Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Ангелов: Во период од три години не сме добиле поплака за ЦУК, граѓаните се јавуваат да се заблагодарат

Денеска се одбележува Денот на 112 во Европа, а Центарот за управување со кризи (ЦУК) ја прославува третата годишнина од активно работење на Единствениот повикувачки број за итни случаи во Македонија. Овој број, кој е во функција од 11.02.2022 и следи современи европски и светски трендови во развојот на системите за итни повици.

-Согласно бројот на примени повици во изминатите три години, околу 1 милион 800 илјади повици, сметаме дека граѓаните се запознаени со функционирањето на бројот 112, не сме регистрирале негативни коментари, напротив во голем број на случаи по добиената услуга граѓаните се имаат јавено за да се заблагодарат, вели директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов за Рацин.мк.

Сепак тој ги повикува граѓаните да не го злоупотребуваат бројот 112 и да го користат истиот кога навистина имаат потреба.

-Секторот Е-112 е вмрежен со државите од ЕУ каде функционира бројот 112 ( PSAP- Public Safety answering point) и преку истите даваме услуга за наши граѓани во странство и нивни граѓани кои престојуваат или транзитираат во земјава. Со воведувањето на бројот 112 се подобри координацијата со повеќето институции во Македонија со што сите добиваат побрза и поквалитетна услуга, а на овој начин се спасуваат животи и материјално-технички добра на граѓаните, вели Ангелов.

Тој додава дека координацијата со другите ресори за брза реакција МВР, прпотивпожарни, Дирекција за спасување и слично е на високо и професионално ниво.

-Во зависност од типот на Барање за услуга и од локацијата на повикот операторите од 112 воспоставуваат повик кон МВР, ИМП или Против пожарни единици, при што со истите се координира брзиот одговор согласно барањето од граѓаните. Сите останата повици кои не ги покриваат наведените институции координацијата ја вршиме преку Секторот за операции и координација во ЦУК ( техничко-технолошки инциденти, природни непогоди и комунални проблеми и сл). Дел од системот е и АМСМ на РСМ и за сите лица кои бараа помош на пат истата им ја овозможувае преку АМСМ, појаснува Ангелов.

Во статистичките податоци за периодот од 11.02.2022 до 09.02.2025 година, вкупниот број повици достигнува 1.759.877. Од тие повици, 858.011 се реални итни повици (48,75%), додека 901.866 се неитни повици (51,25%). Повиците биле примени преку различни канали, како мобилни телефони (1.345.674), фиксен телефон (19.379), E-Call (11.987), СМС (6.703), странски броеви (32.495) и мобилни телефони без СИМ картичка (343.639).

Од реалните повици, 56,65% биле упатени кон полицијата, 31,74% кон Итната медицинска помош, 6,36% кон пожарникарите, и 0,23% кон АМСМ. Од вкупниот број, имало 8.921 повици за итни случаи кои биле предмет на обработка и координација од ЦУК.

Единствениот повикувачки број 112 нуди значајни предности за граѓаните и службите, како што се: бесплатност, интеграција на служби, лесност за паметење, автоматско обезбедување точни GPS координати за локацијата на повикувачот и можност за примање повици од телефони без СИМ или со заклучена тастатура. Интеграцијата на различни служби за итни случаи овозможува поефикасно користење на ресурсите и брзо координирање на активностите во системот за управување со кризи.

ЦУК континуирано го надоградува системот 112, како и технологиите кои се користат, како што е последното надоградување за автоматско јавување на 112 од „паметни часовници“ при детекција на губење на пулс. Со оваа интеграција, системот за итни повици 112 во ЦУК продолжува да се развива и прифаќа нови иновации за побрза и поефикасна реакција при итни случаи.

Денеска, кога се слави Денот на 112 во Европа, ЦУК продолжува да го следи и применува напредокот во оваа важна област, обезбедувајќи итни услуги на граѓаните и подобрување на системот за управување со кризи во Македонија.

Соња Танеска

    Зачлени се на нашиот е-билтен