Приказната за младешката љубов на папата Франциск, која ја доживеал долг пред да стане поглавар на Католичката црква, повторно го привлече вниманието на јавноста по неговата смрт. Многумина веруваат дека токму ова искуство ги обликувало неговите животни вредности и начинот на кој ја водел Црквата.
Амалија Дамонте и Хорхе Марио Бергољо биле соседи во скромниот кварт Флорес, во Буенос Аирес. Тој, како дванаесетгодишник, развил силни чувства кон својата сосетка, а неговиот младешки занес го натерал да ѝ напише писмо кое подоцна стана познато во светот: „Ако не се омажиш за мене, ќе станам свештеник“. За да ја дополни пораката, приложил и цртеж на бела куќа со црвен покрив, замислувајќи си заеднички дом со Амалија.
Сепак, родителите на Амалија не ја одобриле нивната детска љубов. „Татко ми ме претепа затоа што се осмелив да му напишам писмо на едно момче“, изјавила Амалија за Асошиетед прес. Нивната забрана го означила крајот на оваа младешка љубов, но истовремено го започнала духовното патување на Хорхе.
Детската љубов што ја обликуваше иднината
Набргу по прекинот на контактот, семејството Бергољо се преселило, а Амалија продолжила со својот живот, основајќи семејство. Хорхе, пак, го избрал патот на духовната служба. Иако нивната врска никогаш не била обновена, Амалија ги следела неговите успехи во свештеничката кариера и подоцна во Црквата. Таа го памети како „големо, зрело и прекрасно момче“. Според неа, тие биле сродни духови: „Танцувавме, игравме на тротоарите и во парковите. Беше прекрасно време. И двајцата бевме скромни и се грижевме за сиромашните.“
Мисли за папската изолација
Марија Елена Бергољо, сестра му, еднаш изјавила дека не сакала нејзиниот брат да стане папа поради „бескрајната осаменост“ која ја носи оваа улога. Амалија, која денес има 88 години, со насмевка се присетува на тие денови и често вели: „За негова среќа, реков не.“
Иако љубовта на Хорхе и Амалија не беше судена да трае, таа остави не само спомен на младешка посветеност, туку и контекст во кој се обликуваше личноста која денес ја познаваме како папа Франциск – лидер кој, како што вели Амалија, „никогаш не ја изгубил својата човечност“.