Граѓаните бараат транспарентност за проектот со депонијата во Пелагонија: „Ни треба рециклирање, а не закопување отпад“

Во Општина Новаци се одржа јавна расправа за изградбата на регионалната депонија во Пелагонија, при што граѓаните побараа јасен и целосен увид во проектната документација. Настанот се одржа во присуство на претставници од Министерството за животна средина, експерти и граѓани од повеќе пелагониски општини.

Присутните истакнаа дека не се против решенија за управување со отпадот, но дека сакаат тие да бидат еколошки, современи и усогласени со европските практики. Главната забелешка беше дека проектот треба да се фокусира на процесирање и рециклирање на отпадот, а не на негово закопување.

„Бараме 90% од отпадот да се рециклира, а остатокот да се третира со современи технологии, без да се загадува животната средина. Не прифаќаме полнење на стари ископи како оној во РЕК Битола, што може да ја загрози подземната вода низ цела Пелагонија“, изјави Никола Танчевски, иноватор и активист од Битола.

Недоверба и барање за јавен увид во документацијата

Граѓаните нагласија дека досега никој од локалните жители, ниту стручната јавност, немале увид во деталите од проектот.

„Никој не го има видено ниту проектот за депонијата, ниту за патот што треба да се гради низ Пелагонија за транспорт на отпадот. Бараме проектната документација да ни биде доставена за да ја анализираат експерти од универзитетите и од ЕУ. Ако е сѐ во ред, ќе го прифатиме, но ако не – ќе следат протести и референдум“, додаде Танчевски.

Властите уверуваат дека постапката е започната одамна

Заменик-министерката за животна средина, Ане Лашковска, објасни дека проектот е започнат во 2019 година, а неговата реализација се движи според предвидената динамика.

„Во 2022 беше постигнат договор со ЕБОР, а во 2023 веќе е обезбеден кредит од 55 милиони евра, како и грант од дополнителни 41,5 милиони. Разбирлива е загриженоста кај граѓаните – и ние ја имавме кога дојдовме на власт. Но, проектот е дел од процес кој се води со години, со вклучени експерти и анализа на влијанието врз животната средина“, истакна Лашковска.

Од Министерството најавија дека дополнителните истражувања за еколошкото влијание се во тек и дека ќе бидат вградени дополнителни мерки за заштита на здравјето на граѓаните и природата.

Извор Независен

Зачлени се на нашиот е-билтен