Квалитетот на воздухот во Европа значително се подобри во последните неколку децении, но сè уште има места низ ЕУ каде што концентрациите на загадувачи ги надминуваат тековните стандарди на ЕУ и уште построгите вредности препорачани од СЗО.
Ова го соопшти Европската агенција за животна средина (EEA).
Според податоците за 2023 и 2024 година, нивоата на некои од најголемите загадувачи биле под годишните ограничувања што ги пропишува Европската Унија.
ЕЕА посочи дека ќе бидат потребни дополнителни мерки, особено во градовите, за целосно да се достигнат стандардите за квалитет на воздухот што мора да се исполнат до 2030 година.
Стандардите за нивоата на фини честички PM2.5 беа исполнети на 99 мерни станици, а за нивоата на азот диоксид на 98 проценти, според овогодинешниот извештај на ЕЕА за квалитетот на воздухот.
Сепак, препорачаните нивоа на СЗО во голема мера не се исполнети, а загадувањето на воздухот останува најголемиот ризик по здравјето на животната средина во Европа, предизвикувајќи болести, намалувајќи го квалитетот на животот и доведувајќи до смртни случаи што може да се спречат.
Бројот на места каде што квалитетот на воздухот се смета за безбеден за здравјето, според упатствата на СЗО, беше релативно мал, особено за PM2.5 и озон.
Ревидираната директива на ЕУ за квалитет на воздухот значително ги заострува стандардите и ги усогласува поблиску со упатствата на СЗО.
ЕЕА соопшти дека од 2011 година, сите земји ја намалиле изложеноста на урбаното население на PM2.5 честички, кои се најштетни за здравјето.
Во однос на стандардите што треба да се исполнат до 2030 година, кај повеќе од 70 проценти од мерните станици, концентрацијата на азот диоксид беше под граничните вредности.
Сепак, 94 проценти од Европејците што живеат во градовите сè уште се изложени на концентрации на PM2.5 над препорачаните нивоа на СЗО.