„Кочани“ од Фејсбук е последен обид да се разбуди колективната свест во Македонија

 Македонското општество, барем последниве децении, е навикнато на трпение, на „ќе помине“, на „ништо не можеш да смениш“. И тоа чувство на беспомошност е веќе длабоко вкоренето – како да е дел од колективниот менталитет. Луѓето се исцрпени од предавства, од празни ветувања и од бескрајни транзициски разочарувања.

Љубиша НИКОЛОВСКИ

Третиот протест на родителите и роднини на починатите во кабарето „Пулс“ во Кочани пред неколку дена беше најемотивниот досега. Тој нѐ остави рамнодушен никого во оваа земја кој има некаква емпатија кон жртвите. Освен можеби кај оние кои народски кажано „се извадени од сите вери“ и на кои им недостига основно чуство на човечност. Ах, да и кај добар дел од медиумските работници кои овој настан го ставија на опашката на вестите. Ќе остане тајна дали поради не знаење или поради доброто функционирање на „системот“ кој секогаш се грижи прво за себе, како да опстои.

По трагичната несреќа во која животите ги загубија 62 млади лица, граѓанската иницијатива објавена на Фејсбук-страницата „Кочани“ повикува на обединување, заедништво и изградба на поинакво, посовесно и почитувано општество. Со силна порака дека „им должиме“ на загинатите и повредените, објавата ја критикува политичката апатија и нефункционалноста на системот, повикувајќи на граѓанска активност и свест.

Тоа е многу точна и горчлива констатација. Македонското општество, барем последниве децении, е навикнато на трпение, на „ќе помине“, на „ништо не можеш да смениш“. И тоа чувство на беспомошност е веќе длабоко вкоренето – како да е дел од колективниот менталитет. Луѓето се исцрпени од предавства, од празни ветувања и од бескрајни транзициски разочарувања. Последно масовно будење беше „Шарената револуција“, но и последно разочарување.

Таквата констелација на работите ја создало синтагмата „македонче“, што подразбира некој кој постојано молчи, не се буни, или и ако се обиде на нешто повеќе, тоа е краткотрајно. Едноставно како да нема силна колективна акција како во другите земји во соседството, особено забележетилно во Грција и Србија.

Србите, колку и да се поделени, го имаат тој „рефлекс“ на улица, на бунт, на гласна реакција – нешто што кај нас е сѐ поретка појава. Кај нас дури и кога има иницијативи, брзо се гаснат – или со партиски влијанија, или со апатија. Како да недостасува тој „оган“ во крвта за да зоврие.

Можеби токму затоа и институциите не се плашат – знаат дека луѓето ќе се налутат неколку дена на Фејсбук и потоа ќе продолжат понатаму.

Сепак, надежта последна умира и оттаму и вербата дека постои барем малку потенцијал нешто да се роди од трагедијата – некаков нов глас, граѓански, искрен, без политички багаж.

Дали е тоа „Кочани“ од Фејсбук, бргу ќе видиме.

Она што е исто така разочарувачки е што граѓаните како да се оставени сами на себе. Не чуствуваат дека имаат доволна медиумска подршка, а ниту политичка.

Тоа е едно од најболните чувства – не само што си изгубил некого или си бил сведок на трагедија, туку и после тоа си оставен сам, без глас, без заштита, без сојузници. Како да не е доволно што институциите затаиле пред трагедијата, туку затајуваат и по неа – во комуникацијата, во транспарентноста, во поддршката.

Медиумите, кои треба да бидат чувари на јавниот интерес, често завршуваат или во сензационализам или во тишина. А политичарите – кога не им одговара темата – ја „гушат“ и ја претвораат во шепот, како ништо да не се случило. Граѓаните ги чувствуваат тие тивки предавства. И најлошо е што тоа создава цинизам и апатија – како ништо да не вреди, како да нема смисла да се бара одговорност.

А токму тоа го сакаат оние што не сакаат да има правда – граѓаните да се уморат, да се откажат, да заборават.

Зачлени се на нашиот е-билтен