Од променети врати и прозорци до целосно енергетски ефикасни училишта со сончеви колектори – постепено училишните објекти во Македонија трошат сѐ помалку струја, а некои веќе аплицирале и во проекти за поставување термо-пумпи.
Ако се знае дека една ЛЕД-светилка троши шестина од енергијата на обичната и има дополнително подолг рок на траење, тогаш може да се претпостави какви ќе бидат придобивките од целосно енергетски ефикасни училишта. Според експертите, со такви објекти се преполовуваат сметките за електрична енергија до 50 отсто. Тоа подразбира школо каде што се поставени квалитетна енергетски ефикасна фасада, квалитетни покрив и дограма, односно прозорци и врати.
Битола со 7 целосно енергетски училишта, а 10 со монтирани сончеви колектори
Во последните години на дел од училиштата се монтираат и фотоволтаици, а пресметките покажуваат дека за една година тие плаќаат половина помали давачки за струја. Во Македонија речиси и да нема училиште каде што не се преземаат мерки за заштеда на енергија, а некои се целосно енергетско ефикасни.
- Во Општина Битола во изминатата година беа поставени сончеви колектори на 10 училишта. По една година од употребата на фотоволтаици направен е пресек само во едно училиште и заштедите се над 50 отсто. Но, индивидуална е заштедата бидејќи зависи од потрошувачката и големината на училиштата, а максималниот капацитет на поставените фотоволтаици е до 40 киловати – вели секретарот на Општина Битола, Борче Димитровски, кој учествувал во повеќе меѓународни панел-дискусии во Белгија, Франција, Германија и Македонија за праведна транзиција, стратегии за декарбонизација и примена на зелениот водород за енергетска иднина.
Во Битола од 16 училишта во градот дури 7 се целосно енергетски ефикасни. На прашањето од каде да се тргне за да се применат вакви мерки, експертите велат дека поголемиот дел од градбите каде што се сместени училиштата во Македонија се стари и кај нив постепено се прават промени, а најчесто се поаѓа од она што е најзастарено.
- Ретко кога може сѐ да се промени одеднаш во кој било објект. Затоа се работи парцијално и се менува прво најоштетеното и најнеопходното. Во одредени училишта тоа се прозорците, во други покривот или подовите, во некои фасадите. Секоја мерка дава придонес – додава Димитровски.
Дограмата и покривот заштедуваат и до 20 отсто енергија, фасадата 15 отсто
Емилија Сарафска, магистер на енергетски системи, советник за енергетика, енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија во Општина Битола, вели дека со целосна примена на енергетските мерки се докажало дека заштедите на електрична енергија можат да достигнат и до 50 отсто. Заштеда до 20 отсто се постигнува со промена на фасадата, а околу 15 отсто на дограмите и на покривните конструкции. Меѓутоа, уште позначаен е моментот на намалување на јаглеродните емисии и на штетните гасови. Таа била панелист на голем број меѓународни конференции, форуми и вебинари за енергетска ефикасност во Балканот и Европа, координатор на проектите за енергетска ефикасност „Сончеви училишта“ и многу други.
Фотоволтаиците значително ги намалуваат сметките за струја во училиштата, но не успеваат целосно да ги покријат особено во големи објектите кои се греат на инвертер-клими. Вишокот произведена струја особено во летниот период кога нема настава оди во мрежата, па потоа се прави пребивање на сметката за електрична енергија.
Вишокот произведена струја оди во мрежата, а сметките се порамнуваат
- Во однос на сончевите колектори со приклучувањето на двонасочното броило во училиштето, енергијата од фотонапонските електрични централи се користи за целосната потрошувачка на електричната енергија, сеедно дали се тоа компјутери, осветлување, греење итн. Бидејќи училиштата веќе се вклучени во мрежата со двонасочни броила, доколку училиштето произведува енергија повеќе отколку што троши во моментот, енергијата оди во мрежата. Според сегашните законски мерки, постои одредено пребивање во цената на произведеното и предаденото, така што на крајот од месецот/шест месеци/година, се прави пресек (порамнување) на сумата и се врши доплата – вели Сарафска.
Најголемите проблеми со кои се соочуваат училиштата при обидите да станат што поенергетски ефикасни се проектната документација, особено ако објектите се во градови кои имаат заштитени градски јадра како Битола, Охрид, Крушево и каде што целокупната постапка оди побавно. Но, голем проблем се и средствата бидејќи енергетската ефикасност не е евтин процес. Сите ставки, без разлика дали станува збор за енергетски ефикасна фасада, промена на дограма или реконструкција на покрив, бараат многу средства, кои чинат и по неколку десетици илјади евра.
Во Општина Аеродром сите основни училишта имаат фотоволтаици
Сепак, најдобра опција е кога објектите би биле нови, со вградена компонента на енергетска штедливост. Еден од таквите примери се двете школи „Димитар Македонски“ и „Александар Македонски“ во скопската општина Аеродром, кои се целосно енергетски ефикасни училишта, бидејќи имаат сосема нови објекти со фасади и прозорци. Од Општина Аеродром велат дека се обидуваат да постигнат целосна енергетска ефикасност кај сите училишта, па и кај најстарото „Гоце Делчев“, кое веќе има нова фасада со прозорци во поголемиот дел од објектот. Од осум основни училишта само три не се целосно енергетски ефикасни.
- Истакнуваме дека имаме поставено фотоволтаици во сите 8 основни училишта на територијата на Општина Аеродром, со што значително се заштедува на средства за потрошувачка за електрична енергија – изјавија од Општината.
Новаци доби проект за да постави термо-пумпи
И во руралните средини се прават обиди да се создадат подобри услови за учениците, а сепак да се заштеди струја. Во најголемата рурална општина во државата Новаци, од 2021 до 2025 година Општината инвестира во инсталација на нови ПВЦ-прозорци и монтирање инвертер-клими во единственото централно и во неколкуте подрачни училишта, што резултира со 60 отсто заштеда во трошоците за електрична енергија. Тие се една од ретките, ако не и единствена рурална општина со 4 апликации во ИПА Програмата за прекугранична соработка со Грција и Албанија за проекти наменети за енергетска заштеда и во училиштата.
- Покрај тоа, добивме грант од УНДП за изработка на основен проект за поставување фотоволтаици на покривот на училиштето и поставување термо-пумпа и наскоро овај проект ќе биде готов – рече градоначалникот на Новаци, Стевче Стевановски.
Извор Факултети