Пишува: Борјан Јовановски
Тајните документи кои му „протекоа” на Пентагон во врска со руската агресија на Украина покажуваат дека Србија и не е така неутрална во однос на војната . Во еден од документите на Пентагон се вели „Србија одби да обезбеди обука за украинските сили, но се обврза да испрати…или веќе ја испрати леталната воена помош за Украина” Во документот кој го објавува Ројтерс, исто така се вели дека Србија има политичка волја и воена способност да и обезбеди оружје на Украина во иднина.
Документот ја носи ознаката “Tајна”, со што се забранува негова дистрибуција на странски разузнавачки служби датирана од 2 март.
Кабинетот на српскиот претседател Александар Вучиќ и украинската амбасада одбија веднаш да одговорат на барањето на Ројтерс за коментар за овие наводи.
Пентагон, исто така, не одговори веднаш на прашањата на Ројтерс за Србија а претходно одби да коментира за кој било од објавените документи.
„Ако овој документ е точен, тој или ја покажува дволичноста на Вучиќ во однос на Русија или дека тој е под огромен притисок од Вашингтон да испорача оружје на Украина“, рече Јануш Бугајски, експерт од Фондацијата Џејмстаун-Институт за надворешна политика.
Докуметите на Пентагон ги објавуваат одговорите на барањата на Украина за помош во четири категории: земји кои се обврзаа да обезбедат обука и оружје, земји кои веќе обезбедиле обука, и оружје или и двете; земји со воена способност и политичка волја „да обезбедат идна воена обука и оружје..
Австрија и Малта се единствените две земји со „Не“ во сите четири категории.
Инаку пред еден месец беа објавени документите на прорускиот канал на глобалната апликација за пораки Телеграм кои ја покажуваат пратката од српски производител на оружје на ракети земја-земја од 122 мм “Град” до Киев испратена во ноември. Документите вклучуваа декларација за испорака и сертификат за краен корисник- украинската влада.
Претседателот Александар Вучиќ за време на посетата на Катар во март запрашан за коментар изјави дека Србија не извезела никакво оружје за Украина.
Инаку тајните докумети означени како „строго доверливо“, даваат и детална слика за војната во Украина, вклучувајќи чувствителни детали за подготовките на Украина за пролетна контраофанзива.
Според документот, од 23 март, Обединетото Кралство има најголем контингент специјални сили во Украина (50), а потоа следат земјите членки на НАТО како Летонија (17), Франција (15), САД (14) и Холандија (1). .
Во документот не се наведува каде се наоѓаат силите и што е нивната задача. прават.
Бројот на персонал може да биде мал и несомнено ќе варира. Но, специјалните сили по својата природа се многу ефикасни, особено оние со кои располага Велика Британија а кои се сметаат за едно од најдобрите во редот на воените капацитети со кои располага НАТО.
Инаку овие документи протекуваат непосредно пред пролетната офанзива на Украина која би требало да ја смени динамиката на бојното поле и да постави услови за мировни преговори.
Сепак како што проценуваат експертите во овие документи нема ништо што укажува на насоката на планираниот ударот на украинската контраофанзива. Се проценува дека Кремљ веќе треба да има прилично добра идеја за опсегот на подготовките на Украина. Некои воени коментатори велат дека сето ова е дел од планот на Западот да ја доведе во заблуда руската командна структура. (НоваТВ)