Обичајот за дарување мартинки на 1 март е распространет на територијата на Македонија, Бугарија, Романија и Молдавија. Зачуван е и во северниот дел на Грција, југоисточниот дел на Албанија, како и во некои делови на Србија.
Мартинката беше впишана на Репрезентативната листа на нематеријално културно наследство на човештвото на УНЕСКО во декември 2017 година. Овој статус беше доделен како заедничка номинација на Бугарија, Македонија, Молдавија и Романија.
Мартинките како наследена традиција се едно од ретките културно-етнолошки обележја на повеќе балкански држави. Кај некои тие се многу покористени, кај некои помалку, но сепак месец март е во знакот на оваа културна традиција која сѐ уште живее. Но, што всушност се мартинките, кои се корените на оваа традиција, со што се поврзува?
Прославувањето на Денот на Баба Марта се поврзува со изработката на мартинки. Овие мали симпатични артефакти во секоја држава се нарекуваат со специфични имиња како, мартинка во Македонија, мартеница во Бугарија, мартисор во Романија и во Молдавија или верорја во Албанија.
- Мартинката е специфичен обреден атрибут со основно значење на амајлија. Се дарува на саканите, кои најчесто ја носат на некој дел од облеката или како алка на рака. Со мартинки во минатото обично се кителе децата, девојките и младите жени, а поретко мажите и возрасните жени. Мартинките се врзувале и на оградите од дворовите, на вретената, на рачките од вратите, како и на роговите или нозете на животните.
Амајлија која носи здравје и заштита
Традицијата на изработка и дарување мартинки, за која се смета дека има претхристијанско потекло, во себе носи различни верувања. Тие се, пред сѐ, поврзани со магијата на црвената и белата боја кои симболизираат здравје, прочистување и заштита. Поврзани се и со одбележувањето на доаѓањето на пролетта и првиот ден од аграрната нова година (први март), кога се прават и разни други обичаи.
Според традицијата, први март е празник на Баба Марта, која ја симболизира пролетта што доаѓа. Баба Марта е митски лик и откако ѝ било одземено првото место во римскиот календар, кој некојпат почнувал во март, таа се налутила и станала многу непредвидлива.
Во суштина, таа е олицетворение на мајката Земја и ја претставува променливата природа на месецот кој го носи нејзиното име.
Вратен обичај кој бил во изумирање
Во 2020 година Денот на Баба Марта беше награден од Европската комисија и Советот на Европа како една од најдобрите европски приказни која покажува исклучителен пример преку кој се визуализира и интерпретира културното наследство.