ЏАБИР ДЕРАЛА
Прв дел од текстот „Информациско војување: На што се должи големиот успех на руската пропаганда?“ (ЦИВИЛ Медиа, 18/4/2023)
Исходот на изборните, политичките, економските, општествените и други процеси, зависат од квалитетот, брзината и веродостојноста на информациите. Нема да откриеме ништо особено ново, ако кажеме дека и војната зависи од многу повеќе фактори отколку само од количеството на куршуми, бомби и ракети што ја погодиле својата цел. Така било отсекогаш, тој што знае како да ја (зло)употреби информацијата, тој може да смета на предност и на бојното поле.
Во дигиталната ера, информациите се имаат највисока вредност во напорите да се постигне целта, без оглед на тоа дали е мирнодопска или воена. Информациите, точни или не, имаат потенцијал да ги одредат курсот и судбината на цели нации. Дезинформациите се разорно оружје. Кога тие ќе фатат корен, тие дејствуваат како отров за општеството.
И медиумите, и социјалните мрежи и новите комуникациски платформи, се клучни во одредувањето на сфаќањата за минатото и сегашноста, и очекувањата од иднината. Како сето тоа се отсликува на сегашните состојби во светот?
Протечените документи од Пентагон; докази за успехот на руската пропаганда
Русија, со стотици илјади лажни онлајн профили, со голем успех ги пласира лагите за војната во Украина, за сопствените воени потенцијали (колку и да ги нема) и за сѐ што може да ѝ донесе предност, па дури и на темата за ефектите од Ковид-вакцините.
„Руската влада стана многу поуспешна во манипулирањето со социјалните медиуми и пребарувачите отколку што тоа беше познато порано, со распространување на лагите за војската на Украина и несаканите ефекти од вакцините, преку стотици илјади лажни онлајн профили, според документите што неодамна протекоа на апликацијата Discord“, пишува Вашингтон пост на 16 април.
Колку тоа е точно, докажуваат илјадниците анализи и медиумски прилози од секој агол на планетата, каде што неуморно се анализираат сите аспекти на оваа глобална информациско-разузнавачка афера. Универзитети, тинк-тенк организации, воени аналитичари, новинарски и истражувачки тимови од целиот свет, секојдневно излегуваат со детали и анализи за податоците што протекоа од Пентагон неодамна.
Одговорот на Дискорд
„Она што е јасно е дека неовластено откривање на доверливи владини документи ги прекршува Условите за користење на Discord, кои забрануваат објавување нелегална содржина на нашата платформа“, напиша шефот на правната служба на Дискорд, Клинт Смит, на 14 април.
Дискорд ја отстрани содржината на протечените документи, ги укина корисничките сметки и соработува со истрагата што ја водат ресорите за одбрана и правда во Стејт департментот на САД.
„И додека еден осомничен е уапсен, ние продолжуваме да ја спроведуваме нашата внатрешна истрага за овие настани“, пишува Смит.
Но штетата е веќе направена. Документите се во оптек. Го нема Груевски да ги забрани. А се чини дека протечените документи и податоците што беа обелоденети се критични и, во одредена смисла, дури и ги засенија грозоморните вести од вистинското боиште во Украина.
Со што се гордеат руските пропагандисти?
Во еден од документите што протекоа, се наведуваат цитати од руските онлајн пропагандисти кои се гордеат со фактот дека администраторите на социјалните мрежи успеале да откријат само еден процент (1%) од нивните лажни профили.
Според сторијата на Вашингтон Пост, тоа тврдење „предизвика тревога кај поранешните владини функционери и експерти во и надвор од компаниите за социјални медиуми контактирани за овој напис“.
„Гугл, Мета и другите се обидуваат да го спречат ова, а Русија се обидува да се подобри. Бројката што ја наведувате сугерира дека Русија победува“, изјави Томас Рид за Вашингтон Пост, експерт за дезинформации и професор на Факултетот за напредни меѓународни студии на Универзитетот Џон Хопкинс. Тој во изјавата вели и дека тврдењето од еден процент е веројатно претерано или погрешно.
Според една анализа (протечена на Дискорд) на која нема датум, што се однесува на високата ефективност на руската пропаганда на Твитер, Јутуб, ТикТок, Телеграм и други платформи кон крајот на 2022 година, очигледно му била претставена и на военото водство на САД. Се работи само за еден дел од мноштвото документи што протекоа од Дискорд.
Потсетување: Апсењето на Тешеира
Да се потсетиме: Техничарот на воздушната национална гарда, Џек Тешеира е уапсен на 14 април, под сомнение дека извршил кривични дела поврзани со земање и пренесување на доверливите документи. Доколку се докажат овие обвиненија на суд, тој се соочува со 15 години затвор.
ФБИ соопшти дека Тешеира е уапсен „во живеалиштето во Норт Дајтон, Масачусетс, поради неговата наводна вмешаност во објавување доверливи документи на американската влада и војска“. „ФБИ продолжува да спроведува овластени активности за спроведување на законот во живеалиштето“, соопшти агенцијата на денот на апсењето.
„ФБИ агресивно ги следи трагите, а денешното апсење е пример за нашата континуирана посветеност да ги идентификуваме, прогонуваме и бараме одговорност од оние кои ја изневеруваат довербата на нашата земја и ја ставаат нашата национална безбедност во ризик“, соопшти Федералното биро за истрага (ФБИ).
Протечените документи, објавени на социјалните мрежи, вклучуваа детални разузнавачки проценки на сојузниците и противниците, вклучително и за состојбата на војната во Украина и предизвиците со кои се соочуваат Кијив и Москва.
Илустрација: “Disinformation Warfare” – Patrick Chappatte