Граѓаните маршираат за непристрасна и сеопфатна истрага за трагедијата во Кочани. Кому му пречи тоа?

Ако актуелната, или било која идна власт, не го прифати тоа за да биде партнер со граѓаните и граѓанските организации во борбата против корупцијата, ќе се соочи со народот кој ја губи секоја трпеливост.

Зоран БОЈАРОВСКИ

Трагедијата во Кочани, како и неколкуте трагедии во изминатите години, не може и не смее да заврши без епилог кој ќе докаже дека општеството е подготвено да се справи со трулежот на системот. Без разлика каде и до кого ќе стигне дренажата на гнојот на корупцијата.

Премногу скапо е платена цената. Непоимливо скапо за да заврши со селективна и политички контаминирана правда, која, ако остане таква, не ни може да биде наречена правда.

Колку повеќе се одлага толку повеќе ќе расте незадоволството на јавноста и народот.

Оттаму, апсурдно е да бидете против неселективна и политички неконтаминирана истрага за една ваква трагедија која им донесе страшна загуба на толку семејства и која е исклучително тешка општествена траума која мора да се оконча со непристрасна и сеопфатна истрага. Тоа го бараат граѓаните кои излегуваат на протести и тоа треба да го добијат.

Кој се плаши од чистењето на гнојот на корупцијата?

Но, од страна на власта и на нивните поддржувачи во медиумите и на социјалните мрежи, овие барања на граѓаните беа дочекани со силен говор на омраза

Тоа е веќе видена стратегија на власта и на провладините медиуми, кои, за жал, не успеваат или не сакаат да прифатат дека ставајќи се во улога на некритички бранители на власта, всушност, го попречуваат процесот на истрагата да биде сеопфатен и неселективен. Можеби се работи и за страв за тоа до каде и до кого може да дојде истрагата кога би се спроведувала без опструкции и спинови.

Така ја оценуваат хајката и експертите со сериозно искуство за општествените процеси.

„Оваа хајка само го потврдува мојот став дека во Македонија се игра претставата демократска држава, а не се живее во демократска држава. Имено, во моментот кога некој ќе проба да ги тргне кулисите кои ја затскриваат играта која се случува зад нив, се пуштаат во првите редови партиски војници кои омаловажуваат, дискредитираат, манипулираат и прават сѐ што е во нивна моќ да не дозволат тргање на кулисите и вадење на виделина на вистинските случувања“, оценува проф. д-р Мирјана Најчевска од Институтот за социолошки и правни истражувања.

За Неда Здравева, претседателка на Управниот одбор на Хелсиншкиот комитет за човекови права „оваа хајка, која ги надминува границите на човечност ако се цени по некои изјави ја гледам само како обид да се замолчат оние кои бараат држава каде владее законот, а не поединечни или партиски интереси. Само се прашувам каде тоа ќе нѐ одведе“.

Инаку јавноста не треба да има никакво сомневање дека говорот на омраза и хајката е поттикнуван од владината врхушка, особено онаа што доаѓа од претставниците на ВМРО-ДПМНЕ. Тука особено ја имам предвид изјавата на премиерот Мицкоски за кој сите оние што мислат различно и што протестираат се глодари и лешинари.

Во разговорот за Рацин.мк, Најчевска вели дека по својата форма, изјавата на премиерот е говор на омраза, но, според неа, таа е и нешто повеќе.

„Многу поважно е зошто е употребен ваков речник. Со оглед на тоа дека станува збор за една од највисоките функции во власта, според мене нема друго објаснување освен тоа дека станува збор за страв. Страв дека ќе почнат да се отплеткуваат вешто исткаените лаги и малверзации. Страв од почеток на поставување прашања и барање одговори како еден од базичните елементи на демократијата. И секако, страв од одговорност“.

Општо мислење е дека на политичар избран од народот не му доликува да промовира толку ниска политичка (не)култура) и со тоа да влијае и врз истрагата и врз јавното мислење. 

„Употребата на такви термини (глодари и лешинари) во јавниот дискурс никому не донело ништо добро. Напротив, се подгреваат ниските страсти и некои поединци и групи се чувствуваат слободни да ги употребат сите (особено недемократски и насилни) средства за ‘пресметка’ со неистомислениците“, смета Неда Здравева.

Студентите веднаш станаа цел на говор на омраза, но тие не се аморфна маса

Дел од тие „неистомисленици“ се студентите на македонските универзитети кои ги активираа своите пленуми за да побараат сеопфатна и непристрсна истрага за трагедијата во Кочани во која во најголем број животите ги загубија нивни врсници.

Но, тие, студентите и нивното организирање, веднаш станаа цел на говор на омраза и на дезинформации за нивниот мотив.

„Во држава во која градењето на критичко мислење не е дел од образовниот процес, во која вредносниот систем се уште е доминантно базиран на патријархалните вредности и во која лажните вести се шират дури и од навидум респектабилни медиуми, младите се ставени на ветрометина без вистинско оружје во рацете. Јас слушнав дури и од мои многу почитувани колеги професори дека треба да ги оставиме студентите сами да решаваат во случајов, а ние да се држиме на страна и да помогнеме само доколку тоа самите студенти го бараат. Ова е според мене најпогрешен пристап. Напротив. Ние треба да бидеме со нив, да им дадеме сигурност, па ако треба и да го изедеме стапот наместо нив. Ама никако не смееме да ги оставиме сами да се справуваат со моќната машинерија на партии обединети во заштита на корупцијата“, укажува професорката Мирјана Најчевска.

