На Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, СДСМ ја повикува Владата на Мицкоски да покаже барем малку грижа за македонскиот јазик и да ги преземе сите законски обврски што досега не се преземени: веднаш да биде отворен Инспекторатот за македонски јазик и сите останати обврски кои не се исполнети.
„За жал после 9 месеци власта нема ништо преземено иако има законски обврски за тоа. Зошто не е основан инспекторатот за употреба на македонски јазик? Зошто нема вработување на лектори?“, прашуваат од СДСМ.
Социјалдемократите тврдат дека ‘ДПМНЕ е гласно како опозиција а дека како власт не прави ништо“.
„Тоа е истата партија која ликот и делото на еден од најголемите великани Блаже Конески го нарекуваше „џуџето од Небрегово“, која досега нема направено ништо за унапредување на македонскиот јазик“, вели Серафимовска-Борозан, од Форумот на ќени на СДСМ..
Социјалдемократите потсетуваат што направиле со своите државнички политики додека биле власт.
– СДСМ успеа да го заштити, да го афирмира и да го унапреди македонскиот јазик.
-Македонскиот јазик денеска е признат во Обединетите нации,
-Со потпишување на Договорот со Фронтекс тој стана дел од јазиците кои официјално се користат во Европската унија, порачаа денеска од СДСМ.
Серафимовска – Борозан, потенцираше дека со буџетски средства Владата на СДСМ ја поддржа дигитализацијата на сите картотеки во Институтот за македонски јазик, со што трајно беа заштитивме 5 милиони вредни записи на македонски текстови.
„Го поддржавме и проектот за дигитализиран „Толковен речник на македонскиот јазик“. Го дигитализиравме и Правописот на македонскиот јазик, со што овие значајни јазични ресурси стануваат подостапни за пошироката јавност. После 24 години, за прв пат во време на владата на СДСМ обезбедивме нови вработувања на научници во Институтот за македонски јазик. Минатата година го донесовме и Законот за употреба на македонскиот јазик, со што испишавме нова страница во историјата на јазичната и културната политика во нашата држава“, рече Серафимовска Борозан.
Со Законот за употреба на македонскиот јазик се воведоа значајни мерки, меѓу кои и: – -Задолжително лекторирање на сите официјални материјали со јавно објавување на лекторите, -Вработување на лектори по македонски јазик во сите јавни институции и органи на власт, -Основање на Инспекторат за употреба на македонскиот јазик за контрола на примената на законот.
-Стипендирање на ученици и студенти на сите нивоа за проучување на македонскиот јазик и отворање нови работни места за лектори во институциите, училиштата, издавачките куќи и медиумите.
Според СДСМ, овој закон е конкретен доказ за нашата грижа за македонскиот јазик, за неговото унапредување и афирмирање.