Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

ДЕБАТА СО АДВОКАТОТ НА ЃАВОЛОТ – ЧУМУ ИСТРАЖУВАЊЕ ЗА МЕДИУМСКА ПИСМЕНОСТ?

Неколку дена откако истражувачите на Институтот за комуникациски студии (ИКС) го завршиле истражувањето „Ранливост на дезинформации кај различни групи граѓани во Северна Македонија“, имале необична посета. Ги посетил Адвокатот на ѓаволот, кој покажал посебен интерес за истражувањето. Како резултат на тој интерес и како резултат на поентите од истражувањето, во салата за состаноци на ИКС се одржал занимлив разговор кој ви го пренесуваме во целост.

Разговараат АЃ (Адвокатот на ѓаволот) и И (Истражувачот)

АЃ: Го прочитав извештајот од Вашето истражување за ранливоста на дезинформации. Истражувачу, зошто воопшто ги истражувате дезинформациите? Според мене, дезинформациите немаат толкава важност колку што им се придава!

И: Затоа што живееме во општество преплавено со информации и дезинформации, па индивудуата сè потешко може да ја препознае вистинитата информација. Дезинформациите се опасни поради нивната потенцијална разорна моќ да нè наведат на погрешна одлука, однесување, да предизвикаат конфузија, нереди, да предизвикаат дури и војни. Дезинформациите, благодарение на светската мрежа, односно на интернетот, денес се шираат многу побрзо и полесно, и ние мора да ги сфатиме начините и механизмите како им успева тоа.

АЃ: Истражувачу, внесувате и еден поим „ранливост на дезинформации“? Каква е, пак, таа ранливост? Што подразбирате кога велите ’ранливост‘?

И: Ранливоста значи неможност, незнаење, немање способност и/или капацитет на поединецот да се заштити од нешто што може да го повреди.

АЃ: Јас прашав што е ранливост на дезинформации. Постои ли такво нешто или Вие само конструирате поим без некое посебно значење?!

И: Потребата од ваков поим е всушност насушна. Подразбира недостиг од свесност за постоењето на дезинформациите, како и за намерата на оние кои ги шират. Непознавањето на потенцијалната разорна моќ на дезинформациите ја отвора вратата за многу несакани дејствија, често дури и нехумани, непримерни за хуманото човештво. Конструирањето ваков поим, а подоцна и неговото испитување и истражување, пак, има крајно добронамерна цел: поттикнува свесност кај граѓаните за потенцијалните опасности од ширењето на дезинформациите, и организиран и систематски одговор на таквото ширење. Општествена одговорност е да се грижиме за оваа ранливост и да се обидеме да направиме нешто со што би ја намалиле.

АЃ: Од кога се појавуваат дезинформациите, тоа е понов или постар феномен? Штом сега ги истражувате, изгледа е феноменот нов!

И: Се вели дека дезинформациите помогнале да се доведат римските императори на власт, кои користеле пораки на монети како форма на масовна комуникација, а нацистичката пропаганда своевремено во голема мера се потпирала на печатот, радиото и киното во намерата да влијае врз ставовите и однесувањата на народот. Феноменот е прилично стар, можеби заложбите за (систематско) справување со дезинформациите се од поновата историја. Денес, обидите за пласирање дезинформации можат дополнително да ја искористат дигиталната инфраструктура што е неспоредлива во својот дофат со сите претходни. Интернетот допира до милијарди поединци и им овозможува на испраќачите да ги приспособат убедливите пораки на специфичните психолошки профили на поединецот. Затоа денес сè повеќе се истражуваат дезинформациите и нивното влијание.

АЃ: Па, како мислите Вие дека можете да ја „победите“ целата оваа дигитална инфраструктра? Тоа е невозможно!

И: Со развивање отпорност.

АЃ: Отпорност на што?

И: Отпорност на дезинформации, што значи опременост со знаење и вештини за преиспитување на вистинитоста на информациите, како и на целта и начинот на којшто се пренесени до нас. Тоа е нешто што се учи!

АЃ: Зошто, пак, да се развива отпорноста кај широката јавност и ранливите групи кон дезинформации? Нели може нешто друго, попрактично? Нели е поедноставно да се обучат новинарите да не шират дезинформации???

