Ќостарова Унковска: Ова е време на страдање, но и на оснажување на човечноста

„Да им дадеме простор на тагувањето и на болката – кому колку е потребно. Ова е време на страдање, но и на очовечување на човекот, на оснажување на човечноста во себе. И секој може да се охрабри да се приклучи кон тој процес, по своја мерка и избор, со убав збор, гест, дејствие, грижа за другиот, што ќе ја зајакне и грижата и почитта кон себе си“, вели Лина Ќостарова Унковска, клинички психолог, од Центарот за психосоцијална и кризна акција – Малинска. Нејзините искуства се врзуваат за бегалски кризи, цивилни несреќи со бројни човечки жртви и повреди, но и со несреќата во дискотеката „Парк“ во Скопје пред 30 години. Со неа разговараме за последиците од колективната траума што ја предизвика трагедијата во Кочани и како заедницата, но и медиумите треба да постапуваат во ваква ситуација. „Треба да се претворат во некој што слуша и го почитува правото на другиот, засегнатиот, повредениот, а тоа бара да излезат од своја ‘кожа’, од кожата на својата професионална улога. Не знам дали и колку ќе успеат во тоа, но знам дека, во овие моменти и сега така треба“, вели Ќостарова Унковска.

Прво утро по масовното погребување на загинатите во трагедијата во Кочани. Огромна траума на лично ниво, семејствата кои се директно засегнати со загубите, но и на колективно. Што ни се случува?

Ни се случува колективна траума од високи размери, која тешко може да се објасни со сознанијата и искуствата што ги имаме, и лични и професионални, за тоа што е траума. Со ниту едно споредливо искуство. Дури ниту масакрите во војна, бегалските кризи и цивилните несреќи, во кои страдаат голем број луѓе не се соодветни за споредба, затоа што изгубивме издвоена група млади, адолесценти, членови на мала и мирна заедница. Не сме во војна, немаме непријател, за да се фатиме за било што, како повод и изговор. А исходот е поразителен.

Оттука и првите реакции и чекори на справување се разбирливо хаотични, често контрапродуктивни и брзоплети во преземањето контрола. Со еден збор и тие се израз на ужасот, немоќта, неизвесноста и стравот. Дури е чудо, вистинско чудо што сепак е направена брза тријажа и пренос на децата. Се надевам без големи пропусти од медицинските установи, во Македонија и пошироко. Но затоа, цената што поединци ја платија за тоа е често превисока. Го видовме тоа со возачот на Брзата помош, Иле Гоцевски кој ноќта потоа, почина.

Беспомошност, немоќ, ужас, физички болки од стрес, се само првите реакции на директно засегнатите. Крикот за потреба од психолози во Кочани го слушнавме од граѓаните. Какви други потреби сега имаат тие?

Страдањето и физичката болка ќе траат многу подолго од првата реакција на шок и неверување. И зафаќаат многу поширок круг од непосредно засегнатите. Речиси нема човек кој не се поистоветува со настраданите, децата и родителите, по различни основи. Секој може да открие лична поврзаност и да се препознае во улогата на родител, наставник, соученик, пријател, сограѓанин, соработник… Чувствата на загуба допрва ќе се освестуваат, ќе се продлабочуваат до неподносливост, и со тоа ќе треба да научиме да се носиме. Секој поединечно, но и колективно.

Ова е време на тагување, на голема колективна и лична болка и загуби. Во услови на многу измешани чувства и потреба од акција, на прашањето КАКО да се одговори на трагедија од вакви размери и КАКО да се „нормализира“ и преземе животот во свои раце, немаме единствен одговор. Дури и прашање КАКО делува преурането и несоодветно за најголемиот број граѓани преплавени од чувствата.

Единствените што знаат или треба да знаат КАКО се професионалците, стручни во своите професии, и ним треба да им се овозможи пристап. За сите останати, тагувањето, поднесувањето на болката и личниот однос кон силните доживувања, останува да биде вистинскиот пат кон нивната вклученост и учество во справувањето. Болката што се трпи – и се истрпува, како и молкот (но, не и замолчувањето), можат да проговорат многу посилно и поавтентично за нашиот однос и страдање, за нашето учество и сочувство – без декларативност, излитени фрази и флоскули, и докажувања кои сме и колку ни е тешко.

Заедницата и медиумите треба да се претворат во некој што слуша

Дали може да ни дадете насоки како заедницата и медиумите треба да се однесуваат во овие први денови?  Што може да направиме?

Заврши чинот на збогувањето, за кој никој не беше и уште долго нема да биде подготвен, зашто тука не е крајот. Имавме уште многу да си кажеме… И натаму ќе биде многу тешко, за сите. Секој ќе мора да се справува со тоа, на свој начин. Но, силата да се издржи во такви моменти, кај човекот е неисцрпна, многу ситуации го докажале тоа, а ќе се бара и пронајде, верувам, во поврзаноста и заедништвото, некогаш изразени и со самото присуство.

