Одобрението за градба на хотелскиот комплекс во Горица, на брегот на Охридското Езеро, е незаконско. Според сите релевантни закони Владата има обврска да го прогласи ова одобрение за ништовно. Обврската за отстранување на градбата, за враќање на природата во првобитна состојба и поништување на урбанистичкиот план на кој се базира актуелното уништување, е владина обврска, се вели во претставката на 25 граѓански организации испратена до Владата на Македонија.
Во претставката се потсетува Владата дека тоа е нејзина обврска и според меѓународните договори – Бернската и конвенцијата на УНЕСКО. Според претставката сторени се бројни прекршоци, а можни се и кривични дела при инспекцискиот надзор на Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС).
Истите организации доставија претставка со слична содржина и барања и до Општина Охрид, а за целиот случај ги известија и пратениците, како и новоформираното меѓуресорско тело за координација на активности против корупцијата.
Граѓанските организации бараат итно да се спроведат Законот за животна средина, Законот за градење и Законот за општата управна постапка, според кои одобрението за градење издадено без оцена на влијанието врз животната средина, дури и без решение за одобрување на елаборат за животна средина, е ништовно.
Во претставката се додава дека издавајќи го одобрението за градење без оцена на влијанието врз животната средина, Општина Охрид го спречи и остварувањето на уставното право на граѓаните да учествуваат во процесот на одобрување на проектот, гарантирано со Законот за животна средина и Архуската конвенција. Организациите се осврнуваат и на улогата на ДИЖС и од премиерот и Владата бараат да се обезбеди испитување на можни коруптивни постапки од страна на сите посочени институции и вклучени лица.
„Државниот инспекторат за животна средина, институцијата чија основна должност е да го обезбеди спроведувањето на Законот за животна средина и да го заштити јавниот интерес – наместо да превенира, овозможи понатамошна деградација на природното наследство; заштити законски прекршувања, кривични дела, противуставни постапки и противзаконска материјална корист на Дивелоп Груп“, пишува во претставката.
Таа е потпишана од Фронт 21/42, Охрид СОС, Новинари за човекови права, Балканска водна мрежа, Институт за демократија „Социетас цивилис“ Скопје, Национален Рома центар Куманово, Институт за комуникациски студии, Центар за правни истражувања и анализи, АРТ поинт – Гумно, О2 иницијатива, Еко логик, Вело училишта, Зелен хуман град, Хумани градови, Грин.орг Кочани, Го сакам Водно, Здрава котлина, Институт за човекови права, Центар за управување со знаење, Метаморфозис, Планетум, Еко-живот, Движење на екологисти на Македонија и Гоу грин.