„Секој еден е следен, сакаме правда!“ – со овие зборови револтираните граѓани на Кочани маршираат низ градот, барајќи одговорност за катастрофалниот пожар во кој загинаа најмалку 59 лица.
Незапаметената трагедија го потресе регионот. Во Кочани е прогласена седумдневна жалост, а граѓаните во сè поголем број се собираат на плоштадот „Слобода“ за да им оддадат почит на настраданите.
И покрај лошите временски услови, собирот што започна во 13 часот прерасна во масовен протест. Демонстрантите го бараат градоначалникот, кршат контејнери и упатуваат пораки на гнев кон институциите. Додека се движат кон зградата на Општина Кочани, гласно извикуваат „Убијци, убијци!“
Дел од граѓаните ги искршија излозите на кафулето „Класик“ во Кочани, во сопственост на Дејан Јованов – Деко, сопственикот на “Пулс”.
Револтот дополнително се зголеми кога се прошири веста дека починал Иле Гочевски, возачот на Итната помош кој цела ноќ превезувал повредени.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, приведени се сопственикот на дискотеката и организаторите на концертот што се одржувал во моментот на пожарот. Градоначалникот на Кочани поднесе оставка, а властите најавија засилени контроли на угостителските објекти.
Истражните органи утврдиле дека дискотеката работела со фалсификувана лиценца, која истекла уште во март 2023 година. Дополнително, објектот бил изграден од лесно запалливи материјали како стиропор и картон, што го забрзало ширењето на пожарот.
Настаните во Кочани се силен потсетник на последиците од корупцијата и нефункционалниот систем. Граѓаните испратија јасна порака – правдата мора да победи.