„Од денеска СДСМ и опозицијата го започнуваат проектот „Вистината за македонија”. Целта е единствена – да ја вратиме слободата и демократијата во Македонија, да ги вратиме европските вредности”.
Со овие зборови тогашниот претседателот на СДСМ Зоран Заев ја отвори првата прес конференција од проектот „Вистината за македонија” кога почнаа да се објавуваат „бомбите“ кои петходно неколку месеци беа најавувани
На денешен ден, пред десет години, во партиското седиште на СДСМ, одекна првата „бомба“. Поточно, точно на 9-ти февруари 2015 година македонската јавност ги слушна првите аудио-снимки од морето незаконски прислушувани разговори на околу 26.000 граѓани: опозиционери, новинари, судии, обвинители, бизнисмени, пратеници, министри, академици, верски лица, невладини организации.
Првите „бомби“, односно снимени разговори, слушнати на таа прва прес конференција, беа прислушкуваните разгвовори токму на Зоран Заев.
„Денеска ќе слушнете како јас, Зоран Заев, сум следен и прислушуван во континуитет во последните неколку години. Сум бил следен и прислушуван и кога не бев лидер на СДСМ, како разговарам со мои партиски колеги,со луѓе од Општина Струмица, со граѓани, како разговарам со моите деца.“
Од февруари до средината на јуни 2015 година, лидерот на тогаш опозицискиот СДСМ, Зоран Заев одржа четириесетина прес-конференции, на кои под мотото „Вистината за Македонија“ објави дел од од незаконски следените разговори од страна на Управата за безбедност и контразаузнавање (УБК), која ја нарече прислушкувачки монструм.
Преку овие „бомби“ јавноста слушна како Владата на Никола Груевски ги уредувала и контролирала дел од медиумите, како течеле партиските вработувања, како се договарале изборни измами, како се избирале судии, како се преговорало за името, зошто се уривал „Космос“, како се одмаздувала власта кон политичките опоненти, како се купувале возила, плацови…
До тогашното објавување на „бомбите“, во земјата веќе имаше политичка криза која потоа дополнително се продлабочи. Пред Заев да почне да ги објавува прислушуваните разговори, Груевски на прес-конференција го обвини за „Пуч“ по што Јавното обвинителство отвори и предмет против Заев кој потоа го презема СЈО. Груевски за материјалите кои ги објавуваше Заев, велеше дека се сечени, лепени и монтирани, а оти прислушувањето се првавело од жолти комбиња.
Некои од „бомбите“ предизвикаа масовни протести, но беа и причина за формирање на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) врз основа на Пржинскиот договор кој го посредуваше ЕУ.
СЈО започна со отворање низа процеси базирани на разговорите. Првата прес-конференција на обвинителството беше одржана на 12 февруари 2016 година на која беше презентирана истрагата именувана како Титаник за изборни измами, па потоа следуваше истрагата Тортура каде како осомничен беше посочен директорот на УБК Сашо Мијалков.
СЈО одржа серија прес-конференции, меѓу кои и истрагата за Тврдина за тоа кој го вршел незаконското прислушување, како и Таргет, Транспортер и 15-тина други обвиненија кои почнуваат со буквата Т, за кои беа иницирани бројни судски предмети.
Во еден од тие предмети осуден е пораншениот премиер Никола Груевски за случајот со „Набавка на мерцедесот“, за кој доби две години затворска казна, но сепак тој не се појави на издржување на казната и избега во Унгарија од каде објави дека добил политички азил.
Во меѓувреме, СЈО веќе не постои, откако на 15 јули 2019 година година јавноста беше изненадена од оставката на специјалната обвинителка Катица Јанева која дојде пред да бидат приведени Бојан Јовановски познат како Боки 13 и Зоран Милевски – Кичеец кои се осомичени во предметот Рекет на Јавното обвинителство, откако во јавноста беа објавени текстови дека се уценувани бизнисмени вклучени во истраги на СЈО, а следуваа и снимени разговори каде на интерфон се слуша и гласот на Јанева како учествува во разговори за постапки кои се воделе против бизнисменот Јордан Камчев. По проширувањето на истрагата за предметот Рекет, притвор беше побаран и за Јанева.
Знаат многу за прислушувањето, ама „не сакаат да зборуваат за тоа“
По низа судски одлуки, жалби и повторни судења, Судот во октомври 2023 година донесе решение за запирање на кривичната постапка за делата злосторничко здружување и злоупотреба на службена положба и овластување во случајот за „Таргет-Тврдина“ за обвинетите Горан Груевски, Сашо Мијалков, Надица Николиќ, Владимир Варелов, Маријан Шумуликоски и Васил Исаковски поради настапено застарување.

Со ова застареа кривичните дела за нелегалното прислушување за предметот, а во судница останаа обвинетите што се опфатени со делот за ништење на опремата, односно делот „Тврдина“.
На 13 јануари оваа година, точнио десет години по првата објава за „бомбите“ од „Вистината за македонија“, Кривичниот суд ја објави пресудата за „Тврдина“ само за делот од предмет за масовното прислушување на СЈО „Таргет-Тврдина“ што не застареа со измените на Кривичниот законик, односно уништувањето на системите за следење на комуникацијата во УБК.
Во овој предмет Судот ги прогласи за виновни обвинетите Тони Јакимовски и Валентина Симоновска, кои беа присутни во судница, како и Горан Грујевски и Никола Бошкоски, екс разузнавачи кои избегаа во Грција, на кои им се судеше во отсуство.
За делата злоупотреба на службената положба и фалсификување исправа обвинетиот Тони Јакимовски беше осуден на една единствена казна затвор од три години, во која се засметува и притворот, обвинетиот Горан Грујевски на една единствена казна затвор од 14 години и шест месеци и обвинетиот Никола Бошкоски на една единствена казна затвор од девет години и десет месеци.
Обвинетата Валентинa Симоновска, доби условна осуда со казна затвор од две години, доколку во период од пет години не стори друго кривично дело.
Тие се виновни за ништење на системите за следење на комуникациите Веринд и Најс трак на отпадот „Бубо металика“ во Скопје во 2015 година. Балираните делови од ништената опрема, потоа биле однесени во дробилница во „Еко цирко“, со цел прикривање на трагите. Со тоа нанеле штета на државата во вредност од 1 милион и 418 илјади евра.
Екс министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска беше ослободува од обвинение, бидејќи обвинителството во текот на судењето не го докажало делото што и се става на товар.
Судијата Илија Трпков, на почетокот порача дека случајот Таргет-Тврдина е најголемиот случај со незаконско прислушување на над 20 илјади граѓани кои со тоа биле држени во заложништво, а со тоа и самата држава и целокупниот општествен живот.
– Не смееше да се дозволи застарување на делот од прислушувањето на овој предмет. Но, се случи упад во судството со измените на Кривичниот законик и тоа се случи. Овој предмет се уште има шанса барем делумно да ја задоволи правдата во делот за ништењето на опремата, изјави судијата Трпков.
Судијата Трпков, посочи дека обвинетите во текот на судењето се однесувале коректно, но дека неговиот впечаток е дека знаат многу за прислушувањето, ама како што рече „не сакаат да зборуваат за тоа“.
Случајот со нелегалното прислушување „Таргет-Тврдина“ започна во јуни 2017 година. Во овој предмет со обвинението опфатени беа поранешниот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски и вработениот во УБК Никола Бошкоски, кои се во бегство во Грција, поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, поранешниот шеф на неговиот кабинет, Тони Јакимовски, Владимир Варелов од УБК и уште пет други лица од Управата. Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби.