Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

ГЛЕДАЈ, СЛУШАЈ, ЧИТАЈ: Филмови на Милош Форман и Горан Дукиќ, „Земја на бегалци“ на Кица Колбе, ТВ серија „Германија 1989“

За претстојниот празничен викенд и за деновите од наредната недела за вас избравме неколку дела од филмот, телевизијата и литературата. Гледајте, слушајте, читајте…

Филмови: „Амадеус“ на Милош Форман

„Амадеус“ (Amadeus), игран филм на Милош Форман (Miloš Forman) од 1984 г. (160 мин., колор, ДЦП), по сценарио на Питер Шефер (Peter Shaffer), во продукција на САД / Франција / Италија, со Ф. Мари Ејбрахам, Том Хулс, Елизабет Бериџ, Рој Дотрис, Сајмон Калоу, Кристин Еберсол (F. Murray Abraham, Tom Hulce, Elizabeth Berridge, Roy Dotrice, Simon Callow, Christine Ebersole) во главните улоги.

Сторијата на драмскиот автор Шефер за двата карактера како олицетворение на генијот и медиокритетот, кај Форман е моделирана како апсолутен контраст меѓу двајцата композитори кои останале запаметени како композиторот со дар од Бога, Волфганг Амадеус Моцарт, и просечниот дворски уметник Антонио Салиери.

Филмот започнува во 1823 година со приказната за Салиери, некогашен службен композитор на дворот кај царот Јозеф Втори во Виена, кој се обидел да се самоубие и е сместен во психијатриска болница. Салиери му се исповеда на младиот свештеник Фоглер за неговата одговорност за прераната смрт на младиот гениј Моцарт. Чувството на вина кај Салиери била толку голема што решил да се самоубие.

Салиери уживал во привилегиите како дворски композитор кај царот Јозеф Втори и бил популарен кај елитистичката публика, сè до моментот кога го запознал Моцарт, младиот гениј со лудо однесување: арогантен, често пати пијан и вулгарен.  Салиери како побожен човек со Фаустовски синдром – сметал дека ако животот му го посвети на Господ ќе биде награден со успех и слава, и покрај тоа што компонирал просечна музика – постојано се чуди како може некој како Моцарт да го има тој божји талент за музика. Тука почнува комплицираниот ривалски однос меѓу Салиери и Моцарт: егоизмот на првиот на секој начин, со сите средства, ќе се обиде да го сопре успехот на младиот гениј…

„Амадеус“ го потврди мајсторството на Форман во жанрот на биографската музичката драма, освојувајќи 11 номинации за „Оскар“, а освои 8, меѓу кои и за најдобра режија и најдобра машка улога (Ејбрахам). Филмот се закити и со по четири награди „Златен глобус“ и БАФТА, доминирајќи како филм на годината, а можеби и на деценијата.

„Амадеус“ е на програмата на Кинотеката на 15 април (сабота), во 20:00 ч.

„Народот против Лари Флинт“ на Милош Форман

„Народот против Лари Флинт“ (The People vs. Larry Flint) на Форман од 1996 г., (130 мин., колор, 35 мм), продукција на САД, по сценарио на Скот Александер, Лари Карашевски (Scott Alexander, Larry Karaszewski), со Вуди Харелсон, Кортни Лав, Едвард Нортон, Брет Харелсон, Дона Хановер, Џејмс Кромвел (Woody Harrelson, Courtney Love, Edward Norton, Brett Harrelson, Donna Hanover, James Cromwell) во главните улоги.

Форман повторно раскажува приказна за судирот на поединецот – идеалистички, но контроверзен лик – со општеството, неговите судења и страдања. Се работи за вистинскиот лик Лари Флинт, озогласениот издавач на магазинот „Хастлер“, или хардкор варијанта на Хју Хефнер и неговиот „Плејбој“. Всушност, „Хастлер“ и настанал како идејата дека слободата со „Плејбој“ е освоена, но не е доволна за сите…

Лари и неговиот брат Џими на почетокот на 1970-тите години во Синсинати водат скромен стриптиз бар со назив „Хастлер“ (млад, енергичен човек, „пастув“ во сексуално значење). Идејата дека со издавањето на билтен во кој би имало слики од разголените девојки кои работат во клубот би го зголемил неговиот профит, прераснува во издавање на класично списание со тврда еротика. Првите броеви немаат солиден тираж, но кога во 1972 година на страниците ќе се најдат разголените фотографии на некогашната прва дама Џеки Кенеди Оназис, продажбата ќе биде огромна и публицитетот ќе експлодира. Флинт се жени со Алтеа, танчерка од неговите клубови, а „Хастлер“ ја тестира толеранцијата на американското општество…

На Берлинале 1997 Форман ја освои „Златната мечка“, фиолмот потоа беше номиниран за „Оскар“ за најдобра режија и главна машка улога, а ја доби и наградата на Европската филмска академија. Од петте номинации за „Златен Глобус“ ги освои наградите за најдобар режисер и сценарист.

