Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Сиљановска Давкова: Имам дилема околу моментот на отворањето на прашањето за менувањето на државниот грб

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска ги коментираше двете во моментов најактуелни прашања во Македонија. Првото, кое го отвори премиерот Христијан Мицкоски, за менување на државниот грб, и второто за барањата на албанските коалициски партнери на ВМРО ДПМНЕ, Вреди, за менување на химната и изедначувањето на албанскиот јазик со македонскиот.

Минатата недела Мицкоски потврди дека партиите од владејачката коалиција ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“ го отвориле прашањето за промена на грбот со оглед на тоа што, како што рече, земјава е една од двете постсоцијалистички држави кои сè уште го имаат стариот државен грб, со некои мали модификации.

Сиљановска Давкова, денеска по посетата на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ). изјави дека државната химна нема потреба да се менува, додека за грбот рече дека сега не е време и оти се плаши со тоа да не влеземе во нови страсни конфликти.

Според неа државниот грб има симболи што повеќе укажуваат на географијата отколку на нешто што е белег низ историјата.

„Имам само една дилема околу моментот на отворањето на прашањето. Не негирам дека низ историјата најприсутен симбол бил црвениот лав на златна заднина. Но, мојата дилема е следната – секогаш кога почнуваме да разговараме за вакви етнички прашања, симболи, со таква страст го правиме тоа, што не ни останува време за соочување со вистинските дилеми. Ако денеска зборуваме за драматични промени, треба ние да се адаптираме на драматичните промени. Се плашам да не влеземе во нови страсни конфликти, симболите би требало да обединуваат, а не да разединуваат“,рече Сиљановска-Давкова.

Сиљановска-Давкова за државната химна пак, рече дека ја одразува историјата на Македонија и нема зошто таа да се менува.

„Ако ме прашувате за химната, апсолутно мислам дека нема потреба од промена на химната. Таа никогаш не одразува сегашност, секогаш одразува историска меморија, генеза и немаме ние право да менуваме. Не сум чула да менуваат луѓе, дури и во рамките на Европската Унија, во обидот да се донесе Уставот во 2005 година на ЕУ, беше предвидена химна, ама не дојде до тоа. Сите народи низ историјата креирале песни или химни кои се најважниот државен симбол и затоа не знам колку знаете – текстовите на химните во најголемиот број држави се во Уставот. Описот на знамето е во Уставот. Грбот е опишан во Уставот. Значи во законот над законите“,рече Сиљановска-Давкова.

Зачлени се на нашиот е-билтен