Министерството за образование и наука (МОН) во тековната учебна година додели 79 грантови од по 30.000 денари на основни и средни училишта низ земјата, со цел унапредување на мултикултурализмот, меѓуетничката интеграција и толеранцијата. Вкупната сума на доделените средства изнесува околу 2,4 милиони денари, а грантовите се распределени врз основа на јавен повик објавен во октомври 2024 година.
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, на прес-конференција изјави дека активностите кои ќе бидат поддржани со овие средства имаат за цел да ги зближат учениците од различни етнички, културни и религиозни заедници, преку заеднички настани и проекти насочени кон меѓусебно разбирање, соработка и почитување.
Сепак, и покрај заложбата за мултикултурна интеграција, останува прашањето дали доделените средства се доволни за суштинско подобрување на состојбата. Самата министерката Јаневска призна дека 30.000 денари се недоволни за посериозни промени, но потенцираше дека тоа е максимумот што било предвидено со актуелното законско решение. Таа најави дека од наредната учебна година грантовите ќе бидат значително зголемени на речиси 90.000 денари, што ќе биде регулирано со измените на Законот за основно образование и новиот Закон за средно образование, кој моментално е во собраниска процедура.
Дополнително, министерката ја нагласи важноста на создавање училишна средина без поделби, укажувајќи дека планот за едносменска настава е дел од тие напори. „Децата треба да учат заедно од најрана возраст. Поделбата на етничка основа беше наметната од одредени околности во минатото, но сега е време да се вратиме на нормалното – да живееме заедно и да се почитуваме“, рече Јаневска.
Директорите на училиштата кои добиле грантови ги претставија своите проекти, меѓу кои има активности како заеднички излети на ученици од различни етнички заедници, ликовни и литературни конкурси, како и запознавање со традициите и празниците на другите култури. Сепак, останува отворено прашањето дали овие иницијативи ќе имаат долгорочен ефект или ќе останат само симболичен чекор во процесот на вистинска интеграција.