„Народот против Лари Флинт“ е на програмата на Кинотеката на 19 април (среда), 20:00 ч.; 26 април (среда), 18:00 ч.

 „И свињите одат во рајот“ на Горан Дукиќ

„И свињите одат во рајот“ (Nosila je rubac crleni / Even pigs go to heaven) на Горан Дукиќ (Goran Dukić), игран филм од 2022 г., (86 мин., колор, ДЦП) во продукција на Хрватска / Македонија, по сценарио Сандра Антолиќ (Sandra Antolić), со Наташа Дорчиќ, Теса Литван, прасицата Беба, Пјер Меничанин, Љубо Зечевиќ, Атанас Атанасовски, Љупчо Тодоровски-Упа (Nataša Dorčić, Tesa Litvan, prasica Beba, Ljubo Zečević, Atanas Atanasovski, Ljupčo Todorovski-Upa) во главните улоги.

Сторијата се фокусира на љубовната драма на Беба и Роки, крмак за расплод од полусрпско потекло, љубовната драма на невестата Анчица и велечесниот отец Вјеран, кој не е младоженец на свадбата, и дефектот на фризерската хауба што ги пореметува подготовките на тетка Анка за „проштењето“, еден вид локален аџилак со цел простување на гревовите.

Семоќниот и сезнаен наратор Исус Христос (33 години),  заедно со подеднакво сезнајната тетка Анка (55) и љубопитната прасица Беба (2) се главните ликови на оваа рурална комедија со пеење и пукање, сместена во питомото Хрватско Загорје за време на воените 1990-ти. Мајката Божја, како deus ex machina, ја води приказната кон рајски епилог – кочина полна со прасиња и срца полни со проштевање.

Филмот е добитник на наградата на публиката на Пулскиот филмски фестивал, а актерот Љубо Зечевиќ ја освои „Златната арена“ на фестивалот во Пула за најдобра споредна машка улога.

„И свињите одат во рајот“ е на програмата на Кинотеката на 14 април (петок), 20:00 ч.; 19 април (среда), 18:00 ч.; 24 април (понеделник), 18:00 ч.; 29 април (сабота), 18:00 ч.

ТВ серија: „Германија 1989“

„Германија 1983“ (Deutschland 83) е приказна за едно момче од поранешна Источна Германија кое го регрутираат да биде шпион во Западна Германија. Дејствието, секако, е сместено е во 1983 година, за време на Студената војна во која Западна и Источна Германија ја делеа првата линија на идеолошкиот, но и воениот фронт. Таа линија поминуваше не само низ улиците на Берлин, туку буквално и низ куќите и семејствата на Гермнаците.

Конфликтот меѓу двете држави на едниот народ е преполн со политички интриги, сплетки, бегства од Исток на Запад, а на приземно ниво и шверцување на многу барани западни марки на фармерки, плочи со рок-музика…

По втората сезона „Германија 1986“, сега имаме можност да ја гледаме и третата сезона, „Германија 1989“, во која сторијата говори за периодот кога паѓа комунизмот во Источна Германија и уривањето на Берлинскиот ѕид.

Креатори на серијата се Ана и Јерг Вингер (Anna Winger, Jörg Winger), а главните улоги ги толкуваат Јонас Нај, Марија Шредер, Александар Бејер, Соња Герхарт, Силвестер Грот, Корина Харфух (Jonas Nay, Maria Schrader, Alexander Beyer, Sonja Gerhardt, Sylvester Groth, Corinna Harfouch).

Младиот Мартин Раух (Нај) е граничар во војската на Источна Германија. Тајната служба ХВА, разузнавачкиот оддел на злогласната безбедносна служба Штази чие делување е насочено кон западните земји, го регрутира и го испраќа како шпион во Западна Германија. Мартин станува Мориц Штам, помошник на генерал-мајор и агент на Штази. Мартин нема никакво претходно искуство ниту со шпионажа ниту со политика, а по пат е и многу лошо примен, па тешко се снаоѓа на Запад бидејќи, освен во класичната шпионска и политичка неволја, успева да остане збунет и кога нарачува во ресторан. Шпионската драма е своевидно лично доживување на Западот во очите на неискусен шпион. Во третата сезона Мартин, иако сака, не смее да ја напушти службата бидејќи му се закануваат со испраќање на неговиот син во Москва…

Многумина „Германија 1983“ ја нарекуваат „прва вистинска германска серија“ во смисла на висококвалитетен продукциски производ (2015 година), „најавувајќи“ ја на некој начин популарната и многу фалена „Бабилон Берлин“ (2017) на Том Тиквер, која со сторијата хронолошки е претходничка на „Германија 1983“.

