Во Македонија само од два до девет дена се дише чист воздух

Македонските граѓани имаат само два до девет дена во годината кога воздухот што го дишат е чист, покажуваат податоците од мерните станици во поголемите градови. Ова беше истакнато на денешната расправа за аерозагадувањето во Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот.

Според Игор Смилев од „Green Power Veles“, Македонија има само 14 инспектори за животна средина, што е недоволно за контрола на загадувањето. Тој нагласи дека во Велес, еден од најзагадените градови, 135 дена годишно воздухот е над дозволеното ниво. „Сите политички фактори се виновни што дозволија граѓаните да се задушуваат во најзагадената средина во Европа“, изјави Смилев, додавајќи дека земјата нема ефикасна еколошка политика.

Податоците за Македонија се загрижувачки: три години по ред државата е европски рекордер по средно-годишна изложеност на PM2.5 честички (30.3 μg/m3), што влијае на здравјето на населението. Велес има 16% смртност од рак на белите дробови поврзана со загадувањето, додека 13% од смртните случаи од мозочен удар се директна последица од токсичниот воздух.

Бојан Трпевски од Здружението на млади правници истакна дека судската практика не предвидува одговорност за загадувањето, а сите поднесени тужби за загаден воздух и неправилно управување со отпад се отфрлени.

Татјана Чакулев од „О2 Иницијативата“ предупреди дека е потребна итна ревизија на еколошките дозволи и вонредни инспекциски контроли, бидејќи ниту за еден од главните извори на загадување не е спроведен ефикасен систем за намалување на штетните емисии.

Ана Петровска од Зелениот институт оцени дека општините не сакаат да имаат локални инспектори бидејќи тоа би значело конфронтација со бизнисите што финансираат политички партии.

Расправата се одржа во услови на политички притисоци, а иако беа поканети премиерот Христијан Мицкоски, министерот за животна средина Изет Меџити и министерката за енергетика Сања Божиновска, ниту еден владин претставник не присуствуваше.

Според извештајот „Здравјето на прв поглед: Европа 2024“ на ЕУ и ОЕЦД, Македонија е на врвот во Европа со 255 предвремени смртни случаи на 100.000 жители поради загаден воздух. Оваа состојба претставува директна закана за јавното здравје и бара итни мерки.

Извор Независен

Зачлени се на нашиот е-билтен