Амбасадорот на Полска ги претстави пред членовите на НСЕИ и на КЕП приоритетите на Претседателството со Советот на ЕУ

Амбасадорот на Република Полска во Македонија, Мариуш Бримора, ги претстави Програмата и приоритетите за работата на полското претседателство со Советот на Европската Унија, за периодот јануари – јуни 2025 година, пред членовите на Комисијата за европски прашања (КЕП) и на Националниот совет за евроинтеграции (НСЕИ).

Во почетокот на презентацијата, на заедничката седница на НСЕИ и КЕП, амбасадорот Бримора посочи дека Полска е на половина пат на своето претседавање со ЕУ, кое се одвива, како што рече, во период на геополитички промени и непредвидливост.

Тој  истакна дека полското Претседателство со ЕУ, под мотото „Безбедност, Европа!“,  во делот на надворешната политика,  е фокусирано на максимизирање на поддршката за Украина, одржување на политиките на санкции кон Русија и Белорусија и зајакнување на безбедноста и на отпорноста на ЕУ и партнерите. 

Во однос на проширувањето, амбасадорот рече дека тоа може значително да придонесе за постигнување на безбедносните цели и затоа тоа останува во центарот на вниманието на  полското Претседателство. Полска, нагласи Бримора, е посветена, во овој мандат, да го води процесот на пристапување на сите парнери и од Западен Балкан и од источните земји, врз принципот на заслуги. Проширувањето, како што оцени, е процес што взаемно ги зацврстува ЕУ и земјите кандидати.

Полското претседателство, истакна амбасадорот, е добра можност да се рефлектира и за иднината на Трансатлантското партнерство.  Ќе преземеме акција, додаде тој, за надградување и оживување и на источното парнерство, за да може подобро да се прилагоди на денешните геополитички потреби.

Бримора ја истакна и потребата од засилување на економската соработка и на отпорноста кон дезинформации, а посочи и на ревитализација на односите на ЕУ со Обединетото Кралство.

Осврнувајќи се на презентацијата на амбасадорот на Полска, претседателот на КЕП, Антонијо Милошоски, истакна, дека Трансатлантскиот дијалог е многу важен и корисен за целиот континент, вклучително со Северна Македонија и регионот.

Претседателот на НСЕИ, Венко Филипче, ја истакна потребата од имплементација на Реформската агенда, истакнувајќи дека партнерството со ЕУ, како и со САД, треба да се покаже со дела. Стравот од евентуални нови блокади, рече Филипче, треба да го трансформираме во храброст и сите  заедно да ја поттурнеме државата напред кон ЕУ.

Заменик-министерката за европски прашања, Викторија Трајков, посочи дека приоритетите на полското претседателство со ЕУ се поклопуваат со нашите приоритети насочени кон мир и просперитет. Трајков се осврна и на Реформската агенда, посочувајќи дека ние немаме друг избор освен да продолжиме со испокнување на нашите приоритети, што ќе ни овозможи пристап во европското семејсво.

Заменик-претседателката на НСЕИ, Марија Петрушевска, се осврна на важноста на битката против  дезинформации и лажни вести во процесот на пристапување кон ЕУ, како и со оглед на моменталниот мошне специфичен геополитички контекст. Во однос на полноправното членство во ЕУ, таа истакна дека тоа е еден од трите постулати на нашата надворешна политика, покрај членството во НАТО и стратешкото партнерство со САД.   

Пратеникот Халил Снопче, исто така, го потенцира значењето на битката против дезинформации и странски влијанија и нагласи дека треба да зајакне соработката меѓу нашите и институциите на ЕУ во процесот на спроведување на реформите. Друга препорака, рече тој, е да инвестираме во нашите одбранбени капацитети и во стратешката инфраструктура.

Зачлени се на нашиот е-билтен