И: Бидејќи е многу тешко, дури и невозможно, да се влијае врз креаторите на дезинформации, со оглед дека тоа е најчесто резултат на свесни и промислени тенденции за манипулации, најважно е да ја развиваме отпорноста на јавноста на дезинформации, особено ранливите групи.

АЃ: А како, пак, тоа може да се развива? Како мислите дека може да развиете отпорност на дезинформации??

И: Има неколку начини, но зголемувањето на медиумската писменост е еден од најефикасните начини.

АЃ: Аха, затоа ли како предмет на истражување ја зедовте медиумската писменост? Ми личи на едноставен потфат!

И: Да, предметот ни е поврзаноста на медиумската писменост со препознавањето знаци за дезинформации, но потфатот воопшто не е едноставен. Во овој механизам вклучивме неколку променливи за коишто сметаме дека се поврзани: писменост за вести; мотивираност да се следат вести; интерес и мотивација да се научи што се дезинформации; свесност за постоење бариери при препознавањето и справувањето со дезинформации. Ви реков дека потфатот воопшто не е едноставен.

АЃ: Мислам дека непотребно комплицирате!

И: Станува збор за сложен механизам, сплет од неколку фактори. Ако сака да умее да ги препознава дезинформациите, поединецот мора да ги познава медиумските системи и како тие функционираат и влијаaт врз околината, а и да биде мотивиран (про)активно да се однесува кон процесот на восприемање вести/информации. Овие две работи всушност најчесто одат заедно. Ако е човекот мотивиран, ако сака, ако има желба да знае да ги препознава дезинформациите, тогаш најверојатно и ќе се едуцира за тоа како функционираат медиумските системи во општеството. Но, и другиот механизам е еднакво важен и веројатно точен: тој што ќе се образува за медиумите и за медиумските системи, станувајќи свесен за механизмите на дејствување на дезинформациите, ќе биде и сè помотивиран да ги препознава скриените знаци за дезинформации. Активациската компонента е составен дел од медиумската писменост.

АЃ: Сепак сметам дека е невозможно да се измери медиумската писменост. Како ја мерите Вие? Како ќе измерите колку е некој медиумски писмен???

И: Прво, потребно е да се прави разлика помеѓу писменоста за вести и медиумската писменост. Секако дека овие два поими се преклопуваат во некој сегмент, но не се целосно синоними. Писменоста за вести ја мериме преку 3 компоненти: едната е потребата за спознавање, втората е локус на контрола во однос на медиумите, а третата е знаењето за медиумите. Првата значи потреба на човекот да биде вклучен во размислување, мисловни активности. Втората значи лично чувство на поединецот дека тој владее со информациите, а не информациите (медиумите) со него. Третата компонента се однесува на знаењата за структурата на медиумите, како функционираат, која е нивната улога и влијание и како се регулирани тие. Така, луѓето кои имаат поголема потреба за сознавање (кои се интелектуално љубопитни и уживаат да бидат вклучени во мисловни активности), кои имаат чувство дека владеат со информациите/медиумите (повисок локус на контрола), како и оние кои имаат поголеми познавања за структурата, функционирањето и влијанието на медиумите – ќе имаат поголема писменост за вести. Медиумската писменост, пак, е конструкт којшто, покрај писменоста за вести, во себе вклучува и активациска компонента како мотивираност за следење вести и мотивираност за учење и оспособување за препознавање дезинформации, како и свесност дека тој процес не е едноставен, напротив, дека постојат многу бариери, многу пречки при препознавањето и справувањето со дезинформациите.

АЃ: Ме збунувате сега… Медиумска писменост е исто што и отпорност на дезинформации? Оние кои се медиумски помалку писмени се и поранливи на дезинформации???

И: Да, тоа е како фигура и заднина, едното е одраз на другото. Во заднината е медиумската писменост, појавното однесување е препознавањето на дезинформациите и однесувањето соодветно на тоа.

АЃ: Сте вклучиле и знаење за теми како процесот на европската интеграција и климатски промени? Не гледам никаква релација на познавањето на ваквите теми со медиумската писменост?

И: Одговорен граѓанин е добро информиран граѓанин. Активен граѓанин со партиципативна култура е граѓанин кој е и сака да биде соодветно информиран за важни општествени теми, прашања. Европските интеграции се важна и горлива тема за нас, а климатските промени се горлив проблем за целото човештво. Оттука, одговорен и активен граѓанин е граѓанин кој е медиумски писмен, но и писмен за теми од општествен интерес. Тоа се поврзани феномени!

