Пратеникот Фатмир Битиќи и поранешен вицепремиер за координација со економските ресори, во интервју за Рацин.мк вели дека, независно што сме мала земја, нашата севкупна економија е таква да не можеме да останеме на страна од тивката трговска „војна“ што се води меѓу САД и Мексико, Канада, Кина и ЕУ.
Зоран БОЈАРОВСКИ
Битиќи смета дека позицијата „ќе видиме што ќе се случи, што ќе прават они, па после ние ќе реагираме“ е погрешна и дека Владата би требало, после најавите дека се особено блиски со сегашната администрација да знаат кои се слидните чекори и да кажат на стопанството, на пратениците, па и на сите други чинители што се следните чекори што ќе ги преземе македонската влада во насока на полесно елиминирање на можните негативни влијанија.
„Мојата проценка е дека ако се случи (САД) да воспостават одредени царини кон ЕУ, тоа директно ќе влијае врз нашата економија. Ние сме длабоко извозно ориентирани и поврзани со економијата на ЕУ. Еве само еден податок, скоро 47% од нашиот извоз е поврзан со германската економија и од тоа скоро 80% од целиот тој извоз во Германија е поврзан со еден сектор, а тоа е автомобилскиот сектор и, најверојатно, тоа ќе биде еден од секторите коишто најмногу ќе биде погоден во таа војна, во таа тивка војна којашто Америка ја води со другите земји“, посочува во интервјуто за Рацин.мк што целосно ќе биде објавено во недела на 9 февруари.
Американскиот претседател Трамп неколку пати порача дека „апсолутно“ ќе воведе царини за увоз на европските производи на американскиот пазар, обвинувајќи ја Унијата за нефер трговски практики и за „ужасен“ третман на САД.
Според него, европскиот пазар главно е затворен за пласман на американски производи, што го докажува и големиот дефицит на САД во трговската размена со ЕУ.
Ваквите закани Трамп ги кажа и при видео-обраќањето на Светскиот економски форум во Давос минатата недела, истакнувајќи дека ја сака Европа, но дека ЕУ се однесува „многу, многу неправедно“ кон САД со својот висок корпоративен данок, со казните за американските информатичко-технолошки компании и со нејзиниот суфицит во меѓусебната трговска размена.
Токму од овие причини, соговорникот на Рацин.мк, Фатмир Битиќи смета дека Владата на Северна Македонија треба да биде многу попроактивна и да има многу појасна стратегија како, во евентуално нови констелации но новата светска економија, ние како мала земја поставиме.

„Има начини. Ние како претходна влада и јас бев еден од чинителите, имавме доста работено за да ја поставиме нашата земја во мапата на земји во која така наречениот near shore или friend shore би можело да се одвива, а тоа е да влеземе во сегментот на синџирот на набаваки во одредени сектори како алтернатива за одредени подалечни земји за индустриите коишто се битни за нас“, укажува Битиќи.
Тој потсетува дека тој пристап даде резултати во справувањето со последиците од војната со Украина.
„Друго е дали тоа помпезно го најавувавме, го зборувавме, го промовиравме, но реално резултатите се видиливи и ефектите од нив се видоа на крајот од 2024 година, кога, во суштина, ја надминавме кризата, инфлацијата, справувањето со инфлацијата, но и резултатите од странските директни инвестиции за кои што оваа влада сака да ги промовира дека достигнале највисок раст“, вели Битиќи.
Тој смета дека тоа што се навестува од администрацијата на САД во тивката војна со ЕУ, особено во автомобилскиот сектор, ќе влијае негативно и можеме за некој месец да знаеме дали тоа што вообичаено го имаме како нарачки од домашните и странските инвеститори во нашата земја, ќе падне на одредено ниво и дали ќе треба Владата кој е одговорот на тоа.
„Јас, искрено, знам што би требало да се направи во овој момент, особено во доменот на односите со стратешкиот партнер како што е САД и во оваа војна колатерала не би требало да биде нашата земја. Но, за тоа треба проактивност, а не седење на страна со став дека тоа е нешто што они го прават и дека ние не би требало да бидеме вмешани“, нагласува Фатмир Битиќи.
Неговиот став е дека конечно е дојдено времето, независно што сме мала земја, да бидеме многу проактивни во севкупните економски движења во светот, а особено во однос на стратешките партнери како што се САД и ЕУ.
„Ние немаме друга алтернатива. И со едните и со другите треба отворено да се прашаме затоа што ни на едните ни да другите не им треба слаба македонска економија и слаба држава севкупно. Им треба јак партнер, особено затоа што сме сојузници во најголемата воена алијанса. Тоа значи дека ако како претенденти коишто сакаме да бидеме земја членка на ЕУ, подобро е да бидеме поспремни отколку да бидете сиромашни и од аспект на економија и од аспект на функционирање на институциите“, истакнува во интервју за Рацин.мк пратеникот и поранешен вицепремиер за економски прашања Фатмир Битиќи.
Интервјуто во целост ќе биде објавено во недела на 9 февруари.