Северна Македонија има реална можност повторно да го фати чекорот кон Европската Унија доколку сериозно започне со спроведување на реформската агенда. Агендата 2030 на ЕУ е активна, а перспективата за членство е реална, остварлива и достижна, порача Владимир Дробњак – поранешен главен преговарач на Хрватска за пристапните преговори со ЕУ и експерт на УНОПС, на денешната дебата на тема „Реформите како заедничка одговорност: Градење консензус за пристапување на Северна Македонија во ЕУ“.
Според него, глобалниот поредок се наоѓа во фаза на сериозни промени и зголемена несигурност. Но, токму во такви услови Европската Унија останува релевантен и стабилен фактор кој може да понуди и сила и заштита. За Северна Македонија, додаде тој, најважно е да разбере дека нејзиниот центар на политичка гравитација не е само Скопје, туку и Брисел и Вашингтон.
„Националниот интерес најдобро се остварува кога се применуваат европските решенија“, истакна Дробњак, посочувајќи дека членството во НАТО е веќе постигнат успех, но дека и членството во ЕУ е клучна цел. Тој ги истакна трите клучни зборови што го опишуваат процесот на проширување: перспектива, празнина и условеност.
Перспективата, според него, е реална и произлегува од јасно дефинираните документи на ЕУ. Празнината се однесува на постоечкиот јаз меѓу земјите од Западен Балкан и земјите членки на ЕУ, особено во социо-економска смисла, кој може да се надмине со новите инструменти како што се Планот за раст и реформската агенда. Условеноста пак, подразбира дека земјата треба да ги исполни сите поставени критериуми за да напредува на патот кон членство.
Како позитивен пример го наведе хрватското искуство – стабилен преговарачки тим, широк политички консензус и одлучна соработка со меѓународните партнери, вклучително и со Хашкиот трибунал. Тоа, според него, беше клучот за успешно затворање на преговорите.
„2030 година не е далеку. Се очекува големо проширување на Унијата, но и внатрешни реформи и подготовка на новата финансиска рамка. Во тој контекст, Северна Македонија има шанса – реформската агенда е нејзиниот најважен инструмент во отсуство на формален почеток на преговорите“, рече Дробњак.
Тој додаде дека оваа година е клучна и дека политичката, академската и бизнис заедницата треба заеднички да го поддржат процесот. „Важно е реформите да се комуницираат отворено – тие се корисни за граѓаните. Хрватска излезе како подобра земја по тој процес. Истото може да го постигне и Северна Македонија“, порача Дробњак.