Серијалот „Германија 1983/1986/1989“ во исто време е и приказна за разликите помеѓу источниот и западниот блок на популарно-културно ниво, како и оддекот во секојдневниот живот.

„Германија 1989“ е на програмата на МРТ од понеделник до петок, во терминот околу 22:00 ч., а претходните две сезони можете да ги најдете на интернет-платформи.

Книга: „Земја на бегалци“ од Кица Колбе

„Овој роман е мојата потрага по изгубеното време, како на Пруст“, вели авторката Кица Колбе за нејзиниот роман „Земја на бегалци“ (2018), кој деновиве доживеа второ издание.

„Се е спасено, кога барем еден уште памети“ е мотото на романот во кој не луѓето, туку книгите се оние кои паметат, подолго и од надгробните плочи.

„Да знаеја дека нема никогаш повеќе да се вратат дома, пред да појдат во шумите, тие барем ќе застанеа мигум м‘лченичкум среде одаите, во кои живееја од дедо-прадедо. Во молк ќе се простеа од нив. Ќе им кажеа збогум на гумната и на племните, на чардаците и на амбарите, на портите и на пенџерите. Ќе ги целиваа стисовите и портите стари како што од мртовецот се збогуваа со последно целивание. Ќе се збогуваа тие мигум од својот живот во тие одаи.

Тогаш сфати Фросе, некогашното дете на егејски бегалци, дека таа навистина е дел од нешто многу постаро. И многу поголемо. Постаро и поголемо од сите домови, од сите полиња и ниви. Од сета земја што ја изгубија нејзините роднини во својата татковина. Грција. Егејска Македонија. Тоа, на што таа припаѓа, е поголемо и од сите татковини. Постаро е тоа од сите напишани истории. На таа невидлива за светот земја на бегалците ѝ припаѓа Фросе Аврамова. На таа најстара земја на прогонот и бегството. Само на таа земја Фросе ѝ припаѓа вистински. Таа е вечниот засолн на прогонетите, отфрлените, пребеганите. Вечната земја на бегалците. Таа постои над сите граници, над сите нации, над сите народи. Само таа е нејзината татковина.“ (извадок од романот).

За писателката Лидија Димковска романот „Земја на бегалци“ денес е субверзијата на современата македонска книжевност:

„Стои со уште неколку ретки примероци на современата книжевност како светилник среде море полно со треви, пластични ќеси и лименки. Гледа во земјата на морето, со поглед полн и строгост и тага. Свесен за сѐ. Сам против сите. Страшен. Човек кој влегол во него ќе излезе обележан засекогаш. И крајно доверливо ќе ѝ шепне само на личноста на иста бранова должина со него: Каков светилник! Каков роман! Прво созреј, па потоа влези во него. Или подобро – влези во него за да созрееш. И како писател и како читател.“

Кица Колбе

Проф. д-р Лидија Капушевска-Дракулевска ја истакнува разорната сила на војната и бегството како централна тема, која не ги остава на мир оние што се спасиле, но напуштиле и изгубиле сѐ, затоа што останале трауматизирани, со чувство на вина, со постојан страв, со чувство на неприпадност. За овие, во светската литература толку актуелни теми, многу малку е пишувано во македонската литература.

„Земја на бегалци“ е одбрана на литературата како уметничка пракса која може да го понуди она што не може да го понуди самата историја.  „Зачувувањето на посебното, индивидуалното човеково искуство кое има поинаква специфична вредност во однос на историјата, затоа што е лично, индивдуално, посебно. „Земја на бегалците“ верува дека личнити приказни на луѓето, згмечени од големите историски настани мора да се раскажуваат и прераскажуваат токму поради тоа што во тие лични, посебни истории го има она што не може да се види во големата слика на историјата“, оценува Владимир Јанковски.

Игор Анѓелков напиша дека …прекрасна симболика кријат уште неколку раскажувачки елементи во книгата. Бараката во која живеат бегалците, како еден вид „Ноева арка на вечното бегалство. На најбедните, на најкревките, на најнемоќните бегалци. На тие што изгубија сѐ, а го спасија само голиот живот“, но и стариот шифоњер, како симбол на преселбата и прогонството, сето тоа обоено со „морномодрото море афионско“.

„Земја на бегалци“ од Кица Колбе е во издание на „Или-Или“.

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најново