Немото присуство е израз на сочувство и почит, на потребата за поврзаност и припадност – толку значајни, а толку занемарени потреби на човекот. Нивната обнова, токму по вакви трагични поводи, има огромно влијание врз зајакнувањето, сопствено, но и на најбезгласните, најранливите, на сите мали големи луѓе.

Заедницата и медиумите само треба да покажат дека се дел од тоа заедничко присуство, надвор од своите професионални улоги и лични очекувања. Треба да се претворат во некој што слуша и го почитува правото на другиот, засегнатиот, повредениот, а тоа бара да излезат од своја „кожа“, од кожата на својата професионална улога или задача. Не знам дали и колку ќе успеат во тоа, но знам дека, во моментот така треба.

Низ какви фази ќе поминуваме сите по ова трауматско искуство? Колку круга ќе имаат оваа тага и болка?

Тагувањето и справувањето со загубата се долги индивидуални, а во случајов и тешко предвидливи колективни процеси. Ги знаеме фазите, но не и нивното траење, ниту одговорите на луѓето, поединечно. Тоа ќе зависи и од колективот и заедницата како ќе ги разрешува состојбите, како и со колкав респект и спремност за помош ќе се однесува кон своите граѓани, кон оние најзасегнатите. Да не заборавиме дека секој денес е засегнат со загубата, па така и одговорноста за доаѓање до правдата, ќе ја бараат и очекуваат огромен број луѓе, не само родителите и блиските на загинатите деца. Праведна разрешница очекуваат сите.

Истовремено, искуствата ни покажуваат дека истрагата за причините и причинителите, која оди исклучиво со коренити структурни промени во заедницата, во минатото оделе бавно или воопшто не биле адресирани. Исто како и респектот кон потребите на погодените, кои најчесто брзо биле заборавени. Оттука и големата недоверба во институциите, на самиот старт на расчистувањето. Тешки и конфликтни времиња нé очекуваат.

Како да си бидеме поддршка? Што може човек на човека да му пружи, за да ги задржи психолошките капацитети за оздравување?

Како луѓе имаме големи и неисцрпни капацитети за справување и квалитетни промени, иако тоа сега тешко се препознава. Но јас, длабоко верувам во тоа. Како колектив и заедница не верувам дека уште долго можеме да издржиме вака.  Истовремено, големите трагедии можат да бидат точката на големи пресвртници, точката на масовно освестување. Кризата која следи, пропорционално на јачината може да предизвика тектонски поместувања, со скоковит развој во подобрување на состојбите.

На личен план ова е време и шанса за враќање на приврзаноста, на заедништвото и солидарноста, единствените вредности што можат да ни гарантираат безбедно  ослободување во овие моменти. Нив треба да ги препознаеме како излез. Да ги заживееме како одамна изгубени вредности, да ги валидираме и истакнеме како решенија.

Ова е време на страдање, но и на очовечување на човекот, на оснажување на човечноста во себе. И секој може да се охрабри да се приклучи, по своја мерка и избор, кон тој процес, со убав збор, гест, дејствие, грижа за другиот, што ќе ја зајакне и грижата и почитта кон себе си. Тоа се нештата што сме ги загубиле попатно или не сме ги научиле доволно и навремено, но знаеме дека најбргу се учат токму во вакви непримерни времиња. Затоа, да им дадеме простор на тагувањето и на болката – кому колку е потребно и да го испочитуваме индивидуалното чувство на толеранција на сопственото и колективното страдање. Да не бегаме од нив, да бидеме свесни и да го прифатиме тоа што можеме да го поднесеме онолку колку можеме, а тоа што не можеме, да го пренасочиме кон давање помош и поддршка на еднаквите или послабите од себе. Така побрзо ќе закрепнеме и ќе ги вратиме изгубените сила и моќ да учествуваме и да бидеме слушнати и уважени. Да бидеме вклучени во своите животи, затоа што од тоа тие најмногу зависат.

Несреќите од ваков обем се последица на долгогодишни системски проблеми

Вие бевте првата точка за поддршка и во несреќата пред 30 години во дискотеката „Парк“. Дали може да направиме точка на поврзување на таа и оваа траума, освен што се памети како искуство во колективната меморија?

Тоа беше моето прво соочување со трауматско искуство како психолог, недоволно подготвен да се носи со предизвикот. Потоа следеа и многу други поврзани со воени конфликти, бегалски кризи, цивилни несреќи, со бројни човечки жртви и повреди. Но, ниту една не беше слична на оваа… Тоа искуство тогаш, сепак покажа колку е моќна психолошката помош и поддршка, кога е навремена и добро организирана, колку е од помош за семејствата на повредените, кои и тогаш не беа малку, за нивното повторно и силно поврзување со децата, но и за соучениците, блиски на повредените и на починатото девојче.

