По смртта на папата Франциск на 89-годишна возраст, вниманието на светската јавност се сврте кон Ватикан и прашањето што ја вознемирува глобалната католичка заедница: кој ќе го наследи на чело на Римокатоличката црква?
Иако теоретски секој крстен католички маж може да биде избран за папа, практиката покажува дека новиот поглавар речиси секогаш доаѓа од редовите на кардиналите. Токму тие ќе се соберат во Сикстинската капела на тајното гласање – познато како конклава – каде ќе се избере наследникот на папата Франциск.
Без јасен фаворит
Како и во 2013 година, кога речиси никој не го предвидуваше изборот на аргентинецот Хорхе Марио Бергољо, така и сега нема изразен фаворит. Аналитичарите предупредуваат дека процесот на избор е затворен и непредвидлив, а шпекулациите се бројни.
Се очекува изборот да се одвива меѓу две крилја – прогресивното, кое ги поддржува либералните реформи на папата Франциск во однос на разводите, ЛГБТ лицата и мигрантите, и конзервативното, кое повикува на враќање кон традиционалните вредности.
Од вкупно 252 кардинали, 138 имаат право на глас – сите именувани од страна на папата. Кардиналите постари од 80 години не можат да гласаат, но можат да присуствуваат на дебатите.
Кој се споменува како можен наследник?
Петер Ердо – Унгарскиот надбискуп од Будимпешта важи за главен кандидат на конзервативното крило. Како искусен познавач на канонското право, се смета за стабилен избор кој би ја насочил црквата назад кон традицијата.
Луис Антонио Тагле – Филипински кардинал, наречен „азискиот Франциск“, препознатлив по својот скромен стил и отвореност. Доколку биде избран, ќе биде првиот папа од Азија. Тој важи за симбол на прогресивноста, но неговата релативно млада возраст (68 години) може да биде хендикеп.
Пјетро Паролин – Државниот секретар на Ватикан, познат по својата дипломатска активност, особено во обидите за посредување во конфликтот во Украина. Сепак, неговата кандидатура е засенета од финансискиот скандал поврзан со купување на луксузен имот во Лондон.
Хосе Толентино де Мендонса – Португалски кардинал, актуелен префект на Дикастериумот за култура и образование, важи за уште еден либерален кандидат близок до визијата на Франциск.
Матео Зупи – Надбискупот од Болоња е исто така меѓу фаворитите, познат по социјалниот ангажман и блискоста со поранешниот папа.
Питер Тарксон – Кардинал од Гана, советник на папата Франциск за климатски промени и социјална правда. Негов избор би значел прв африкански папа во историјата. Африканскиот блок го вклучува и Роберт Сара од Гвинеја, познат по конзервативниот став и критиките кон модерната родова идеологија.
Промена од „глобалниот југ“?
Од 2013 година, папата Франциск именуваше околу две третини од кардиналите со право на глас. Скоро половина од нив доаѓаат од Африка, Азија и Латинска Америка – региони чии приоритети често се разликуваат од оние на Европа и САД.
„Секој кардинал размислува локално – дали идниот папа ќе го разбере мојот народ, дали ќе зборува за нашите проблеми?“ – вели отец Томас Рис, американски свештеник и експерт за Ватикан.
Изборот ќе биде направен во Сикстинската капела, со двотретинско мнозинство. Во отсуство на јасен фаворит, исходот останува неизвесен.
„Кога Бенедикт XVI поднесе оставка, бев сигурен дека нема да изберат језуит. А сепак, избраа еден. Тоа ни покажува колку малку знаеме за тоа како навистина функционира црквата,“ заклучува отец Рис.