткани прашања што треба да се решат, бидејќи политиката на секој човек може да се претстави во различни, ако не и спротивни, насоки – мора да бидете во можност да имате разговори кои се отворени, искрени и стратешки.

Вашиот партнер во процесот има проблем? Погледнете од негов агол. Разговарајте за тоа. Најдете решение заедно. Можеби е многу тешко да се постигне пријателство, но не и партнерство.

Шесто, сите страни треба да признаат дека конфликтот е основа за најдлабока недоверба. Да се постигне договор не е исто што и развивање на доверба. Првото е формално. Второто е емотивно. Значи, признајте го тоа. Барањето начини за градење доверба е инвестиција што ќе ги донесе најбогатите дивиденди.

Конечно, никогаш не се откажувајте. Луѓето се толку цинични за политиката, најчесто бидејќи гледаат малку промени во нивниот секојдневен живот. Но повлечете се за миг. Широкиот замав на историјата е како импресионистичка слика: тоа што изгледа заматено одблизу, се открива себе си од далеку.

Со растојание од 25 години, можеме да видиме дека Договорот на Велики Петок донесе вистински, далекусежни промени. Многумина што живеат денес ги чувствуваат благодатите на Договорот. Дали знаат или размислуваат за тоа, не е битно. Тоа што е битно е – дека е сторено.


Тони Блер e поранешен премиер на Обединетото Кралство, е извршен претседател на Институтот за глобални промени Тони Блер. Пишува за Project Syndicate од 2009 година.


превод: Наташа Цветковска (Прва линија)

Најново