Паралелата со ова што ни се случува во моментов, би ја направила пред сè околу учеството на психолози, психијатри и на други помагачи, тогаш и сега, и на очекувањата да помогнат во намалување на последиците по несреќата. Иако поминаа 30 години од тогаш, што ни донесе бројни и искусни стручњаци, во денес многу подобро етаблираната и признаена професија, сè уште се соочуваме со истите структурни проблеми на недоволна организираност, неповрзаност, некоординираност, со чести ад хок избрзни одлуки, што ме прави да се чувствувам несигурна за тоа колку се луѓето навистина подготвени за овие тешки задачи. И дали и колку се тие, во улогата на помагачи, заштитени од ризикот на долготрајна изложеност и брзо прегорување.

Имено, добрата организација и координација на помошта, како и справувањето со сопствените чувства и степен на трауматизираност, се основата на ефикасноста на професионалната помош и поддршка, и мораат да се обезбедат пред да отпочне процесот на помагање.

Само во најпогодените градови Кочани, Штип и Виница, во чии училишта учат најголем број од децата кои се најдоа во дискотеката, од кои голем дел починаа, или сè уште се лекуваат, само за посетата на тие училишта, се неопходни десетина добро обучени тимови психолози и други стручњаци кои ќе оддржуваат редовни средби на психосоцијална поддршка, почнувајќи од целиот колектив наставници, преку класовите на жртвите на настанот, до стручните служби и класните раководители, на сите класови. Сите тие влегуваат во првиот круг на потреби за психосоцијална помош и поддршка. Тука се и родителите, училишниот персонал, на кои е исто така, им е неопходна организирана помош. Во вториот и третиот круг се сите останати училишта, градинки и установи во градот.

Потоа, тука се и училиштата од другите градови во земјата, за кои веќе постои мрежа од обучени ментори за помош на стручните служби по училиштата, во унапредување на менталното здравје во училиштата, распоредни по региони. Тие ја имаат улогата и стручноста, но треба да добијат дополнителни куси обуки како да постапуваат во високо ризични ситуации, со трауматски настан од ваков обем.

Редовни информативни (дебрифинг) сесии, исто така би требало да бидат организирани и за професионалните помагачи од првите редови, за намалување на прекумерниот стрес и преплавеноста на кои се изложени, како резултат на искуствата во помагањето.

Каков одраз ќе имаа оваа несреќа на колективното несвесно? Дали ова е уште едно трансгенерациско страдање?

Несреќите од ваков обем се често последица на долгогодишни системски проблеми и неефикасно разрешување на истите. Тие имаат корени во минатото кои никогаш не се санирани и затоа долготрајно опстојуваат во заедницата. Меѓу нив, највпечатливи се, историското непочитување на правото, како исклучување на младите од сопствениот живот и долготрајната неефикасност на институциите, потоа патријархалното воспитување, со културните обрасци на неказнивост на насилството и незаштитеност на послабите (жените, немоќните и децата), односно кршењето на законите за заштита (импровизации, неинформираност, корупција, ниски вложувања во превенција)…

Тоа се само неколку клучни аспекти кои помагаат да се разбере како овие фактори влијаат врз динамиката на заедницата. Кумулативниот ефект на генерациските повторувања се случува кога овие состојби не се адресирани и истите проблеми се пренесуваат на идните генерации, кои се соочуваат со слични тешкотии. Тоа ја оддржува и храни траумата која циклично се повторува и продлабочува, затоа што околностите и преземените акции се речиси непроменети, а развојот на заедницата продолжува. Што е сменето од трагичниот настан во дискотеката Силекс пред 30 години, кога животот го загуби едно дете, a десетици беа повредени во стампедо? Само тоа што таму немаше пожар. Денес загубивме 60 животи, со уште стотина повредени и илјадници трауматизирани, во речиси исти околности, на непрописно и небезбедно место за забава на најмладите. 30 години не сме се поместиле од истата точка на (не)грижа за младите и (не)ефикасност на институциите во спроведување на основните мерки на безбедност.

Проблемите не се решаваат со „доаѓање памет“, „учење лекции“, со празни ветувања „сите ќе одговараат“, ниту со надежта „никогаш да не се повтори“.  Долгорочното решение бара активни напори за реформи во социо-културните, правните и структурните аспекти на општеството, со цел да се овозможи подобра заштита на младите и создавање услови за посигурно опкружување на сите. Само така димензиите на трансгенерациската траума ќе се пренасочат во создавање култура на доверба, одговорност, безбедност и инклузија.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарка: Ана Арсеновска Зафирова

Фото: Приватна архива

Преземено од Республика.еду.мк

Зачлени се на нашиот е-билтен