Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Квискотека: Кој одговор е точен за преговорите со грбот, на Мицкоски, Милошоски, Касами, Меџити, Таравари или Димитриевски?

Последен во низата на коалициски партнери во власта кој се јави на темата „менување на државниот грб“ е првиот вицепремиер Изет Меџити. Тој денеска рече дека немало преговори за грбот и химната.

„Во фокус ни е владината програма каде што има утврдени столбови, нема преговори во однос на химната, грбот но нема ни табу теми, значи разговараме. Политички договор има за владината програма која што има утврдени столбови како што се економскиот развој, животниот стандард, ЕУ-интеграцијата, враќање на правната држава, децентрализацијата. Тие се секојдневно во нашиот фокус и целосно сме посветени на овие столбови“, изјави Меџити. 

Министерот за здравство од Коалицијата Вреди, Арбен Таравари, вели дека се подготвени да разговараат ‘за пакет мерки со кои ќе ги решиме сите заостанати прашања од минатото’. Според него, Македонија е една од ретките постсоцијалистички држави чиј грб не е сменет.

„За жал, во минатиот период повеќе чувствителни теми се ставаа под тепих и некако се сокриваа, не сакавме да се соочиме. Ние сме подготвени да разговараме за пакет мерки кои се нерешени во изминатите 20 – 30 години и да ги решиме. Зошто тука да не бидат и грбот и химната и 20 отсто и други етнички прашања ако има, и да се фокусираме на економијата, евроинтеграцијата, антикорупцијата. Тоа ги интересира граѓаните, подобри плати, подобар живот“, вели Таравари. 

Билал Касами од ВРЕДИ, смета дека и химната треба да се менува, но и дека албанскиот јазик треба да влезе во Уставот. 

„Сакаме да го отсликаме новото време, а тоа е Македонија да биде дел од европското семејство. Ќе бевме подготвени да разговараме за пакет каде што секако ќе се разгледуваше грбот, прашањето за химната, но и прашањето за другите уставни измени поврзани со унапредувањето на албанските права или прашањето за несоодветното дефинирање на албанскиот јазик во Уставот, како јазик на 20 отсто“, Касами.

Темата за промен на државниот грб, прв ја отвори премиерот Христијан Мицкоски,кој рече ‘ние сме една од двете постсоцијалистички држави што сѐ уште го имаат стариот државен грб, со некои мали модификации’. Тој пред новинарите потврди дека партиите од владејачката коалиција ВМРО-ДПМНЕ и Вреди го отвориле прашањето за промена на државниот грб.

„Ние ова прашање го отворивме. Ние сме една од двете постсоцијалистички држави што сѐ уште го имаат стариот државен грб, со некои мали модификации“, рече Мицкоски, потсетувајќи дека договор за менување на државниот грб имало и меѓу ВМРО-ДМПНЕ и ДУИ кога тие беа во истата влада.

Високиот партиски функционер на ВМРО ДПМНЕ Антонио Милошоски, отиде дури чекор понапред од неговиот шеф, Мицкоски, велејќи дека Македонија не треба да остане меѓу ретките држави кои сè уште користат советска симболика на својот државен грб, заедно со Белорусија, Таџикистан и со Ангола. Тој дури ги отфрли обвинувањата од јавноста, дека со отворањето на дебатата за промена на грбот, власта прави дефокус од високите цени на храната, економска криза, немањето на повисок минималец,

„Оваа иницијатива нема врска со изборите. Доколку зборуваме за современи државни обележја, засновани на хералдички принципи, тогаш Македонија навистина треба да изгради грб што ќе ја одразува нејзината историја и определби. Нашата земја има богато историско наследство, кое може да ги поврзе АСНОМ, илинденскиот период и други значајни моменти, а сето тоа да биде претставено преку еден современ државен грб. Таков симбол би ја позиционирал Македонија како дел од европските држави“, изјави Милошоски, коментирајќи ја дебатата за промената на државниот грб.

Коалицискиот партнер на Мицкоски, претседателот на ЗНАМ, Максим Димитриевски ја отфрли идејата за промена на грбот. Тој рече дека како партија не се консултирани за мислење на оваа тема која ја отвориле ВМРО-ДПМНЕ и Вреди.

„Сите тие симболи нам ни значат вклучувајќи го и лавот и сонцето од кутлеш коешто за жал согласно преспанскиот договор повеќе не е составен дел од таа иконографија. но, како и да е – исто така е и петокраката. Јас лично сметам дека овој грб којшто државата во моментов го има ги задоволува сите потреби и од историски континуитет и од географски континуитет и ја отсликува реалноста на македонскиот народ и држава. Ние од ЗНАМ сметаме дека не треба да се дозволи од државните обележја да имаме дополнително наметнување на политиката и партизација“, изјави Димитриевски.

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, прв ја отфрли можноста за промена на грбот, велејќ дека ‘најостро ќе се спротиставиме на промената на државниот грб’.

„Тој е уште еден од низата на никаде испланирани, најавени предлози на ВМРО-ДПМНЕ. Тој предлог беше на маса пред повеќе години, за време на минатата Влада со ДУИ. Тоа беше еден пакет на мерки кој требаше да се донесе. Ние сметаме дека грбот го отсликува ова поднебје, јасен е континуитетот на антифашистичката војна, нема поделба на етнички групи и ако има таква иницијатива, најостро ќе се спротиставиме на промената на државниот грб“, рече Филипче.

ДУИ, на власта и пораќее дека додека ја дефокусира јавноста со грбот, земјата е во изолација, граѓаните се борат за преживување.

„Демократската унија за интеграција (ДУИ) изразува загриженост за тешката економска и социјална состојба со која се соочуваат граѓаните, кои не можат да ги подмират неподносливите сметки за електрична енергија, високите цени на основните производи и целосното отсуство на владини мерки за ублажување на последиците од кризата. Само за да го одвлече вниманието од своите неуспеси. Наместо да се фокусира на вистинските политики за подобрување на животот на луѓето, владата сè подлабоко ја турка земјата во изолација. Интеграцијата во Европската Унија е блокирана, а владата нема никаква стратегија за да го деблокира овој процес.“, велат од ДУИ.

Зачлени се на нашиот е-билтен