Над 70 отсто од српските граѓани не гледаат решение во ниту еден од политичките актери – ниту во власта, ниту во опозицијата. Ова го покажуваат резултатите од најновото истражување на Институтот за општествени науки во Србија, посветено на актуелните студентски и граѓански протести.
„Алармантно е што немаме политички субјект кој има доверба од јавноста. Немаме кому да ѝ ја довериме власта, а во исто време сме во длабока општествена криза“, истакна Невена Новаковиќ од Институтот, во изјава за ТВ Н1.
Корупција, неправда, поскапувања…
Истражувањето открива дека корупцијата, социјалната неправда, континуираните поскапувања и лошиот образовен систем се меѓу најголемите проблеми што ги препознаваат граѓаните – без разлика дали ги поддржуваат протестите или не. Разликите меѓу двете групи, вели Новаковиќ, се сведуваат на ставот кон самите протести.
„Оние што не ги поддржуваат протестите, токму нив ги гледаат како проблем. Тоа е единствената длабока разлика меѓу граѓаните – во сите други прашања се покажуваат само нијанси“, додава таа.
Во однос на конкретната поддршка за политичките актери, опозицијата ужива доверба од околу 20 отсто од испитаниците, додека власта има поддршка од само 6–7 отсто.
Паралелни реалности – ист проблем
Иако проблемите се заеднички и општо препознаени, граѓаните живеат во паралелни реалности кога станува збор за решенијата. Дури и меѓу оние што не ги поддржуваат протестите, постои недоверба во институциите, што, според Новаковиќ, создава контрадикција.
„Би било неверојатно некој да нема доверба во институциите, да ја признава корупцијата, а сепак да верува во ефективноста на избори или дијалог со властите“, вели таа.
Протестите како активна форма на отпор
Резултатите покажуваат и висока активност кај поддржувачите на протестите – над 72 отсто од нив се физички вклучени во некој вид акција: потпишување петиции, донации или директно присуство. Од друга страна, противниците на протестите решението го гледаат во прекин на блокадите и отворен дијалог со власта, а некои и во распишување предвремени избори.
Апатија или недостаток на избор?
Еден од најзагрижувачките наоди е проценката дека доколку сега се одржат избори во Србија, излезноста би била исклучително ниска. Но, причината не е апатија, туку – недоверба и отсуство на вистински политички алтернативи.
„Тоа не е само проблем кај младите. Имаме околу 71–72 отсто граѓани кои немаат доверба ниту во власта, ниту во опозицијата. Ова е системски проблем што ги засега сите“, заклучува Новаковиќ.