Кочо Рацин ги постави темелите на современата македонска книжевност. Бил и сѐ уште е еден од најчитаните и најпопуларни македонски поети. Тој е бард на македонската поезија затоа што најинтимно ја допрел душата на народот, ја искажал болката на работниот народ и ја поттикнал неговата надеж и верба во поубава и поправедна иднина, истакна претседателот на МАНУ, академик Живко Попов, на денешната промоција на тритомното издание „Кочо Рацин“.
Едицијата се состои од три тома подготвени минатата година, во рамки на научно-истражувачки проект на МАНУ: Поезија (прв том приреден од проф. д-р Венко Андоновски); Проза и публицистика (втор том приреден од проф. д-р Искра Тасевска Хаџи-Бошкова); и Животопис на Рацин (трет том чиј приредувач е проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска).
Академик Попов истакна дека новата едиција е „добредојде од МАНУ за Рацин“ зашто, рече, се појавува по 38 години од последната истражувачка публикација за него, објавена во 1987 година, и дека промоцијата е надоврзување на свечениот собир што МАНУ го организирала на 22 декември 2008, по повод 100 години од раѓањето на Рацин.
Верува, рече, дека со новата едиција ќе се обнови „не само интересот за делото и дејноста на Рацин, туку ќе се реафирмираат и неговите уметнички и научни квалитети, а со тоа ќе се укаже на актуелноста на неговото дело“.

Попов посочи дека трите тома имаат карактеристики на критичко издание, но дека „целосно критичко издание допрва треба да се изработи“ за што, рече, е неопходна дополнителна истражувачка работа по архивите во неколку центри во соседството.
-Сепак, со оваа тритомна едиција е направен голем исчекор во доближувањето на богатиот и разновиден книжевен опус на Рацин до македонската научна, културна и образовна јавност. Ова е единствено издание кое ја претставува интегрално поезијата на Рацин од нејзините почетоци до крајот, потоа првпат ја претставува севкупната засега достапна проза и публицистика на Рацин во оригиналните верзии во превод и во адаптација на современиот стандард на македонскиот јазик и на крај, во третиот том, прави ново хронолошко и наративно исчитување на животот на Рацин. Сите томови се придружени со предговор и со обемни и темелни поговори, особено првиот и вториот том. Колегата Венко Андоновски е автор на поговор кој претставува цела една книга за Рацин. Обемен и детален е и поговорот на професорката Искра Тасевска Хаџи-Бошкова, а третиот том, како биографски, претставува навраќање со коментари на сите позначајни датуми и настани во животот на Рацин, истакна претседателот на МАНУ.
Главниот редактор на изданието, академик Катица Ќулавкова, во уводната реч рече дека трите тома на едицијата „Кочо Рацин“, „се досега најблиску до она што се сфаќа како критичко издание и читање на неговото книжевно дело од пристојна историска дистанца, дополнето со преводите и јазичното осовременување на неговите прозни и публицистички текстови“.
Поезијата на Рацин напишана пред речиси еден век, рече таа, „и денес се чита како да е жив отслик на стварноста“ и затоа Рацин „треба да биде сочуван во колективната меморија на Македонците, но и пошироко на јужнословенските и европските слободољубиви и правдољубиви народи“.
-Овие три тома ја покажуваат движечката сила на љубовта, восхитот и почитта кон уметноста и македонското културно наследство … Зошто е важно да се чита Рацин денес? Затоа што Рацин ги поттикнува исконските човечки пориви – да се восхитуваме пред убавината, да ја обожаваме самата состојба на вљубеност, да го воспеваме своето родно поднебје, својот народ и своето духовно и материјално наследство, а истовремено да бидеме отворени спрема светот онака како што тоа го има кажано самиот Рацин во своите бесмртни стихови од песната „Татунчо“: „Ако куќа не направив со високи шимшир порти, куќа цел свет братски ми е“. Затоа што Рацин бил страстен човек, но и надарен поет, бескомпромисен борец за правда и бранител на угнетените, рафиниран мислител и пасиониран истражувач на идеолошките матрици… хуманист и футурист, македонист и интернационалист … Не може да се чита поезијата на Рацин, а да се негува ропски менталитет, не може да се чита Рацин, а да се остане рамнодушен и малодушен…, истакна Ќулавкова.

Попов и Ќулавкова изразија благодарност до покровителите на едицијата – бизнисмените Коста Кипровски и Ана Заковска, на чија иницијатива и финансиска поддршка излегува тритомното издание.
Коста Солев Рацин (Велес, 22 декември 1908 – 13 јуни 1943, на Лопушник, Кичевско) е основоположник на македонската современа поезија, проза и публицистика и истакнат политички активист, борец за социјална правда и слобода на македонските и југословенските простори.
Во освртот за творечката дејност на Рацин, академик Попов рече дека првата негова стихозбирка, „Антологија на болката“, е напишана на некогашниот српско-хрватски, во 1928-1929 година, а на македонски јазик преведена од Гане Тодоровски и објавена постхумно во неговите Избрани дела од 1987 година.
Збирката „Бели мугри“ Рацин ја напишал на мајчин македонски јазик и ја објавил во 1939 во Самобор, Хрватска во 4000 примероци, тираж кој, рече Попов, денеска е речиси невозможен кога се работи за поетска книга.