АЃ: А како може да се измери дали и колку некој знае да препознава дезнформации? Ми се чини дека постојано се обидувате да мерите немерливи работи!

И: Конструиравме 3 текста, три кратки вести претставени како интернет-вести (вести на интернет-портал), во кои вметнавме знаци по коишто може да се препознаат дезинформациите и гледавме дали испитаниците успеваат да ги најдат тие знаци. Не сме потполно сигурни дека токму тоа е валиден инструмент за мерење на умешноста за препознавање дезинформации, но сепак веруваме дека дава одредени насоки.

АЃ: Е, кои се тие знаци?

И: Пренагласување одредени информации, ненаведување прецизни извори, употреба на емотивно оптоварени зборови, повеќе печатни грешки во текстот, претерано користење интерпункциски знаци – сето тоа го вклучивме во текстовите.

АЃ: Колку знаци препознаа студентите?

И: Па, по 2-3 во секоја од вестите.

АЃ: А пензионерите колку?

И: По еден.

АЃ: А колку знаци за дезинформации беа вклучени во една вест?

И: 9 во секоја од трите вести!

АЃ: На што се должи ова? Зошто студентите, а особено пензионерите препознаваат толку малку знаци за дезинформации? Кој е одговорен за ваквата ситуација?

И: Одговорни сме сите ние коишто сме вклучени во едукацијата, особено на младите, а не успеваме да развиеме интелектуална љубопитност; сите ние што се занимаваме со комуникации и медиуми, а не успеваме да им пренесеме на младите знаења за тоа како функционираат медиумите, па дури сме придонеле и кон одбивност за следење медиумски содржини, особено кај младите; одговорни се и оние кои креираат политики, а не се чувствуваат одговорни што не ја градат отпорноста на дезинформации.

АЃ: Зошто избравте интернет-вест? Дезинформации се шират низ сите медиуми!

И: Сметаме дека интернет-веста има најголема потенцијална разорна моќ зашто може да дојде до поголем број корисници; тука подготовката на вестите е со најголем број предизвици, дури имаме и нечовечки облици (bot) што креираат вести; таа сфера е и најмалку регулирана, па претпоставивме дека дезинформациите најбзо и најлесно се шират на интернет. Кај традиционалните медиуми состојбите се, повеќе или помалку, поинакви.

АЃ: Јас, искрено, од дрвјата не можам да ја видам шумата! Што докажавте всушност Вие за медиумската писменот? Кое е најважното сознание од Вашето истражување?

И: Сложено е истражувањето, вклучени се неколку компоненти, но таков е и целиот тој процес/ механизам на препознавање и справување со дезинформациите. Она што е првенствено важно да се разбере е дека тоа не е едноставен процес, вклучени се неколку фактори кои си влијаат заемно еден на друг. А круцијалното сознание е тоа дека медиумската писменост влијае врз умешноста за препознавање на знаците за дезинформации, па луѓето кои се медиумски писмени поуспешно ќе ги препознаваат дезинформациите. Но, тоа, интересно, важи само за студентите! Кај пензионерите се други „правилата на игра“. Тие помалку го познаваат киберпросторот, помалку го познаваат функционирањето на порталите и веројатно мислат дека веста се подготвува исто како и во мејнстрим медиумите. Оттаму тие, иако медиумски писмени исто колку и студентите, ќе немаат речиси никаква умешност за препознавање на дезинформациите во интернет-вестите.

АЃ: И што сега? Каде и за што можат да се употребат овие сознанија? Јас не гледам некоја голема корист од нив!

И: Користа е огромна! Кога се знае механизмот на дејствување на медиумската писменост, кога се знаат факторите, мотивите и бариерите во процесот на препознавање и справување со дезинформациите, тогаш тоа може и треба да се искористи во креирање едукативни содржини и/или програми за развивање на медиумската писменост. Спецификите, пак, на овој механизам за секоја група (било тоа да е според возраста, полот, образованието…) треба да бидат внимателно и адекватно искористени!

Впрочем, видете ги внимателно податоците прикажани во истражувањето па оттаму ќе сфатите како можат тие да бидат употребени и практично и корисно!

Преземено од ИКС.мк

Зачлени се на нашиот е-билтен