Од друга страна Неда Здравева, која што е професорка на Правниот факултет на УКИМ на Институтот за граѓанско право, е на ставот дека студентите не се аморфна маса која може да биде изманипулирана, заведена, злоупотребена.

„Студените се оние кои имаат моќ да придвижуваат, да менуваат, да ги доведува работете на своето место. И со таа голема моќ оди и голема одговорност – кон себе и кон другите. Ако се подготвени да ја носат моќта, треба да се подготвени и да бидат одговорни. Јас верувам дека се и дека при донесувањето одлуки ничиј интерес не им е поважен од интересот кој тие го имаат – да имаат иднина овде“, смета Здравева.

За неа „секој обид да се направи раздор помеѓу студените и младите воопшто, да се замолчат, да се стави фокусот на некои сосем неважни аспекти, е обид вниманието на јавноста да се сврти од она што е најважно во овој момент – да се обезбеди дека секој одговорен ќе одговара, во постапка утврдена со закон кој доследно и непристрасно се применува“, итакнува Неда Здравева, професорка на Правниот факултет на УКИМ и претседателка на УО на Хелсиншки комитет за човекови права.

На испит е степенот на демократијата

Имајќи го сето претходно предвид, ги прашавме нашите соговорнички што ни останува како политички, институционален, излез, од една страна и дали граѓанскиот активизам може да биде фактор кој ќе донесе промени.

Најчевска е на став дека на Македонија и е потребна технократска влада која ќе прогласи мораториум на менување на законите и ќе проба да ги постави темелите на владеењето на правото и демократските институции, а посебно заштитните механизми во државата.

„Сега сме излезени надвор од главниот развоен колосек. Ни треба посебен вид локомотива да се извлечеме од ќорсокакот во кој сме забиени веќе подолго време и да се вратиме на главниот колосек. Мора да се изградат институции кои ќе функционираат со апсолутно почитување (до ниво на ригидност) на однапред договорени правила, процедури и критериуми“, оценува Најчевска.

Најчевска смета дека „граѓаните се западнати во клиентелистичка летаргија од која не може така лесно да бидат извлечени, а во моментов не постои партиска структура која има интелектуален и морален капацитет да направи коренита промена“.

Во делот на институционалните капацитети и на политичката волја, соговорничките на Рацин.мк, како да делат исто мислење.

„Или сите чинители ќе го направат она што од нив се очекува и на што правото ги обврзува, или  многу брзо ќе му дојде редот на она “последниот кој ќе си оди нека го изгаси светлото, да не се троши струја“. Заробеноста на институциите меѓу интересите на партиите на власт, секоја власт, не’ доведе до ова „дереџе“ и се сомневам дека имаме иднина ако вака продолжи“, нагласува Неда Здравева.

Иако се сѐ уште свежи и болни раните од трагедијата од Кочани, првите реакции и одговори на трагедијата за поуките од неа ги исправаат и прашањата за степенот на демократијата во македонското општество.

„Според мене во Македонија повеќе глумиме отколку што фактички имаме демократија. Законите, правилата, процедурите, критериумите, институциите се кулиси кои создаваат привид на реалност, меѓутоа вистинските случувања и активности се одвиваат зад овие кулиси. Она што го гледаме како граѓани е претстава во режија на партиските структури“, смета Најчевска во врска со ова прашање.

За неа не е случајно што владејачките партии ја продаваат флоскулата дека оваа трагедија не смее да се користи во градење на политички капитал, но за неа таа флоскула се користи како „штит од било кое барање на одговорност од политичарите, чепкање во системот и загрозување на севласта на партиите“.

„Оваа трагедија мора да ја искористат граѓаните не само како политички капитал, туку како политичко оружје со кое ќе атакуваат на сценариото на лажна демократија кое ја заменува страшната реалност на партократијата“, е ставот на Мирјана Најчевска од ИСПИ.

Народот ја губи трпеливоста

Овие денови и во деновите пред нас, за македонските граѓани останува надеважта дека единствената „последица“ од протестите ќе биде правдата. Ако биде испорачана сеопфатна, неселективна и политички неконтаминирана правда, ќе покажеме дека општеството е подготвено да тргне по патот на темелна борба поротив корупцијата која никогаш не треба да заврши зашто корупцијата има особина да се пробие и низ најмалата пукнатина на системот и повторно да добие димензија на смртоносен канцер за општеството.

Само партиите и политичките структури не можат да бидат „борци“ против корупцијата, зашто се докажа дека тие, всушност, го генерираат.

Затоа, ако актуелната или било која идна власт не го прифати тоа за да биде партнер со граѓаните и граѓанските организации во таа борба, ќе си се соочи со народот кој ја губи секоја трпеливост.

Ако власта не е подготвена да се соочи со пораките „Правда“, „Не се плашиме“, „Уа профитери“, „Одговорност“, „Нема правда, нема мир“, „Ние сме системот“, „Цела Влада оставка“, „Системот е следен“,„Доста беше смрт”, „Секој еден, може да е следен”, „Државата ги убива своите деца“, „Купен мир и тишина пострашни од војна“, „Колку мито треба за да ги вратиме жртвите”, „Нема тишина, само правдина”, ќе треба да се соочи со уште поголем гнев на народот.

Зачлени се на нашиот е-билтен