Колку ги чини унгарскиот кредит македонските граѓани?

Премиерот Христијан Мицкоски вчера изјави дека македонската економија и бизнисот се „гладни“ и најави нови кредити, бидејќи досега имало голем интерес за унгарскиот кредит, а со цел да се стимулира економскиот раст.

Министерството за финансии денеска од централниот Буџет до Развојната банка ја префрли првата транша од 10,4 милиони евра средства наменети за поддршка на домашните компании. Трансферот беше реализиран по доставено барање на Развојната банка за повлекување на средствата, а по одобрување на проектите од страна на деловните банки. Имено, во Буџетот за 2025 година се планирани 250 милиони евра средства за поддршка на домашните компании со кои ќе се поттикне реализација на нов инвестициски циклус во приватниот сектор, којшто ќе влијае на поттикнување на економската активност.

Но, колку се скапи овие кредити за македонските граѓани?

Во контекст на заемот од Унгарија од 1 милијарда евра, граѓаните плаќаат значителен трошок во камати во наредните 15 години. Според податоците од Министерството за финансии, вкупната камата која Македонија ќе ја плати за овие средства е 3.25 проценти, а тоа е 487,5 милиони евра. Годишно, Македонија, поточно грѓаните преку буџетот ќе мора да плаќаат 32,5 милиони евра.

КатегоријаГлавница (евра)Каматна стапка (%)Вкупна камата (евра)
Еврообврзница500 милиони3,25%243,750,000
Општини250 милиони3,25%121,875,000
Бизнис сектор250 милиони3,25%121,875,000
Вкупно1.000 милијарда3,25%487,500,000

Според најавите, средствата за општините и бизнис секторот беа планирани уште во октомври, но нивната реализација беше одложена во корист на политичките калкулации во пресрет на локалните избори. Иако компаниите добиваат 250 милиони евра од кредитот, половина од трошоците за камати, односно разликата од 3,25 проценти и 1.95 проценти ќе ги покрива државата, односно граѓаните.

Каматни трошоци за бизнис секторот на комерцијални банки:

КатегоријаГлавница (евра)Каматна стапка (%)Вкупна камата (евра)
Бизнис (банки)250 милиони1,95%73,125,000

Сепак, и покрај овие поволни услови, приватниот сектор не се покажа заинтересиран за зголемување на минималната плата. Премиерот, исто така, изјави дека државата нема средства за да ги субвенционира придонесите кои би овозможиле плата од 500 евра како што побараа работодавците.

Познавачите на економијата предупредуваат дека иако овие кредити може да создадат привидно зголемување на Бруто домашниот производ (БДП), во реалноста, тие ќе доведат до поголем јавен долг. Според Министерството за финансии, јавниот долг ќе достигне 62,2% од БДП оваа година, што ја остава Македонија во групата земји со висока задолженост. Ова бара внимателно управување со јавните финансии за да се избегнат потенцијални проблеми со враќањето на долгот.

Зачлени се на нашиот е-билтен