Наследникот на Далај Лама ќе се роди надвор од Кина, вели духовниот водач на тибетскиот будизам во новата книга, зголемувајќи ги влоговите во спорот со Пекинг за контролата на хималајскиот регион од кој побегна пред повеќе од шест децении.
Тибетанците ширум светот сакаат институцијата Далај Лама да продолжи и по смртта на 89-годишниот старец, пишува тој во „Гласот за безгласните“, на кој се повикува Ројтерс.
Тој претходно рече дека линијата на духовни водачи може да заврши со него.
Во неговата книга Далај Лама за прв пат прецизира дека неговиот наследник ќе се роди во „слободниот свет“, кој тој го опишува како надвор од Кина. Тој претходно само кажа дека може да се реинкарнира надвор од Тибет, можеби во Индија каде што живее во егзил.
„Бидејќи целта на реинкарнацијата е да го продолжи делото на претходникот, новиот Далај Лама ќе се роди во слободниот свет, така што традиционалната мисија на Далај Лама – односно да биде гласот на универзалното сочувство, духовниот водач на тибетскиот будизам и симболот на Тибет што ги отелотворува аспирациите на тибетскиот народ – ќе продолжи“, пишува Далај Лама.
Тензин Ѓацо, 14-тиот Далај Лама, побегна на 23-годишна возраст во Индија со илјадници други Тибетанци во 1959 година по неуспешниот бунт против владеењето на комунистите на Мао Це Тунг.
За Кина Далај Лама, кој ја доби Нобеловата награда за мир во 1989 година за одржување на тибетската кауза, е „сепаратист“.
Далај Лама е во политички егзил и „нема право воопшто да го претставува тибетскиот народ“, рече портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи на редовната прес-конференција во Пекинг на прашањето за книгата.
Пекинг инсистира дека ќе го избере неговиот наследник, но Далај Лама рече дека секој наследник именуван од Кина нема да се почитува.
„Лозата на живиот Буда на Далај Лама беше формирана и развиена во кинескиот Тибет, а неговиот религиозен статус и име беа исто така определени од централната (кинеска) влада“, рече Мао Нинг, кинескиот портпарол.
Самиот 14-ти Далај Лама беше идентификуван во согласност со религиозните ритуали и историските конвенции, и тоа беше доставено до тогашната централна власт за да го одобри наследувањето.
„РЕПРЕСИВНО КОМУНИСТИЧКО КИНЕСКО ВЛАДЕЕЊЕ“
Пекинг минатиот месец рече дека се надева дека Далај Лама „ќе се врати на вистинскиот пат“ и дека е отворен за разговор за неговата иднина доколку ги исполни условите како што се признавањето дека Тибет и Тајван се неотуѓиви делови на Кина, чија единствена легална влада е таа на Народна Република Кина.
Тој предлог беше отфрлен од тибетскиот парламент во егзил во Индија.
Поддржувачите на Далај Лама и тибетската кауза се Ричард Гир, следбеник на тибетскиот будизам и Ненси Пелоси, поранешната претседателка на Претставничкиот дом на САД.
Неговите следбеници беа загрижени за неговото здравје, особено по операцијата на коленото минатата година. Тој во декември изјави за Ројтерс дека можеби ќе доживее 110 години.
Во својата книга, Далај Лама вели дека добил бројни петиции од тибетски народ, вклучително и високи монаси и Тибетанци кои живеат во Тибет и надвор од неа, „еднакво барајќи од мене да се погрижам да се продолжи лозата на Далај Лама“.
Тибетската традиција вели дека душата на постар будистички монах се реинкарнира во телото на детето при неговата смрт. Сегашниот Далај Лама бил идентификуван како реинкарнација на неговиот претходник кога имал две години.
Книгата, која Далај Лама ја нарекува извештај за неговите односи со кинеските лидери во текот на седум децении, е објавена во вторник во САД од Вилијам Мороу и во Британија од HarperNonFiction, а публикациите Харпер Колинс ќе следат во Индија и во други земји.
Далај Лама, кој рече дека ќе објави детали за неговото наследство околу неговиот 90-ти роденден во јули, пишува дека неговата татковина останува „во канџите на репресивната комунистичка кинеска власт“ и дека кампањата за слобода на тибетскиот народ ќе продолжи „без разлика на се“, дури и по неговата смрт.
Тој изрази верба во тибетската влада и парламентот во егзил, со седиште во индискиот хималајски град Дарамшала, и им пораќа продолжат со политичката работа за тибетската кауза.
„Правото на тибетскиот народ да биде чувар на сопствената татковина не може да биде бесконечно ускратено, ниту пак нивниот стремеж за слобода може засекогаш да биде уништен преку угнетување“, пишува тој. „Една јасна лекција што ја знаеме од историјата е ова: ако ги држите луѓето трајно несреќни, не можете да имате стабилно општество“.
Со оглед на неговата напредна возраст, пишува тој, неговите надежи да се врати во Тибет изгледаат „сè поневеројатни“.