Денко Малески за Либертас: Гласавме против себе во ОН

Бидејќи резолуцијата на Советот за Безбедност, а не онаа на Генералното собрание, има обврзувачко дејство, победи ставот за брз крај на војната без осуда на руската агресија. Франција и Британија кои имаат право на вето, во поддршка на мирот, се воздржале од гласање.

Ние гласавме, како што постојано подвлекува власта, со „нашиот стратешки партнер“. Да си со најмоќната држава во светот, да ја имаш нејзината благонаклоност, во принцип е добро сопствената држава и народ. Сепак, од првите денови на нашето членство во светската организација ориентир во гласањето на државите од групата земји од Источна Европа, дваесет и една на број, беше како ќе гласаат државите на ЕУ. Конечно, ние сме држава на европскиот континент а нашата стратешка цел беше членство во ЕУ. Со време, тоа и се случи: државите од Централна и од Источна Европа се приклучија на европскиот сојуз. 

Проблемот денес е во тоа што, во новата геополитика, Америка ја напушта Европа и континентот ќе мора да мисли со своја глава за својата заедничка безбедност и надворешна политика. Да нема забуна ќе повторам: не ја напуштаме ние Америка, Америка ја напушта Европа. Затоа, сега, неспоредливо повеќе од тогаш, е потребна европска солидарност.

Се разбира, и добри односи со Америка. Дилемата е како сето тоа да се вообличи во една конзистентна надворешна политика. 

Во контекст на големите промени, се плашам дека власта погрешно ја чита меѓународната политика и кога денес упорно се повикува на нашето стратешко партнерство со Америка. А прашање е дали новата администрација знае за партнерството и дали тоа воопшто нешто и значи. Помислете: ако на Америка малку и значи стратешкото партнерство со ЕУ, ова со Македонија не и значи ама баш ништо.

Епилог: Финалето на гласањето во ОН, фала му на Бога, беше во прилог на мирот. Имено, иако европските земји, Франција и Британија, имаат право не вето, тие не ја блокираа резолуцијата која повикува на мир. Сакаа само да се осуди праксата на насилна промена на границите. Ако разбереме дека ретко кој би се осмелил да ги оспори границите на Британија и на Франција, нуклеарни сили, тогаш тој дел од резолуцијата се однесуваше за нас, малите држави. Во таа смисла, ние гласавме против себе.

Зачлени се на нашиот е-билтен