Во подготовка се нови измени на Законот за безбедност во сообраќајот во Србија, а меѓу најзначајните новитети што привлекоа внимание во јавноста се трајно одземање на возила, промените во пробната возачка дозвола, воведувањето на нулта толеранција за алкохол и дигитално досие за возачите.
Постојниот закон е во сила од 2009 година, а измени претрпел во 2018 и 2023 година, кога ббиле променети 53 члена. Според најавите, новиот нацрт треба да биде завршен до април, а се очекува да биде усвоен до средината на годината, пишува „Блиц“.
Една од клучните измени предвидува трајно одземање на возилата на оние што повеќепати се правосилно осудени за тешки сообраќајни прекршоци. Дополнително, се воведува систем за дигитално следење на прекршоците, а нултата толеранција за алкохол ќе значи задолжителен алкотест при секое запирање од страна на сообраќајната полиција.
Како што објаснува Дамир Окановиќ од Комитетот за безбедност во сообраќајот, не станува збор за укинување на пробната дозвола, туку за укинување на нејзиниот посебен образец.
Во иднина, дозволата на почетникот нема да се разликува од онаа на возач со 20-годишно искуство, но сите ограничувања за новите возачи ќе останат на сила. Ова решение ќе ги олесни проблемите што српските возачи ги имаа во странство, каде што пробната дозвола не беше признаена.
Наместо посебен документ, новите возачи ќе добијат дозвола со специјален код кој ќе укажува на нивниот статус и ограничувања.
Со воведувањето на дигиталниот досие, секој возач преку апликација ќе може да ги следи своите прекршоци, казни и техничката исправност на своето возило. Ова ќе овозможи поголема транспарентност и ќе спречи возачите да дознаваат за неплатени казни дури на граничните премини.
Дополнително, оваа промена ќе спречи лица со забрана за возење да изнајмуваат возила од рентакар компании или да се вработуваат како возачи без работодавецот да знае за нивниот статус. Системот ќе функционира слично на кредитниот рејтинг – зелена боја ќе означува дека возачот е во ред, црвена ќе укажува на прекршоци, а црна ќе значи дека лицето е под забрана за возење.
Најконтроверзната измена е воведувањето на нулта толеранција за алкохол. Иако експертите предупредуваат дека количини од 0,1 или 0,2 промили не влијаат на возачките способности, новиот закон предвидува дека секој кој ќе биде затекнат со било каков процент на алкохол во крвта ќе биде санкциониран.
Проблемот може да настане доколку осигурителните компании ја искористат оваа одредба за да одбијат исплата на штети, дури и во случаи кога возачот има само траги од алкохол во крвта, што не е причина за несреќа.
Иако целта на законот е да ги обесхрабри возачите да „пресметуваат“ колку можат да испијат пред да седнат зад воланот, експертите предлагаат и промена во осигурителниот систем, со цел да не се казнуваат возачи кои немаат значително количество алкохол во крвта.